Следете не

Култура

Покана за осветување на прекрасниот храм на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, во овој крај добивме еден убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка

Објавено пред

на

Со благослов / Бигорски Манастир

Со голема чест информираме дека ќе се осветува прекрасната црква на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, која е изградена со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство предводено од Епископот Антаниски г. Партениј и на иницијативниот одбор од с. Ростуше. Осветувањето ќе се изврши на 30 јули 2023 година, недела, со почеток во 9 ч., од страна на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Антаниски г. Партениј, со молитвено учество на дебарскиот архиерејски намесник о. Миле Ангелковски, на Бигорското монашко братство и на сестринството од Манастирот Свети Георгиј Победоносец во с. Рајчица, така што со особена радост ве покануваме да присуствувате на овој свет и значаен за нашиов крај настан, стои во интегралниот текст на Бигорски.

Според историските извори што стасале до наши дни, со сигурност се знае дека во долнореканското село Ростуше (по старо Ростуша, од Радост-душа) суштествувал велелепен храм посветен на Пресвета Богородица, уште од византиско време. За тој храм постојат веродостојни историски документи, од кои меѓу позначајните е Повелбата на Иван Кастриот, таткото на Георги Кастриот – Скендербег, кој во тоа време владеел со овие простори, упатена до манастирот Хилeндар во 1426 година. Во оваа повелба, со која таткото на христијанскиот востаник ѝ подарува имоти на оваа светогорска обител, меѓу другото, стои напишано и следново: „Го приложив селото Радостуше со Црквата на Пречистата Богородица што е во тоа село Радостуше, и со селото Требиште“. Од овој исказ може да се заклучи дека во с. Ростуше, во правата половина на XV век, сè уште суштествувала црква посветена на Пречистата Богородица.

Мошне значаен извор за историјата на с. Ростуше, но и на целата дебарска околија, се Кратките спомени на угледниот Архимандрит Кирил Рилски, родум од с. Битуше, којшто во 1916 година од црковното началство бил поставен како администратор на Дебарската епархија. Во своите мемоари тој пишува:

– „Од обиколката на епархијата видов дека селото Ростуше има голема потреба за црква. Се беше запазило живо предание помеѓу христијанското месно население дека џамијата насред селото, при којашто се наоѓаа и турските гробишта, била православна црква Успение на Пр. Богородица до пред стотина години. Помаците од ова село ја претвориле во џамија, откако го урнале старото црковно здание и на истата основа ја построиле сегашната зграда. Јас ја приспособив оваа џамија за црква и на 30 август 1918 г. ја претворив во православна црква, под старото историско име, Успение на Пр. Богородица. Во тоа с. Ростуше се наоѓал стариот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’, каде што игумен во 1019 г. бил првиот Охридскиот Блаженејши Архиепископ Јоан Дебранин (закосено од самиот автор – б.н.), пред тој да стане Охридски просветител.  Оваа древна црква во с. Ростуше била црквата на древниот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’. Околу таа древна манастирска црква се наоѓаат стари гробници ѕидани со тули. При раскопувањата околу оваа древна светиња, можат да се најдат многу драгоцени археолошки предмети за целото христијанство од првите векови на Балканскиот Полуостров.

Во 1908 г. еден помак, којшто копал основи, за да си построи куќа блиску до таа историска црква, открил една сводеста, многу умешно направена со тули гробница, во којашто се наоѓало едно цело, ни малку не распаднато човечко тело. Помакот намислил во ноќта да го фрли тоа нераспаднато човечко тело во р. Радика. Но на сон му се јавил човек, кој му кажал да не го допира, зашто тој е жив и ништо не може да му направи. Помакот се исплашил од тоа видение на сон и повторно ја соѕидал гробницата, каква што си била, како што ја нашол во земјата.“

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Интересно е да се напомене дека тоа место за кое пишува Кирил Рилски и денес се наоѓа во центарот на селото и од мештаните се нарекува Двораник, што пак, алудира на тоа дека на овој локалитет некогаш, најверојатно, се наоѓал некој дворец или кнежевски имот. Можно е храмот на Пресвета Богородица да бил дворска црква, изградена за потребите на некој висок благородник од Средниот век. Мислењето на Архимандритот Кирил Рилски дека Манастирот на Пресвета Богородица во кој се подвизувал и игуменувал Свети Јован Дебранин најверојатно се наоѓал во с. Ростуше, го дели и роднокрајниот историограф Стамат Стаматов од Дебар. Тома Смилјаниќ, пак, од с. Тресонче, пишувајќи за историјата и етнографијата на Мијаците, наведува дека манастирот Света Богородица во с. Ростуше „бил, според преданието, велик и силен. Имал конак со 360 соби, а во средината имало чешма Двораник (закосено од самиот автор – б.м.), која и денес постои. Кога поголемиот дел од Ростуша се потурчил, манастирот бил срушен…“

Слично раскажува и Апостол Христов Фрчковски, познат иконописец од Галичник, деец на Македонската револуционерна организација и извесно време околиски началник на Реканската каза. Во неговото сведоштво, запишано од просветниот деец Георги Трајчев, меѓу другото, се вели: „За селото Ростуше знаеме дека џамијата во недалечното минато била црква; кога го примиле мухамеданството, црквата ја претворија во џамија. А тоа собитие станало преди 150—200 години“.

