Иако го одложија воведувањето на промени кои нема да им се допаднат на корисниците, сепак на крајот нивниот потег доведе до големо зголемување на бројот на претплатници.
Една од компаниите што профитираше за време на пандемијата беше Netflix. Луѓето беа принудени да ги поминуваат деновите во нивните четири ѕида, па многумина го поминаа тоа време со Netflix и други видео сервиси. Расте бројот на корисници, како и времето што корисниците го поминуваа гледајќи документарни филмови, серии и филмови.
Кога ситуацијата со пандемијата почна да се смирува, интересот за ТВ содржините падна, а со тоа и растот на бројот на претплатници на Netflix. Лидерите на компанијата мораа да изнајдат нови начини како да го поттикнат растот на бројот на претплатници, а со тоа и приходот, односно профитот. Како што често се случува, тие се одлучија за непопуларната опција, а тоа е – забраната за споделување лозинки, што налути многумина. Познато е дека оваа компанија со години замижува пред споделувањето лозинки и им овозможува на корисниците да ја споделат својата лозинка со пријателите и семејството и повеќе домаќинства да уживаат во Netflix за иста цена.
Покрај тоа, Netflix направи уште еден потег за да привлече повеќе претплатници, за што претходно не сакаа да одлучуваат. Станува збор за воведување на уште поевтин претплатен пакет, но во чии рамки ќе се прикажуваат реклами. Иако сите со години се навикнати да уживаат во Netflix без реклами, некои корисници на крајот се согласија на компромис, па гледаат реклами заедно со филмови и серии, но поради тоа плаќаат помала претплата.
Сите овие промени имаа ефект глобалниот број на претплатници да се зголеми за дури 9,33 милиони корисници во првиот квартал од оваа година. За тоа за каков голем пораст се работи најдобро говори податокот дека станува збор за двојно зголемување во однос на очекувањата на пазарните аналитичари за првите три месеци од годинава.
Ова е сигнал дека споделувањето лозинка е почеста отколку што се мислеше, и дека Netflix сега ги претвора таквите корисници кои споделуваа лозинки во претплатници, објасни аналитичарот на Emarketer Рос Бенес за Business Insider. Со оглед на тоа што се предвидуваше дека околу 100 милиони луѓе користеле туѓи лозинки, а бројот на нови корисници во фискалната 2023 година е зголемен за речиси 30 милиони, се уште има многу простор за раст на бројот на претплатници на оваа видео услуга.
/Zimo