Забава Занимливости

Роботи ги заменуваат келнерите во кинески ресторани (ВИДЕО)

Во последно време роботите сè почесто стануваат замена за човечкиот труд во рестораните во кинеската метропола Пекинг, пренесува технолошкиот портал Phys.org.

Мал робот келнер се упатува кон масата на гостите, го крева стаклениот капак под кој се открива топлата плоча со јастог подготвен на шангајски начин. Притоа роботот бавно и со механички тон најавува: „Уживајте во вашиот оброк“.

Концептот за футуристички ресторани е најнова иницијатива на кинескиот гигант за интернет-трговија „Алибаба“. Главна цел на нивните роботи е зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците за работна сила.

„Во Шангај келнерот чини и до 10.000 јуани (1.500 долари) месечно. Тоа се стотици илјади долари на годишно ниво. Од друга страна, нам ни требаат луѓе што ќе работат во две смени“, вели Као Хаитао, продукт-менаџер на компанија „Алибаба“ и креатор на овој концепт.

Но, за роботите не се потребни две смени и тие може да работат секој ден. Рестораните се поврзани со новиот синџир полуавтоматизирани супермаркети „Хема“, каде што клиентите ги пополнуваат своите картички за пазарење преку мобилна апликација, а производите им се доставуваат на подвижна лента или директно до нивниот дом.

„Алибаба“ во моментот има 57 маркети „Хема“ во 13 кинески града, од кои сите планираат да воведат роботизирани ресторани.

Сепак, индустриските експерти веруваат дека ваквите ресторани повеќе служат како показател за технолошката надмоќност на „Алибаба“ отколку како сериозен бизнис-модел во земја со релативно ниски трошоци за работна сила.

Close