Македонија Случувања

Изложба на Благојче Наумоски ,,Света Геометрија на Артефактите” во Кичево

На 26 мај, петок, во Центарот на култура „Кочо Рацин“ – Кичево со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Благојче Наумоски – Бане насловена како „Света геометрија на артефактите“.

 

СВЕТА ГЕОМЕТРИЈА НА АРТЕФАКТИТЕ

Секоја материја во универзумот се базира на геометриски форми. Света геометрија е поимот кој всушност ги претставува сите геометриски основи, геометриски архетипи што ги користи природата во создавањето на сите животни форми – од најситни честички преку изрази забележливи со човечко око до вселената. Го покажува оној принцип на поврзаност, неразделивоста, единството на сите нешта што е и главната идеjа на самото дело, за едното што ги создава различните појавни манифестации, енергијата преку геометријата за принципот на божественото. Таа е репрезентација на математички односи кои често се јавуваат во природата и каде што се испреплетуваат дисциплини на музика, космологија, геометрија и физика.
Во дадениов проект сакам да имплицирам на тоа дека Геометриските форми кои што се наоѓаат во ,,Светата Геометрија на Артефактите’’ откриваат тајни кодови на античките цивилизации каде што светите геометриски форми се моќни мандали кои ни дозволуваат да се поврземе со повисоки димензии.
Формите или Артефактите во дадениов проект се дел од нас и на нашето културно наследство. Императив на проектот е да каже дека ние треба само да се поврземе, да погледнеме подалеку од нашето трето око и чувство. Разбирањето на скриените кодови на геометриските форми овозможува да разбереме како тие кодови, симболи на тие цивилизации се граделе така што сега им се дава прилика да бидат пронајдени и декодирани преку уметничко дело. Нашите претци ги откриле овие односи кои често се користени во прашањата поврзани со божествата како и изградба на сакрални објекти.
Исто така проектот е длабоко поврзан со Македонските археолошки артефакти кои што ги зедов како појдовна точка за истражувањето на светата геометрија почнувајќи од Големата Мајка, Александар, скулптурата на Афродита, Златните маски од Требеништа и други артефакти.

Во дадениов случај се воспоставува постапка на прикажување на позитив – негатив ситуација во делото на кој што материјалот т.е носачот (лимот) како мануелен експресивен или репрезентациски траг се деконструира од самите геометриски цртежи, така што објектот како чин на самото присуство на геометрискиот цртеж во него и обратно, отвора паралелен однос на артефактите и светата геометрија.

Благојче Наумоски – Бане

Leave a Comment

Close