За ростушката Црква пишувал и македонскиот етнограф и професор, галичанецот Риста Лоноски: „Постои некакво предание дека во Ростуше постоела некаква црква или манастир Успение со големи конаци од 70 одаи. Вистина е дека таков храм постоел и дека е после претворен во џамија“.

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Во 30-те години на минатиот век, биле спроведени археолошки испитувања на самото место, при што било докажано дека на тоа место низ историјата постоеле неколку православни храмови. Имено, биле откриени основи на храм со ширина 10, а должина 15 метри. Всушност, биле откриени три различни градежни слоја, при што старите ѕидини се наоѓале во рамките на поновите.

– Црквата на Пресвета Богородица се наоѓала во центарот на селото, на местото од денешното спортско игралиште. Последниот храм, изграден во Кралска Југославија, бил насилно и целосно срушен во времето на фашистичката окупација на овој крај во Втората светска војна. Немајќи повеќе ниеден молитвен дом во селото, Христијаните биле принудени да изградат еден скромен храм на ритчето од северната страна на селото, кај православните гробишта. Тој привремен импровизиран објект им служеше како единствен храм сè до пред десетина години, кога, по иницијатива на нашиот Старец и Игумен г. Партениј, православните ростушани формираа Одбор за обнова на Црквата „Пресвета Богородица“. Одборот веднаш го замоли Старецот да ја прифати одговорноста за изградбата на новата црква, на што тој со радост потврдно одговори.

Така, со големите заложби и личните трудови на Епископот г. Партениј и на монашкото братство, за неколку години се издигна велелепен храм на Мајката Божја, кој денес преставува еден архитектонски бисер на селото, совршено вклопен во природата и во целокупната архитектура. Храмот е идејно обмислен од страна на владиката Партениј, во соработка со искусните црковни архитекти Владимир и Искра Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“. Изграден е од камен и од тули, во препознатливиот византиски стил опус микстум, и структурно наликува на старата црква што била на сред село, крстообразна, со голема купола на средината, со конхи од страните и со камбанарија над тремот. Во меѓувреме, храмот беше целосно живописан од зографот Славчо Петковски од Битола, браќата зографи од нашето братство и сестрите од Рајчица. Иконите, сместени во прекрасниот мермерен иконостас, се дело на зографот Владислав Коцарев од Охрид, професор по византиска уметност на Белградскиот универзитет. Храмот има и своја камбанарија во која се сместени двете камбани од старата црква, од времето на Кралска Југославија.

Ова е првиот соодветно изграден храм во с. Ростуше по рушењето на стариот и е направен според неговиот изглед.

Напоредно со изградбата на Црквата, се работеше и на облагородување на просторот околу неа, па така, по иницијатива на владиката г. Партениј, беше изградена нова прекрасна трпезарија за потребите на Храмот; беа обновени селските гробишта, се направи партерно уредување околу Црквата, со потпорни ѕидови и плато поплочено со камен и обградено со пристојна ограда, а се направи и скалест пат до центарот на селото, изѕидан од камен.

Накратко кажано, во возобновениот Храм на Пресвета Богородица, селото Ростуше, но и цела Долна Река, добија еден вистински, прекрасен украс, кој веќе ги привлекува очите и срцата на бројни минувачи во крајов, и од земјава и од странство.

Западниот дел на Македонија доби еден исклучително убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка, за доброто на сите жители.

Култура

Бдение и Божествена Литургија по повод „Успение на Мајката Божја“ во кичевскиот Манастир „Св.Богородица Пречиста“, богослужение на човечка посветеност и небесната утеха, земната привременост и вечниот живот

Објавено пред

на

©porta.mk

Оваа година, соборното празнување на монашката заедница на празникот на Сечесното Успение на Мајката Божја ќе биде преместено во манастирот Пречиста Кичевска, во пространиот и величествен храм посветен токму на Неа, каде што во текот на изминатиот период се создадоа прекрасни услови за со особена радост и торжество да се слави овој најголем Богородичен празник.

Како што наведуваат во интегралното соопштение од Бигорскиот Манастир, Бдението во Пречиста ќе започне на 27 август, во 22:30 часот – сеноќно богослужение на љубовта, во кое ќе се сплетат човечката посветеност и небесната утеха, земната привременост и вечниот живот.

