Следете не

Култура

Денес е „Велика Сабота“ – денот меѓу смртта и воскресението, денот што ги спојува распнувањето и радоста, последни подготовки пред најголемиот празник „Велигден“

Објавено пред

на

Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник.

Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.

Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста.

Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.

Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.

Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот.

Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52).

Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа.

Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот.

Богослужбата е поврзана со содржините од Библијата. Најпрво, пред плаштаницата, се читаат текстови од пророкот Језекиил: пророштвото за воскресението од мртвите (Језек. 37,1-14), а по нив, Апостолот ни кажува за тоа дека треба да го отфрлиме стариот квас, „оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ – „Христос нè искупи од клетвата на Законот“ (1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и најпосле, Евангелието говори за запечатувањето на гробот и поставувањето стража (Матеј 27,62-66).

На Литургијата, пак, се чита Евангелието за Христовото воскресение (Матеј 28,1-20) и богослужбено оттогаш започнува Воскресението.

Само на Велика Сабота, и на утрената и на Литургијата, Евангелието не се чита од вообичаеното место: од амвонот или од дверите, затоа што овојпат се чита на Христовиот гроб, пред Плаштаницата. Зошто? – Затоа што ангелот Божји бил на гробот Христов и оттаму им ја објавил веста за Христовото воскресение на жените мироносици.

Се служи Василиева литургија, која започнува со Вечерна и свештеникот ја служи Литургијата во црни одежди, сѐ до читањето на паримиите и Апостолот (Рим. 6,3-11), по „Свети тихиј…“, а потоа, започнува празнувањето на Христовото воскресение. Се пее: „Воскресни Боже, суди и на земјата, зашто Ти владеш над сите народи“. Притоа, свештеникот ги соблекува црните одежди и облекува бели, светли одежди, затоа што токму на оваа Литургија завршува огласувањето на огласените, односно, завршува подготовката за оние што чекале да се крстат и веднаш следи нивното крштение. Додека се читале 15 паримии, свештеникот крштевал. Се пее: „Елици во Христа креститесја…= Вие кои во Христа се крстивте…“ Истовремено, кога свештеникот ги преоблекува одеждите од црни во бели, тогаш и на престолот во олтарот и во храмот се заменуваат црните покривалки со бели, светли. Престолот го претставува гробот Христов, а светлите облеки се праслика на Ангелот којшто бил на гробот, со светли облеки и им ја соопштил веста за најголемата светлина – светлината на Христовото воскресение. Затоа и ѓаконот, во светла одежда како ангелот, од средината на храмот, пред Плаштаницата го чита Евангелието и им соопштува на луѓето за Христовото воскресение.

Место херувимската песна, денес се вели: „Да молчи секое човечко тело, и со страв и трепет да стои…“, а за причестувањето се пее, велејќи: „Стана како да спиеше, Оној што нас нè спасува: Алилуја“.

На Велика Сабота, пред полноќ, се внесува Плаштаницата од сред црква во олтар, молчејќи, со кадење и се поставива на Престолот, каде што останува до Спасовден, во спомен на 40-дневниот престој на Христа на земјава по Неговото воскресение. На Спасовден Господ се вознесе на небо.

Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста.

На трпезата строг пост. Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е и вино.

Упокоението и престојот на Христа во гробот

Господ Исус Христос бил погребан во нов гроб, во гробницата на Јосиф од Ариматеја. „Бесмртниот како смртен во гроб се полага“, вели црковната песна (кондакот).

Зошто бил поставен во нов гроб?

Јосиф откако добил дозвола од Пилат, го симнал телото од крстот и го зел како скапоценост. Го обвил во чиста плаштаница и Го подготвил Христа за погребение. Сето тоа морал да го прави во брзање, бидејќи немало многу време. Плаштаницата претставувала погребно платно, кое се помазувало со скапоцени мириси. Така обвитканото тело со плаштаница, според еврејскиот обичај, било положено во нов гроб, издлабен во карпа. Овој гроб бил семејна гробница на Јосиф од Ариматеја (Матеј 27,60), и се наоѓал блиску до Голгота, до местото на распнувањето.

