Следете не

Култура

Денес е Св.Кирил и Методиј, денот на словенските просветители

Avatar

Објавено пред

на

Денес е празник, Св.Кирил и Методиј, светите браќа кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…

Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.

За постариот брат Методиј многу малку се знае. Името Методиј го добил во монаштво. Завршил највисоки школи во Константинопол и ја избрал воената служба. Десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но, ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна, во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.

Константин пак, познат под монашкото име Кирил, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека ги учел сите филозофски науки кај Лаава и Фотија, дека учел реторика, артиметика, астрономија, книжевност, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа, па така станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот филозоф.

Бидејќи се истакнал со познавање на црковните, но и на световните прашања, на 24- годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен на Арапската мисија кај Сарацените, која што имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.

Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското кнежевство во Македонија (т.н. Брегалничка мисија). Доаѓајќи во брегалничко, Константин покрстил 54000 словени и ги воочил проблемите со кои се соочуваат словените поради немањето на своја азбука и неможноста да се употребува грчкото и латничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.

Во 860 година, Константин бил испратен кај Хазарите (Хазарска мисија) на брегот на Црно море. Тие немале официјална религија – имало Евреи, Муслимани, Христијани и пагани (многубошци). Задачата на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј. Во оваа мисија тие ги откриле моштите на Папата Климент I (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата Св.Димитрија во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент и понел дел од моштите со себе.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, за и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.

Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе ги носеле моштите  на папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, папата Адријан II го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 година.

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.

© Порта.мк Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината што се превзема.

Култура

За многу години, денес е Спасовден, ова се сите обичаи и верувања за овој голем празник, најсреќниот ден во годината

Avatar

Објавено пред

на

Четириесет дена по Велигден (во четврток)

Именден празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…

Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).

Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.

Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на IV век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ се зборува и за вознесението на Исус. Притоа се вели дека Исус на апостолите им се јавил жив, како што им се јавувал за време на четириесетте дена кога им зборувал за царството Божјо. „И собирајќи ги Он им заповеда: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене. Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“. Со ова Исус го најавил слегувањето на Светиот Дух врз апостолите како и она што подоцна ќе се случи и во кое тие ќе бидат активни учесници. „…но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата. И штом го рече тоа, додека тие го гледаа, Он се подигна и облак Го подзеде од пред очите нивни. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“. (Дела 1/1-11)

Овој настан се споменува и во евангелските текстови, поточно во Евенгелијата на Марко и на Лука. „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие пак отидоа и проповедаа насекаде: и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин.“ (Марко 16/19-20) Овој настан се споменува и во Евангелието според Лука: „И ги изведе надвор од Витанија, па кога ги подигна рацете ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што го прославуваа и благословуваа Бога. Амин.“ (Лука, 24/50-53) Така, според овие сведоштва, Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале во храмовите.

Местото од кое Исус се вознесол на небото веднаш станало култно место. Светото предание запаметило дека на тоа место долго се познавале отисоците од неговите стапала, а царицата Елена (мајката на царот Св. Константин) наредила тука да се изгради голема и убава црква којашто подоцна била урната од Сарацените.

Светиот Епифаниј, епископ Кипарски, анализирајќи ги величината и вредностите на празникот Вознесение, вели дека многу луѓе, бидејќи не ја познаваат величината на овој празник, го сметаат понизок од другите. Меѓутоа, како што е главата украс на телото, така и празникот Вознесение е украсот на сите празници, односно тоа е полнотата на сите Господови празници. Прв празник е страшното и чудесно раѓање Христово во тело. Втор е празникот Богојавление, кој има поголемо созерцание од првиот. Трет празник е Воскресението, кој се покажа пославен од претходните, затоа што беше победена смртта, но и тој ја немаше полнотата на радоста бидејќи Христос сè уште се наоѓаше на земјата. Меѓутоа, празникот Вознесение исполни се со радост, затоа што Христос, откако ги отвори небесата, ни покажа чудна глетка, т.е. нашето тело издигнато на царски престол. Следствено, вредноста на Вознесението се наоѓа во тоа дека човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа од личноста на Логосот, седи на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. Кога Исус се родил, дури и кога почнал да го проповеда своето учење луѓето не го гледале во него Спасителот. Како што беше споменато на едно место тие очекувале поинаков спасител, човек што ќе ги ослободи од ропството. Го исмевале, го клеветеле, дури и го распнале на крст како што им се правело на најголемите злосторници. Дури со неговото вознесение многу тајни се разјасниле, многумина се увериле дека тој е Спасителот на светот.