Божествената Литургија на 28 август ќе започне околу 7 часот изутрина и со неа ќе чиноначалствува на почитуваниот старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј.

– Со срдечна љубов и радост, преку нашиот медиум Ви ја пренесуваме информацијата воедно и Ве покануваме да бидете дел во ова славословие на Животот. Да ѝ принесеме на Богородица не солзи на оплакување, туку на благодарност; не чувства на тага, туку на надеж и радост; не крај, туку вечен почеток.

„Со Успението свое, Богородице, од смртта нè избави, бидејќи ти си Мајка на Животот бесконечен.“

Прочитај повеќе...

Култура

Денес е празник, „Преображение Господово“ – За многу години!

Објавено пред

на

ФОТО: Горан Алексов @ Манастир „Св.Преображение“ - Крушево

Празникот Преображение Господово се вбројува меѓу големите празници што ги чествува Православната Црква. Покрај неговото богословско значење, Преображението има и особено место во народната традиција, обичаи и верувања, што сведочи за длабоката духовна и културна вкоренетост на овој празник во животот на македонскиот народ.

Богословска суштина на Преображението

Преображението се случило во третата година од јавната мисија на Исус Христос. Тој ги зел со себе тројцата апостоли – Петар, Јаков и Јован – и се искачил со нив на планината Тавор. Додека се молел, неговото лице засветило како сонце, а облеката му станала бела како снег. Во тој момент се појавиле пророците Мојсеј и Илија, со кои разговарал за своето претстојно страдање, смрт и воскресение. Апостолите, трогнати од глетката, паѓаат ничкум, а од облакот се слуша гласот Божји: „Ова е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“ (Мат. 17, 5).

Целта на Преображението била да ги зацврсти учениците во верата и да ги подготви за претстојните страдања на Христос. Со овој настан, Исус им го открил својот Божествен лик, кој вообичаено останувал скриен зад човечката природа.

Значењето на планината и ноќта

Изборот на планина како место за настанот не е случаен. Во старата традиција, значајните настани често се случувале на возвишени места – како симбол на духовното искачување и приближување до Бога. Нoќта, пак, се смета за време на внатрешна тишина и молитвено расположение, што ја прави погодна за откровенија од ваков вид.

Зошто Мојсеј и Илија?

Присуството на Мојсеј и Илија е симболично. Мојсеј го претставува Законот, а Илија Пророците. Со нивното појавување се потврдува дека Исус е исполнувањето на Стариот Завет и Цар над сите пророци. Воедно, се побива верувањето на некои дека Исус бил само пророк.

Празнување и иконографија

Преображение Господово се празнува на 19 август (6 август по стар стил), за време на Богородичините пости, четириесет дена пред Воздвижение на Чесниот Крст (14 септември), кое се смета за ден паралелен на Велики Петок.

На иконите, Христос е претставен на врвот од планината во сјајна бела облека, со Мојсеј од десната страна и Илија од левата. Под нив се тројцата апостоли, паднати ничкум, заслепени од божествената светлина.

Симболика и значење на зборот „преображение“

Зборот „преображение“ означува промена на надворешната форма. Но, Христос не се изменил во нешто што претходно не бил, туку го открил пред учениците она што секогаш го носел во себе – своето Божество. Се работи, всушност, за откривање, а не за суштинска трансформација.

Народни обичаи и верувања поврзани со Преображение

Празникот длабоко се вкоренил во народната култура. Еден од најпознатите обичаи е благословувањето на грозјето. Се верува дека на Преображение за прв пат во годината се јаде грозје, и тоа дури откако ќе го благослови свештеникот. Таму каде што нема грозје, се осветуваат други овошја, како јаболка или сливи. Овој обичај е знак на благодарност кон Бога за даровите од природата.

Во некои краишта се носи варена пченица и овошје во црква, а потоа се дели меѓу верниците. Тоа не е нафора во литургиска смисла, туку симболично дарување на првите плодови.

Обичаи од народната традиција

Истражувачи како Марко Цепенков и Кузман Шапкарев забележале дека до Преображение не се јаде грозје, зашто се сметало за грев да се вкуси од плодот пред да се отпее и благослови. Во Куманово, Охрид, Велес и Гевгелија се практикувале слични обичаи: се одело во лозјето, се береа најубавите гроздови и се носеа во црква. Потоа се раздавале за бериќет.

Верувања за отворено небо

Еден од најпознатите митови поврзани со Преображение е дека ноќта спроти празникот – небото се отвора. Се верува дека Господ се јавува и им ги исполнува желбите на оние што се будни во тој момент. Овој мит е сличен на оној за Богојавление.

