Македонија Случувања

Македонија ги одбележува Денот на Европа и победата над фашизмот

Со повеќе активности во Македонија денеска ќе биде одбележан 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.

Над 30 настани низ целата земја ќе организира и поддржи Делегацијата на Европската унија, во партнерство со повеќе организации, амбасади и општини, по повод одбележувањето на 67. роденден на ЕУ – Денот на Европа, чија цел е и да го доближи процесот на евроинтеграции поблиску до граѓаните.

Како што информираат од Делегацијата на ЕУ, станува збор за најразлични настани поврзани со спортот, како Скопскиот маратон и турнири во фудбал, настани од културата, потоа годишниот матурски танц за матурантите од средните училишта, како и бројни дебати, предавања, натпревари и локални фестивали.

По повод Денот на Европа, а со цел да ја прослават европската идеја на локално ниво, денеска во 12 часот хепенинзи ќе одржат членовите на ЕУ Инфо мрежата – ЕУ инфо точките во општините Дебар, Охрид, Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка, Велес и во Куманово.

Исто така, ЕУ автобусот, што ќе патува низ земјата, ќе престојува во Петровец, Негорци, Просениково, Србиново и во Пласница.

На 9 мај, 1950 година Роберт Шуман го презентираше предлогот за создавање  организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент, кој што беше разурнат од војните. Предлогот, познат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што денеска го знаеме како Европска унија.

Договорот од Париз во 1951 година кога беше формирана Европската заедница за јаглен и челик (ЕСЦС), Договорот од Рим за формирање на Европската Економска Заедница (ЕЕЦ) и формирањето Европската заедница за атомска енергија (Еуратом) во 1957 година, заедно со амадманските дополнувања со Договорот од Мастрихт за создавање Европска унија во 1992 година и Договорот од Амстердам од 1997 година, ја создадоа уставната основа на Унијата, поврзувајќи ги државите-членки посилно од кој било досега познат договор меѓу суверени држави.

Првично, активностите на Заедницата се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и железо на шесте држави основачи – Белгија, Франција, Германија, Италија, Луксембург и Холандија.

Во тој повоен период, на Заедницата се гледаше како на начин за зајакнување на мирот, преку соработка во рамките на меѓународна структура во која ќе се надминат различностите и сите држави ќе бидат третирани како еднакви.

Денес ЕУ ја сочинуваат 28 земји членки. Со Брегзитот, финансиската криза, миграциската криза, терористичките напади и ширењето на популизмот се смета дека Унијата се соочува со едни од најголемите предизвици од нејзиното постоење. Се оценува дека со победата на Емануел Макрон на изборите во Париз и оние во Холандија се отвора нова надеж за ЕУ.

Со повеќе активности се одбележува и Денот на победата над фашизмот. Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Почесниот руски конзулат во Битола по повод 9 Мај на Широк Сокак во неделата организираа концерт под наслов „Еден ден на војната“. На плоштадот „Македонија” во Скопје беше одржана и манифестација „Бесмртен полк“, а беше поставен и „Ѕид на сеќавање“ на се претставени портрети на учесници во антифашистичкото движење.

Во рамки на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот на 9 мај Амбасадата на Русија организира полагање венци пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“ во Скопје. Во Кинотеката на Македонија, пак, со проекцијата на „28 Панфиловци“ (2016), филм од најновата руска продукција во режија на Ким Дружинин и Андреј Шалопа ќе биде отворена „Неделата на рускиот филм“ посветена на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот. Проекциите ќе се одвиваат до 13 мај во кој период публиката ќе може да проследи уште четири наслови од кинотечкиот фонд на Русија посветени на темата на Татковинската војна.

На 9 мај 1945 година Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животот го загубија над 50 милиони луѓе, од кои над 20 милиони од поранешен СССР. Војната е официјално завршена неколку месеци подоцна, со капитулацијата на Јапонија, но во Европа тој ден се одбележува како Ден на победата над фашизмот.  Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, само од вардарскиот дел на Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои биле  депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.

Leave a Comment

Close