Снегот кој во Кичевско-Бродскиот регион врне непрекинато повеќе од 36 часа, создава големи потешкотии во нормалното функционирање на населението и најмногу го отежнува одвивањето на сообраќајот. Височината на снежната покривка изнесува од 30-50 сантиметри во зависност дали се работи за пониските делови од овој регион или за ридско-планинските села. Инаку екипи задолжени за зимско одржување, уште од синоќа ги чистат главните патишта во регионот, со цел сообраќајот да се одвива без застој.

-Во нашата општина за чистење на снегот од патиштата ангажирани се 23 машини од кои 11 се ангажирани во северниот регион, поточно во поранешните општини Зајас и Осломеј, јужната регија или поранешните општини Другово и Вранештица се расчистуваа со 6 машини, а со исто толку машини ЈКП „Комуналец“ ги чисти улиците во градот. Ако нема нови снежни врнежи, планираме во текот на утрешниот ден целосно да бидат исчистени патиштата и до најоддалечените планински села во нашата општина. Снабдувањето со струја е нормално и во тој поглед, барем засега, немаме никакви проблеми – вели Леоне Станишоски од ДЗС ПО Кичево.

Тој апелира до граѓаните и жителите од руралните средини, да го чистат снегот од покривите на своите куќи, плевни и штали, поготово на оние објекти кои се постари и каде постои реална опасност под тежината на снегот и да се срушат.

Во Општина Македонски Брод исчистени се магистралните патишта, односно оние патишта кои водат до селските населби и магистралниот пат Кичево-Брод-Прилеп. Екипите ангажирани од општината се континуирано на терен и се прават напори во наредното деноноќие сите патни правци во овој регион да бидат целосно расчистени, а во моментов се непроодни патиштата до дваесетина селски населби, Брест, Косово, Рамне, Брезница, Растеш, Заград, Волче, Могилец, Крапа и др.

Иса Незири од Општина Кичево ни посочи, дека мал проблем претставува чистењето на патиштата до планинските села Бериково, Папрадиште, Ново Село и Калешовци, кои во текот на утрешниот ден ќе бидат пробиени, истовремено ќе бидат исчистени и патиштата и низ селските населби, а во оваа операција се очекува да се вклучат и машини од РЕК „Осломеј“ и екипите за зимско одржување на патиштата.

Текст: Зоран Антоски