Според местото каде што бил погребан Господ Исус Христос и достоинството што притоа Му Го оддале двајцата видни синедрионци Јосиф и Никодим, ако се исклучи само брзањето, затоа што се немало време оти настапувала саботата, Христовото погребение имало достоинство на царско погребение, погребение на висок достоинственик. Така беше пророкувал Исаија: „Му определијаа гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата Негова немаше лага“ (Иса. 53,9). На тој начин биле погребувани царевите во Јудеја, тие биле обвивани во плаштаници со скапоцени мириси и смеси, а биле полагани во нови гробови издлабени во карпа (4. Цар. 21,26).

Погребението, пак, го извршил сопственикот на гробницата – лично Јосиф со својот пријател Никодим. Луѓе значајни и видни – членови на Парламентот – синедрионци. Постапиле како што е редот и направиле сè како што треба.

На крајот, поставиле на гробот огромен камен. Зошто камен на гробот? Навалениот камен на гробната врата претставува заштита и затворање на гробницата.

Гробот бил хоризонтално издлабен во карпа, како влез во пештера, а не вертикално надолу, како што се гробовите кај нас. Затоа и бил поставен камен на вратата од гробот. Во ваквите гробови можеле да влезат и диви животни и да ги разнесат мртвите тела. А, во овие гробови живееле и бесомачни луѓе. За тоа ни сведочи и Евангелието, бидејќи некои такви бесни Христос ги излекувал. Се вели: „Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата“ (Матеј 8,28) и „ еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите“ (Лука 8,27; сп. Марко 5,3).

Освен бесните, во таквите гробови живееле и разбојници – таму се криеле и делеле плен. Но, сето ова било одбегнато, бидејќи гробницата имала голем камен на вратата и не можеле да влезат ни диви ѕверови, ни бесни луѓе, ни разбојници. Таа се наоѓала и близу до градот и во најдобрата алеа во гробиштата, а ја чувала стража.

Чувањето на гробот со стража

Во Евангелието е запишано следново: Христовиот гроб бил запечатен и чуван со стража. Зошто? Така побарале првосвештениците и фарисеите. Тие се сетиле на Христовите зборови дека по три дни ќе воскресне и се исплашиле. Време нема, утре е третиот ден. Омразата, нечистата совест и стравот биле посилни од саботниот закон за мирување. Лошите луѓе никогаш немаат спокој. Тие се плашат и се штитат и кога не треба. Затоа, го прекршиле и празнувањето на саботата и тоа Големата Сабота, Пасхална Сабота, како што ја викале саботата по Пасха, иако не смееле, го нарушиле покојот и отишле кај Пилата да побараат: да постави стража на гробот. Побарале да „нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ,Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.‘ Пилат им рече: ,Имате стража; одете и направете како што знаете.‘ Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија“ (Матеј 27,64-66). Мислеле со стража ќе го спречат Христовото воскресение. Истовремено, провериле дали е телото тука од претходната ноќ и ја поставиле стражата да го чува. Несвесно постанале орудие на Божјата промисла: – Ако не поставеа стража, ќе можеа да речат дека се случило нешто друго, но сега немаат друг изговор, освен да се потврди вистината на Христовото воскресение. Тие, пак, задоволно си велеле: Денес го нарушивме празнувањето на саботата, ама завршивме голема работа!

Гробот бил запечатен. Кој го запечатил и зошто?

Го запечатиле првосвештениците, а им помогнале војниците од стражата. Го провериле гробот. Виделе дека е телото внатре. Го поставиле тешкиот камен. Прегледале дека нема друг отвор за излез и ги презеле сите мерки на претпазливост и безбедност. Потоа, со врвца го обмотале гробот и каменот и ставиле печат, како шо се запечатува секоја врата или отвор. Каков печат бил поставен? Запечатиле со печат на Синедрионот (со пешатот на Собранието – Парламентот), печатот на највисоката власт и суд. Безумство! Зошто го правеле тоа? Целта им била да се спречи воскресението на Христа, а се случило обратно: тоа било и најсигурниот доказ дека Христос воскреснал, а не го украле и не излегол од гробот, бидејќи бил запечатен.

