Името на празникот Благовештението е истоименито со Евангелието.
Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос (ЈО Еујаггелисмовч), а на старомакедонски (црковно-словенски) јазик: Благовештение(БлаговѕГен·е). Составено е од два збора: блага + вест, радосна вест.
Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник. Со право некои го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.
Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија.
Бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во ВИИ век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.
Благовештение го празнуваат и Источната и Западната црква.
Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.
Благовец празник на мајките
Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.
На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание.
Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Денес, бакнете ја мајка ви. На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.
Именден
Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.
Датум на празникот
Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.
Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум: Првата е поврзаноста со Божик, а втората, со создавањето на човекот.
Уште од древноста, секогаш се празнувал на овој датум. Благовец е строго поврзан со Божик. Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април / 25 март с.к.), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари / 25 декември с.к.).