Спорт
Барди и Костадинов: Подготвени сме за најголемиот предизвик, се чувствуваме одлично!
Македонската репрезентација се наоѓа во Букурешт, каде што ги одработува последните подготовки пред настапот на Европското првенство.
Нашата репрезентација се наоѓа во групата Ц заедно со селекциите на Холандија, Австрија и Украина. Првиот натпревар избраниците на селекторот Игор Ангеловски го играат на 13. јуни против Австрија со почеток од 18:00 часот.
Енис Барди, фудбалерот на шпански Леванте се чувстува одлично по десет дневната изолација и вели дека тој и неговите соиграчи извлекле голема поука од натпреварот со Австрија во Скопје и поразот од 4:1. Уверен е дека нема да ги повторат истите грешки.
- „Пред се би сакал да се заблагодарам многу на селекторот, моите соиграчи и федерацијата за поддршката што ја добив додека бев во изолација. Беше тешко, но се помина во најдобар ред. Не чувствувам никакви проблеми, се е во најдобар ред, подготвен сум и физички и психички за Европското првенство. Со нетрпение го очекувам стартот на ова првенство, сите сме максимално фокусирани на првиот натпревар против Австрија, селекција која ни е многу добро позната. Тоа што го постигнавме со селекцијата до 21 година во Полска е нешто незаборавно, но овој настап и овој турнир е нешто сосема различно. Не се чувствуваме како аутсајдери, тоа го докажавме и покажавме на претходните натпревари. На ова Европско првенство ќе потврдиме колку навистина вредиме како тим. Ми претставува огромна чест што сум дел од оваа генерација која успеа да оствари историски успех, пласман на едно Европско првенство. Ќе дадам се од себе на секој натпревар, а на селекторот е да одлучи дали ќе играм од почеток. Треба да бидеме максимално концентрирани на секој натпревар и во текот на сите 90 минути”, вели Енис Барди.
Тихомир Костадинов, фудбалерот од средниот ред на Македонија вели дека нашата селекција има квалитет и ќе се обиде да го покаже тоа на секој натпревар.

- „Последните два контролни натпревари на националната арена, посебно мечот со Казахстан се одлична увертира за претстојното првенство. Овие две недели ги искористивме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме за натпреварот против Австрија. Секој меч на ова првенство ќе биде тежок, ова за нас претставува огромен предизвик, бидејќи ни е прво Европско. Ги знаеме нашите квалитети, подготвени сме, ќе атакуваме на победа на секој натпревар. Најмногу жалам што нема да бидат исполнети целосно стадионите, но имајки ја предвид целата ситуација последните година и пол, добро е и ова што ќе имаме одреден процент на публика. Се надеваме на голема поддршка од нашите навивачи и знаеме дека ќе не бодрат на целото првенство. Оваа репрезентација има голем напредок во однос на последната пресметка со Австрија. Расте самодовербата кај нас играчите, селекторот и целиот стручен тим. Ни одговара тоа што не сметаат за аутсајдери на ова првенство, тоа нас ни оди во прилог, опуштени сме, не чувстуваме никаков притисок. Оваа репрезентација поседува квалитет, на секоја репрезентација ќе и биде тешко да игра против нас”, вели Тихомир Костадинов.
Спорт
Кичевскиот фудбалски судија Лика во среда ќе биде прв помошен судија на „play-off“ дуелот меѓу Нант и Макаби Хаифа
Искусниот судиски арбитар од Кичево, Куштрим Лика официјално беше назначен за главен помошен арбитар на престижниот европски „play-off“ натпревар меѓу младинските екипи на Нант и Макаби Хаифа до 19 години. Средбата ќе се одигра на стадионот од Нант, 10 декември 2025 год во Франција и носи огромно значење бидејќи победникот обезбедува пласман во следната фаза од елитното европско натпреварување. Главен судија ќе биде Christos Vergetis.
Првиот дуел беше одигран на стадионот „Ѓирмот / Gyirmóti“ во Унгарија, истиот заврши со минимална победа на Макаби Хаифа од 1:0, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред реваншот во Франција. Лика ќе има важна задача – да придонесе натпреварот да мине во фер и спортска атмосфера, каква што налага европската фудбалска сцена.