На Христовиот гроб била поставена стража, а за тоа незнаеле ни Јосиф, ни Никодим, ниту жените мироносици, бидејќи тоа го договарале првосвештениците и Пилат. Стражата била испратена откако Јосиф и Никодим, а и жените, го напуштиле местото на Христовото погребение. Оваа вистина била и често повторувана меѓу Евреите во Ерусалим, кои знаеле за поствената стража на гробот Христов. Жените мироносици, ако знаеле за стражата крај Христовиот гроб, немало да се загрижуваат кој ќе го оттргне каменот од гробот за да Го помазаат Христовото тело со мириси.

Сè било по Божја промисла. Стражата била поставена за да чува, но и да посведочи. Сведоци на Христовото воскресение биле „и стражарите“ кои го чувале гробот (Матеј 28,4). Најверојатно токму тие – стражарите, кои биле крај гробот Христов, кога Он воскреснал, биле првите известувачи за Христовото воскресение меѓу ерусалимјаните, иако првосвештениците дури им понудиле и пари за да велат дека Христовото тело Го украле учениците Негови кога тие спиеле (Матеј 28,13). Смешна лага. Прво, како можеле учениците да го направат тоа кога имало стража и тоа од римската гарда што била кај Пилат и што го чувала храмот. Второ, тие Христови ученици се исплашиле и разбегале уште во Гетсиманија, а не сега. Трето, истите Го оставиле Господа кога бил уште жив, а што ќе им е сега мртов? Кому му треба мртов? И четврто, зар не е бесмислица: – Како можеле стражарите да видат дека некој Го украл телото, ако спиеле?! Петто: Најпосле, зар можело да останат неказнети римските гардисти за спиење на стража? Очигледна е лагата. Сепак, останува јасно дека веста за воскресението на Христа, тие ја разнеле низ Ерусалим, бидејќи жените мироносици, се вели дека ги опфатил страв и ужас и никому ништо не рекле, оти се боеле (Марко 16,8), а само на апостолите им ја соопштиле веста што ја чуле од ангелот Господов – дека Христос воскреснал. Стражарите се првовесници за Христовото воскресние.

Христовото слегување во адот и отворање на рајот

Христос по погребението е во гробот. Неговото тело е внатре. Он е присутен во гробот и е безбедно чуван.

Кога умре на крстот, Христос ја испушти Својата душа. Настапи смрт. Душата се одвои од телото, како и при секоја телесна смрт. Тоа не беше привидно, туку вистинито. Он навистина умре. Телото и душата се одвоија. Тоа го проверија и војниците и видоа, и посведочија дека е умрен. Затоа и Го симнаа од крстот и Го погребаа.

Но, додека е во гробот со телото, Он со душата отиде во адот.

Господ Исус Христос претрпе смрт, одвојување на душата од телото, но не претрпе распаѓање. Душата го напушти телото кога Христос умре, но смртта не можеше да го разруши телото, бидејќи го немаше во него квасот на распадливоста – гревот, затоа што Христос беше без грев – во сè еднаков со нас, освен во гревот. Вистински човек, но безгрешен, бидејќи беше и вистински Бог – Богочовек.

Освен нераспадливоста на телото, затоа што Христос беше без грев, исто така и душата Негова, не можеше да ја задржи адот, затоа што беше без грев. Во адот беа сите дотогаш упокоени луѓе, а со нив и многу праведници и светии, но тие не беа безгрешни – ја имаа клетката на првородниот грев. Христос, пак, не, и затоа немаа власт над Него ни гревот ни адот. Немоќни беа и адот и гробот – и земјата и подземјето. Да, Он беше човек, но без направен грев и безгрешно роден, а истовремено беше од Бога, но и Самиот беше Бог. Ни, смртта, ни адот, ни гревот, ни ѓаволот не можеа да го држат подвластен Седржителот.

Зошто слезе во адот?

За проповедтта на Евангелието на земјава – меѓу живите луѓе со тело и душа, Му беа потребни на Христа три години, а за проповедта на душите упокоени во адот, беа доволни три дена. Ете колку е помоќна душата. Времето од смртта до воскресението Христос го мина во спасителна проповед кај душите на умрените. Престојот на Спасителот на Велика Сабота во адот, означува победа над адот и смртта.

Обиколката со Плаштаницата околу црква трипати, освен што го претставува погребението, ја означува и Христовата обиколка низ пеколот. Тоа го претставува и Неговото проповедање на Евангелието низ целиот ад и на сите души, порано упокоени.

