Кичево Случувања

Света Пречиста Кичевска денес го слави својот патрон

Манастирот Света Пречиста Богородица-Кичевска традиционално на 21 Септември, го слави својот патрон, рождество на Пресвета Богородица, или кај народот попозната како Мала Богородица. Како и претходните децении, така и годинава, во манастирот се очекува да се соберат огромен број верници, над 10.000 илјади, од сите градови од регионот па и пошироко а, не мал број од нив организирано со автобуси пристигнуваат во ова христијанско светилиште.

– За денот на Рождеството на Пресвета Богородица во манастирот Св. Пречиста Богородица планирани се повеќе активности. Наспроти празникот ќе се служи празнична вечерна богослужба со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-Кичевски господин Тимотеј, а по вечерната богослужба ќе се служи и мало повечерје со акатист посветен на Мајката Божја. На празникот прославата продолжува со Света Божествена литургија со која ќе чиноначалствува, исто така, митрополитот Дебарско–Кичевски г. Тимотеј, со повеќето свештеници од епархијата. Потоа традиционално ќе биде извршен празничен водосвет, а ќе се освети и славскиот колач. За многубројните верници присутни во манастирот, годинешниот кум ќе подготви и ручек – рече отец Александар Матески.

Верниците се молат за здравје пред чудотворната икона а од бунарот што се наоѓа во внатрешноста на храмот полнат вода за дома, а не мал број верници пред и за време на празникот ноќеваат во манастирските конаци.Традиција е верниците да го даруваат манастирот со жив добиток претежно овци и телиња, и со поситни подароци од текстил, зејтин и друго.

Од февруари годинава манастирот е побогат за монашкото сестринство, кое служи во ова светилиште, со пребогата историја и со најголема манастирска црква во земјава. Карактеристино е што во овој манастир се молат и муслимани, а за таа потреба манастирката црква поседува и мимбар и тој дел од црквата нее фрескоживописан. Со изградбата на новите конаци, вратен е стариот лик на манастирот , после опожарувањето што се случило пред 80 години.

Извор: Зоран Антоски – Нова Македонија