– „Секое меѓународно судење за мене е вистински предизвик и чест. Тоа е признание за мојата работа и мотивација постојано да се подобрувам. Особено е престижно чувството кога се носиш со арбитража на мечеви што ги следи цела фудбалска Европа“, за Порта.мк истакна Лика во пресрет на големата средба.
Назначувањето за ваков тип на натпревар уште еднаш потврдува дека македонските фудбалски судии успешно чекорат кон европскиот врв, претставувајќи достоинствено како себе, така и својата земја. Претходно Давор Цветаноски беше дел од мечот „Австрија Виена – Макаби Хаифа“, додека Зоран Јанкулоски, заедно со Лика беа дел од натпреварот помеѓу екипите на „Nordragota – Викингур“
Порта.мк со поддршка за кичевските арбитри кои високо котираат во својата професионална фудбалска кариера!
Спорт
Благоја Милевски се заблагодари на сите досегашни претседатели на ФФМ, сите наши фудбалери, стручен штаб, медицински лица и логистика
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски на кој му заврши договорот како предводник на македонската селекција, преку ФФМ истакна интегрално соопштение и се заблагодари за досегашната соработка. Неговото обраќање пред јавноста гласеше вака:
– Искрено сакам да упатам благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите нејзини претседатели Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ кои од 2014 година наваму обезбедуваа стабилни услови и поддршка, што овозможија да се испишат значајни страници во историјата на македонскиот фудбал.
Посебно признание должам на актуелниот претседател Масар Омерагиќ за неговата континуирана, јасна и несебична поддршка во изминатиот период. Таквите темели се клучни за секој професионален процес да функционира сигурно и доследно во спортот, но и пошироко.
Горд сум на нашите фудбалери. Нивната трудољубивост, борбеност и силна волја ни донесоа резултати што долго ќе се паметат. Тие вистински го претставија духот на Македонија, а тоа ме исполнува со искрена гордост.
Голема благодарност упатувам и до мојот стручен штаб, како и до медицинскиот и логистичкиот тим, за нивната професионалност и беспрекорна соработка. Секој од нив си ја извршуваше задачата тивко, прецизно и посветено, како дел од тим што мора да функционира усогласено за да успее.
Навистина беше чест да ја предводам репрезентацијата и да бидам дел од овој колективен напор. И понатаму ќе останам со тимот со внимание, поддршка и почит, заврши Милевски.
Извор: ФФМ
Спорт
ФФМ: Благодарност до селекторот Милевски, време е за нов импулс и свежа енергија во националниот тим, до 25 декември Македонија ќе има нов селектор
На денешната седница, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат заврши на 30 ноември 2025 година. Милевски беше дел од работата со најважните македонски репрезентации уште од 2014 година.
Како тренер на А репрезентацијата, од 1 август 2021 година, Милевски ја водеше Македонија на 48 натпревари, остварувајќи 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Под негово водство, репрезентацијата обезбеди два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и се избори за настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.
ФФМ преку интегралното соопштение на своето гласило, му изрази искрена благодарност на Благоја Милевски и неговиот стручен тим за нивната посветеност, професионалност и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера.
Управниот одбор на ФФМ смета дека македонската А репрезентација сега има потреба од нова енергија и различен мотив за предизвиците што ја очекуваат. Со нов стручeн тим се очекува „нов ветер“ во работењето на селекцијата, што ќе придонесе за поголема конкурентност и амбиција во идните натпревари.
– ФФМ останува целосно посветена на обезбедување оптимални услови за работа и максимална поддршка за репрезентацијата. Досегашната соработка со Милевски и неговиот тим беше на високо професионално ниво, и ја цениме нивната посветеност и односот кон националниот тим. Истата посветеност ќе ја продолжиме и при поддршката на идните предизвици на македонската А репрезентација.
Управниот одбор на ФФМ ќе донесе одлука за нов предводник на А репрезентацијата најдоцна до 25 декември 2025 година.
-
Хороскоп2 денаХороскоп за сабота (6 декември)
-
Хороскоп16 часаХороскоп за недела (7 декември)
-
Временска прогноза1 денСе менува ли климата? Најава за невообичаено топло време од следната седмица во месец декември – ова се информациите
-
Здравје и убавина18 часаКако полесно да ја издржите диетата за слабеење