До крстната смрт на Христа во пеколот беа затворени душите на сите порано упокоени луѓе. До тогаш, таму, ѓаволот владеел со сите и тиранисувал. Таму биле и старозаветните праведници: Авраам, Исак, Јаков, Давид. Кога Христос влегол кај нив, засветлела Божјата светлина, се појавил Седжителот и Спасителот. Тогаш ѓаволот бил обессилен и поразен. Оттаму биле изведени сите што верувале во Господа Исуса Христа како Спасител на светот и умреле како верници со таа вера. Тие се израдувале кога Го виделе и весело тргнале по Него, излегувајќи од адот, одејќи од темнината на пеколот во светлината и блаженството на царството небесно. Ова Христово слегување е преведување од пеколот во рајот на душите на сите порано упокоени праведници.

Отворен е рајот. Во Саботата, од пеколот Христос отишол во рајот, заедно со разбојникот, кого го внел таму и постанал прв граѓанин на рајот. Така беше му рекол на крстот: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23,43).

По слегувањето на Христа во адот, оттогаш, душите на праведните христијани, по телесната смрт, веќе не одат во пеколот, туку ангелите ги носат на небото, во блажените живеалишта. Затоа ова е наречено победосносно слегување во пеколот. После тоа, влијанието на ѓаволот врз луѓето ослабело и во адот и во светот. Ние и понатаму сме искушувани од ѓаволот со разни искушенија, но ја имаме помошта од Божјата благодат и можеме да се противставиме, ако сакаме. Христовата помош е со нас. Он рекол: „Со Моето име ќе истеруваат бесови“ (Марко 16,17). А Библиската порака вели: „Противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4,7). Спомнувањето на името Христово, крстот и прекрстувањето со вера, темјанот, кандилото и иконата, како и читањето на Библијата, претставуваат силно оружје против ѓаволот од кое тој бега.

Денес, по причестувањето пееме: Спомни си за нас, Господи, како што си спомна за разбојникот…“

Христовото одење во рајот означува отворање на вратите од рајот. На Велика Сабота, отворен е рајот, а поразен пеколот.

Влегувањето со Плаштаницата в црква, низ отворените врати, го претставува влегувањето во рајот. Вратите се отворени за цело време додека се оди со Плаштаницата трипати околу храмот, а тоа значи дека Господ Исус Христос и додека е во обиколка на пеколот, Он е во непрестајно единство со Отецот и Светиот Дух.

Во исто време, Господ Исус Христос бил и на престолот, заедно со Отецот и Светиот Дух, како Бог, со Својата Божја природа. Така вели и црковната молитва: „Во гробот телесно, а во адот со душата како Бог; во рајот, пак, со разбојникот, и на Престолот си бил со Отецот и Духот, Христе неопислив, Кој сè исполнуваш“.

Он е секогаш со Отецот и Духот – неразделна и едносушна Троица.

На Велика Сабота ноќта – на полноќ, се објавива најрадосната вест – веста за Христовото воскресение. Тоа е најсветлата ноќ – ноќ посветла од ден.

Велигденската радост е најголемата и најсветлата радост на христијаните. Таа е радост за најголемиот празник, за најголемиот Ден – Велигден – радост за Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Таа радост е света радост и не е споредлива со никоја друга радост. Таква радост нема и не може да има. Таа радост е вечна како радоста на блаженството – а блаженството е постојана радост на душата.

Култура

В сабота во Манастирот Св. Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица ќе пристигне икона на Светиот Георгиј Победоносец, покана до сите верници да присуствуваат на духовното славје

Објавено пред

на

bigorski.org.mk

Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ја пренесеме информацијата за претстојното духовно торжество во Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, во навечерието на Втората недела од Чесниот и Велик Пост. Имено, на манастирската слава во спомен на Светиот отец наш Григориј Палама, во сабота, на 30 март, во 16 ч., во Манастирот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава. Иконата претходно ќе биде осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Рајчичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.

Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 ч.) и Божествена Архиерејска Литургија.

Ве покануваме со раширени срца и радосни души да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава.