К. Шапкарев и Ефтим Спространов запишале низа верувања и приказни на оваа тема: од поклонување на дрвјата, до случки со луѓе што посакале нешто погрешно и биле казнети. На пример, човек кој наместо да посака пари, посакал „шиник глава“ – и навистина му пораснала толку голема што не можел да излезе низ вратата.

Спространов, исто така, опишал интересен феномен кај Охрид – собирање на штрковите кај Студенчишта, кои пред заминување во топли краишта правеле глетка слична на проштална поворка, предводени од „црн штрк“.

Прочитај повеќе...

Култура

Денес се празнува „Откривањето и преносот на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан“, еден од четирите празници посветени на овој светец.

Објавено пред

на

ФОТО: Славица Јовановска @ Патувања низ Македонија

На денешен ден, односно 15 август, православните христијани го празнуваат „Откривањето и преносот на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан“, еден од четирите празници посветени на овој светец.

Свети Стефан е првиот маченик што пострадал за христијанската вера, поради што неговиот култ е широко распространет кај нашиот, но и кај други православни народи. Иако најмногу се чествува на 9 јануари, и овој летен празник се одбележува со богослужби и молитви.

Како и апостолите, и Стефан бил исполнет со Светиот Дух и правел многу чуда, за кои се сведочи во Новиот завет.

Празникот се однесува на пронаоѓањето и свечениот пренос на неговите мошти. Според преданието, откако бил убиен со камења, неговото тело било оставено без погреб, но Бог не дозволил да биде осквернавено. По два дена, Гамалиил — таен следбеник на Христос и учител на апостол Павле — го зел телото и чесно го погребал во својата пештера.

Со тек на време, местото на погребот било заборавено, сè до 415 година, кога Гамалиил му се јавил во сон на свештеникот Лукијан и му го открил гробот. Моштите потоа биле пренесени на Сион, а подоцна и во Цариград, при што многумина биле исцелени од нив.

Во чест на светецот, во охридското село Шипокно, во пештера, постои една од најстарите цркви посветени на Свети Стефан, датирана од XIX век.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Кичево2 часа

Започнува „Наше театарче“ на „Intellect Education“ место каде најмилите ќе го развијат својот талент, ќе ја откријат својата креативност и ќе блеснат на сцената!

Од најдобрите и најкреативни програми, овој пат ви го претставуваме новото, кичевско „Наше театарче“ – магично место каде што вашите...

Хороскоп13 часа

Хороскоп за недела (7 септември)

Овен Ќе се однесувате непромислено. Можно е да ги пропуштите предизвиците. Додека во прашањето поврзано со работата воглавно ќе бидете...

Хороскоп2 дена

Хороскоп за сабота (6 септември)

ОВЕН Мирен ден е пред вас и ова темпо одамна не сте го почувствувале. Претходно секогаш брзавте некаде и не...

Македонија2 дена

Од една до друга патарина на патен правец Гостивар-Тетово, ќе се изведуваат градежни работи со времетраење од две седмици

Bиадукт Трејд – Дооел од 01.09.2025 г. започна со нова фаза на градежни активности , односно воспоставена е времена измена на режимот...

Фото: Martin Katler @ unsplash Фото: Martin Katler @ unsplash
Автомобили2 дена

Десетте најпродавани автомобили во Европа во 2025 година

Во првата половина од 2025 година, европскиот автомобилски пазар бележи значајни промени и трендови. Според податоците на JATO Dynamics, објавени...

Фото: Homescreenify @ unsplash Фото: Homescreenify @ unsplash
Магазин2 дена

Тајната на вистинскиот италијански болоњезе сос

Болоњезе сос е едно од најпознатите јадења во светот, но вистинската тајна на неговиот вкус лежи во традицијата на градот...

Кичево2 дена

Поради одржување на атлетска трка во Кичево, во недела следните улици и делови на градот ќе бидат затворени за сообраќај

Во недела, 7 септември 2025, поради одржување на атлетската трка во град Кичево, од 08:00 до 11:00 часот ќе биде...

Хороскоп3 дена

Хороскоп за петок (5 септември)

Овен Пробувате да дојдете до некои промени, но тоа не ви оди од рака. Можно е да имате трема пред...

Фото: Leon Bublitz @ unsplash Фото: Leon Bublitz @ unsplash
Магазин3 дена

YouTube укинува Premium Family сметки надвор од заедничко домаќинство

YouTube го следи примерот на Netflix и Disney+, воведувајќи построги правила за користење на Premium Family пакетите. Компанијата почна да...

Фото: Onur Binay @ unsplash Фото: Onur Binay @ unsplash
Мобилни уреди3 дена

Батеријата се празни додека полните? Еве што треба да знаете

Современите Android телефони доаѓаат со моќни и ефикасни процесори, како и батерии со поголем капацитет. Вообичаено, тие можат да издржат...

НАЈЧИТАНИ