Култура
Денес е „Митровден“, се вели дека од него, започнува зимата. Честита домашна слава и именден до сите кои слават!

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на денешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.
Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.
Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.
Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.
Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.
Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“
Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.
По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.
Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.
На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.
За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.
Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).
Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дeн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).
Тропар
Свети великомаченик Димитриј – Митровден
Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.
Култура
„Велики Петок“, најстрог пост, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле..

Секој ден од оваа недела која е најтешка од велигденскиот пост има посебно значење и посебни обичаи.
Денес е големиот ден, Велики петок.
Велики петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата кога би имало нормални услови се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.
Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Култура
„Велики Четврток“, традиции и обичаи за овој наш голем ден

На Велики Четврток ние славиме четири (4) настани од последните денови на Христовиот живот, а тоа се: миењето на апостолските нозе, Тајната вечера, свештената молитва за време на вечерата и на гората и предавството Јудино.
Миењето на нозете беше извршено за да се покаже смиреноста на Христа и да им даде до знаење на апостолите дека треба да го прават истото стално и да не бараат старешинство. Тоа останало во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква со векови, а го гледаме со тоа што ниту еден епископ е над другиот, туку и Вселенскиот патријарх е прв меѓу еднаквите, односно само по важност за свикување на собори, но не по чин и старешинство.
За време на Тајната вечера се востанови Светата тајна Евхаристија (Причест), а Христос тоа го изврши со леб и вино. Тоа се случило четвртокот вечерта, затоа што Евреите го сметаат времето од една вечер до вечерта другиот ден, па така се случила Пасхата во петок. За ова востановување се вели: „И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: ‘Земете, јадете; тоа е Моето тело. Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: ‘Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина’“ (Марко 14,22-24).
Свештената молитва Господ ја кажал додека биле заедно собрани во горната одаја каде што ја јаделе Пасхата (празник на Евреите. Велигден е наречен нова Пасха (Премин)), онака како што вели свети апостол и евангелист Јован Богослов (17,1-26), а потоа и на Гетсиманија (градина, на Маслиновата Гора) според сведочењето на светите апостол Матеј, Марко и Лука (Матеј 26,36-46; Марко 14,32-42; Лука 22,39-46). Таа молитва Христос ја кажал за апостолите, за Црквата и за сите луѓе, а потоа и за Себеси бидејќи не бил само Бог, туку и Човек – Богочовек. Тоа било принос на молитвата од Вистинскиот Првосвештеник, само за да се спаси светот.
Според традицијата во минатото на Велики Четврток жените поминуваат најмногу време во кујната. Тогашнајвозрасните жена во семејството замесува велигденски леб, нарекуван уште богова пита, велигденски кравај или квасник).
Велигденските леб е обреден леб и се украсува со непарен број велигденски јајца.
Велат исто така, дека на полноќ на Велики Четврток небото се отвора, за да слезат кај своите блиски душите на мртвите, кои остануваат на земјата 40 дена.
Во минатото на Велики Четврток луѓето ги осветувале новите домови.
Што велат преданијата и Библијата за овој ден?
Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот). Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Великпеток. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков грев Римјаните морале да го казнат сторителот. Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал “Распни го! Распни го!”. Затоа откако ја изрекол пресудата,Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”. Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обестиниле Исусовите зборови дека “и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог”. Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син. Јосиф од Ариматеја отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат. Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото.
Култура
(ФОТО) Во кичевското ЦОУ „Христо Узунов“ реализирана работилница со дечиња под наслов „Позитивна комуникација“

Овој месец стручната служба во ЦОУ „Христо Узунов“ во кичевското с.Другово со учениците од VII одделение заедно со вработените во установата, психологот Јасмина Дејаноска и дефектологот Цвете Наќеска ја реализираа работилницата под наслов „Позитивна комуникација“ – Самоосознавање и спознавање на другите, a во рамки на проектот: Зачувување на нашето Ментално здравје.
– Психолошката поддршка е многу важна во секој период од нашиот живот, доколку наидеме на некакви проблеми. Затоа превенцијата е еден од клучните моменти да спречиме одредено расплинување на одредена проблематика.
Проектот Ментално здравје преку реализација на работилниците ни нуди можност на учениците да им укажеме како да се справуваат на училиште и општо во секојдневниот живот со различните ситуации, за јавноста истакнаа од училиштето.
-
Кичево18 часа
Трагична сообраќајка со жртви кај кичевската месност „Сеферов бунар“
-
Кичево19 часа
Сообраќајна несреќа предмалку се случила на магистрален пат Кичево-Гостивар во близина на с.Зајас
-
Кичево5 часа
СВР Охрид со детали за стравичната сообраќајка во Кичево која одзеде три животи
-
Хороскоп2 дена
Хороскоп за петок (18 април)
-
Хороскоп17 часа
Хороскоп за сабота (19 април)
-
Култура1 ден
„Велики Петок“, најстрог пост, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле..
-
Македонија1 ден
Возел мотор без возачка и со сообраќајна од друг мотор со измината важност
-
Македонија2 дена
Во прилепско пронајдени неексплодирани гранати од Прва светска војна