Кратка историја на молдавската икона на Свети Георгиј

Молдавскиот Воевода Стефан Велики

Молдавскиот Воевода Стефан Велики

Чесната и чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец што се чува во манастирот Зограф на Света Гора е наречена Молдавска, затоа што е подарена од славниот молдавски кнез Стефан Воевода Велики (управувал 1457-1504) во 1484 година. Всушност, овој исклучително побожен молдавски Воевода, кој штедро ги дарувал и поткрепувал православните светињи кои во тоа време се наоѓале под османлиското иго, станал возобновител и нов ктитор и на Зографската Обител. Тоа се случило по чудесната помош од Свети Георгиј на војводата Стефан, во една одбранбена битка против османлиската војска. Имено, еднаш неговиот град бил нападнат од Османлиите коишто биле далеку побројни од неговите војници. Тој ја распоредил својата војска по ѕидините на градот, за да ги одбиваат нападите колку што можат и во меѓувреме постојано му се молел на големиот заштитник и спомагател на христијанскиот род, Светиот славен и сефален Великомаченик Георгиј Победоносец пред неговата чудотворна икона.

Една вечер додека Војводата со цврста вера и смирено настроение усрдно се молел, му се јавил самиот Светија и му рекол да не стравува и да не се повлекува, бидејќи, како што во многу битки дотогаш во кои учествувал со помала војска, со Божја помош, издвојувал големи победи, така ќе биде и сега. По ова видение војводата Стефан се охрабрил и излегол против нехристијанскиот непријател, носејќи ја напред иконата на Светителот, и со негова помош однел блескава победа над Османлиите. Кога потоа кај него дошле пратеници од спротивниот табор за да му оддадат чест и да молат за мир, му посведочиле дека за време на битката, во редовите на неговата војска имало некој многу храбар и страшен војник со копје и меч, качен на бел коњ и, всушност, тој им нанел страшен пораз, принудувајќи ги да бегаат. Воеводата Стефан зачудено рекол дека таков војник немало во неговата војска. Но кога дојденците ја забележале кај него иконата од Св. Георгиј, ужаснати и уплашени му посведочиле дека токму тој коњаник им го нанел лутиот пораз. Оттогаш војводата уште повеќе го засакал светиот Христов воин, кој бил негов личен патрон и секогаш усрдно му се молел. Наскоро потоа, Победоносецот повторно му се јавил на својот верен слуга и го благословил да го обнови неговиот опустошен манастир Зограф на Светата Гора Атонска, во знак на благодарност за укажаната му помош и таму да ја однесе неговата икона, за поткрепа на монашката заедница.

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора

Инаку, иконата пред тоа била подарена од ромејскиот император Јован Палеолог на молдавскиот воевода Александар Добриот (управувал од1400-1432). Украсната сребрената риза, пак, на иконата е правена по иницијатива и заложби на многозаслужниот зографски Архимандрит Анатолиј, родум од Могорче, израснат во Лазарополе и замонашен во Бигорски, за време на неговото престојување во Русија до 1838 година. Во натписот врз сребрената кошула се вели дека образот на оваа чудотворна икона „му се јавил во 1484 година на Великиот Стефан Воевода Молдавски, којшто по тоа видение ја возобнови оваа Света Зографска Обител“. Подоцна, кога иконата потемнала од старост, била наново прецртана на старото дрво.

Новоизработената икона со чудотворниот лик на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од молдавската икона, на неговиот прочуен Манастир во Рајчица му ја подарува благочестивиот господин Ратко Капушевски, со мајка си Билјана, сопругата Даница, сестрата Бјанка и внукот Итан. Истата беше нацртана во Грција од зографот г. Николај Кангарас од Фтиотида, сребрениот опков беше изработен од мајсторот г. Леондарис Зидрос од Јанина, а дрвената рамка и кивот од г. Христос Муртидис од Солун. Иконата ќе биде осветена и благословена во двата Светогорски манастири Ксенофонт и Зограф, кои се посветени на Светиот Георгиј.

Се молиме славниот Победоносец штедро да ги вознагради дарителите, а својот манастир и иконата во Рајчица да ги сочува здрави и неповредени до крајот на вековите, сѐ до Второто Христово Пришествие, пазејќи го со своето моќно застапништво христијанскиот род во целиот овој крај. Амин!

Прочитај повеќе...

Култура

Netflix ја враќа Black Mirror во 2025 година

Објавено пред

на

Седмата сезона на Black Mirror е на пат. Netflix потврди дека научно-фантастичната антологија на Чарли Брукер ќе се врати во 2025 година и дека новата сезона ќе трае шест епизоди.

Секако, сè уште нема многу детали. Но, компанијата вели дека иако вообичаено ќе се состои од нови приказни, една од епизодите ќе биде продолжение на „USS Callister“ од 4-та сезона, во која глуми Џеси Племонс. „Роберт Дејли е мртов, но за екипажот на USS Callister нивните неволји допрва почнуваат“, се вели во описот.

Враќањето на шоуто ќе означи релативно краток прекин, барем според стандардите на Black Mirror. Сезоната 6 беше премиерно прикажана минатата година и имаше неколку силни епизоди, покривајќи сè, од хорор со вселенска тема до папарацо трилер до сатира за иднината на стриминг што се покажа премногу промислено. Така, иако сè уште не знаеме што точно ќе опфатат новите епизоди, сигурно е дека новите технолошки приказни како вештачката интелигенција и метаверзумот би можеле да дадат инспирација.

Извор: TheVerge

Прочитај повеќе...

Култура

Денес е „Прочка“ ова се верувањата и обичаите кои мора да ги направите за овој ден

Објавено пред

на

Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на седум недели пред Велигден.

„Прости ми, да ти простам“ со овие зборови денес верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.

За овој наш христијански празник Прочка семејството би требало да го поминат во пријатна и топла атмосфера во богата трпеза. Помладите членови од семејството треба да побараат прочка од постарите членови со зборовите „прости ми“, а постариот член одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Обичаи – амкање и простување

На овој ден се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето, оттука и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесеуваат од колено на колено меѓу генерациите.

Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Затоа денес заборавте на сите недоразбирања и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Кичево4 часа

МВР: Вкупно 15 кичевски возила-јавни превозници вчера биле пратени на вонреден технички преглед

На 27.03.2024 на подрачјето на СВР Охрид извршена е контрола на возилата кои вршат јавен превоз на патници – автобуси...

Магазин5 часа

Рендерите на Google Pixel 9 откриваат промени во дизајнот на претстојниот телефон

Во новите CAD-слики или рендери, Google Pixel 9 има ново, ревидирано куќиште на камерата што сега има овална форма, без...

Магазин5 часа

Мобилната вештачка интелигенција Galaxy AI доаѓа на избрани Galaxy уреди денес

Новото ажурирање One UI 6.1 ја носи револуционерната мобилна вештачка интелигенција Galaxy AI на уште повеќе корисници на уреди Samsung...

Хороскоп18 часа

Хороскоп за четврток (28 март)

ОВЕН Некој ве иритира со своето однесување и ја нарушува вашата концентрација. Бидете сталожени, не ви е потребен дополнителен проблем....

Кичево20 часа

„Преку глава ми е од корупцијата“: Караванот доаѓа во Кичево, овој петок на градскиот плоштад граѓаните ќе се сретнат со различни активности во борба против корупцијата

Граѓаните против корупцијата во рамките на програмата овој петок на 29-ти март во Кичево потточно пред Музеј на „НОБ Запад“...

Lifestyle1 ден

Дали знаете што значи WC?

Дали некогаш сте застанале да размислите за значењето на буквите „WC“ на знакот за јавен тоалет? Иако е вообичаена глетка...

Кичево1 ден

ССНМ во Кичево организира работен состанок со новинари од локални медиуми

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници организира работен состанок во Кичево кој ќе се одржи на 3-ти април (среда)...

Автомобили1 ден

Гигантот оди во заслужена „пензија“: Audi R8 повеќе нема да се произведува

Во ноември минатата година Audi го прекина производството на моделот ТТ по 26 години и произведени над 660.000 примероци, а...

Магазин1 ден

Драмата продолжува: TikTok под истрага, му се заканува тужба

Американската Федерална трговска комисија (FED) го истражува TikTok за наводно кршење на приватноста и безбедноста на податоците на корисниците. Доколку...

Магазин1 ден

iPhone конечно добива функција која Android ја има веќе 15 години

Иако иконите сè уште ќе бидат ограничени на мрежниот распоред, веќе нема да има автоматско пополнување празни места Во технолошките...

НАЈЧИТАНИ