Но и светиот Атанасиј Велики осврнувајќи се на два Господови празници, т.е. на Воскресението и Вознесението, вели дека Воскресението им ја дарува на луѓето победата над смртта, а Христовото вознесение го воведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него. Следствено, едно е победата над смртта, а друго е издигнувањето на човечката природа на Божјиот престол. Токму затоа и можеме да ја видиме и возвишеноста на Вознесението, или, за да се изразиме подобро, совршеноста и полнотата на Божјиот Домострој со овој настан.

Интересни се гледањата на некои свети отци поврзани со Вознесението. Така, на пример, светиот Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението е поврзано само со светителите. Тоа се вели од аспект дека со своето воскресение Христос ја победи смртта и на сите им го даде дарот на воскресението. Сите ќе воскреснат во денот на Христовото второ доаѓање, и праведници и грешници, но нема сите да се вознесат. Само праведниците, обожените, ќе се удостојат со тој голем опит.

Светиот Григорој Палама уште вели дека и пред Христа имало и вознесенија. Во Стариот завет се вели дека дух го зел пророкот Еремија, ангел го зел Авакум, повеќе од сите, пророкот Илија се вознел на огнена кола. Вознесението на сите овие било на некој начин преместување кое ги издигнало од земјата, но не ги извело од неа. Значи, никој од нив не ја надминал земната атмосфера. Исто така, оние кои воскреснале и се вратиле на земјата, по некое време пак умреле. Меѓутоа, Христос воскресна и смртта нема власт над Него, а бидејќи се вознесе на небесата, секое издигнување е пониско од Него.

Црковните песни што се исполнуваат на овој ден како и во деновите на претпразненството и попразненството се исполнети со радост и тага. Радосни се апостолите зашто до крај се исполниле зборовите на Исус. Песните што се пеат во оваа пригода содржат радост зашто Исус заминал на небото, но содржат и тага зашто апостолите и народот остануваат сирачиња без својот Господ на земјата. Во таа смисла и во тропарот посветен на овој ден се пее: „Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги израдувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот“.

Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.

Во таа смисла е и песната „Свети Спас го обиколува полето“ во која се опева токму ваквата улога на светецот што ја наследил од старото паганско божество.

Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове,

коња кове за полето, да си иде ју полето,

да си види берикето, арен ли е, добар ли е,

или си е како што е? Море мале, стара мале,

есеното са класуе, пролетното са никнуе.

Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!

На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас“ и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата. Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на средселото и се послужувале сите присутни. Во Гевгелиско, пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.

Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. Имено, тој на едно место запишал дека „нефелало да се работи навечер од Велигден до Спасовден, за да биди добар бериќетот и да не биди скапија“, а на друго место во врска со баењата запишал дека водата од Кривата Воденица што се наоѓала на патот кон Магарево, најлековита била од Величетврток до Спасовден. „Од ден Величетврток ќе заватат да одат кај Кривата Воденица битолчани и од селата да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасоен“.

Во еден запис за црквата „Свети Спас“ во Штип се вели дека е изградена „во времето на северномакедонскиот кнез Константин во втората половина на XIV век, поточно во 1369 година“, односно дека е изградена од Димитар, војвода на Константин, а Константин во 1388 година и подарил на црквата неколку села заедно со селаните. Во овој запис уште се истакнува дека на празникот Спасовден камењата на црквата однадвор ги завивале со волнени конци. Тоа го правеле жените без деца коишто верувале дека Господ ќе ги удостои со рожба ако на празникот црквата ја замотаат со волнени конци.

Во минатото интересни обичаи поврзани со овој празник се одржувале во Голо Брдо, област со македонско население што по поделбите на Македонија останала во Албанија. Во селото Дренок на Спасовден носеле крсти (литии). Секоја куќа крстите ги пречекувала со софра на гумното. На софрата задолжително имало леб, а врз лебот каленица со пржени јајца со сирење. Лушпите од јајцата ги ставале на гранки и ги фрлале во оган „за од очи“, но и за црви да не го јадат пиперот. Поворката со крстите три пати обиколувала една смрека, каде што имало и капела, а учесниците во обредот земале од смреката по едно парче кое им служело за лек, кога некој ќе се разболел го каделе со тоа дрво. На Спасовден литии носеле и во селото Стеблево. На секоја нива крстите ги чекал домаќинот, а попот пеел молитви. Во секој дом пак, имало поставена трпеза. Тоа го правеле и христијаните и муслиманите. Кај местото Чукнитопан поворката одмарала, а тука се играло и оро. Местото така го викале бидејќи некогаш тука имало стража која со удирање во тапан давала знак дека патот низ Дервен (над Јабланица), што водел од Голо Брдо кон Струга е слободен.

Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за град да не го уништува полето. Ова верување е остаток од претхристијанскиот период кога кај Словените четвртокот бил ден посветен на врховното божество громовникот Перун и бил нарекуван Перунов ден. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот. Така на пр. Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало“ на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!“ И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо.“ Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!“

И јеромонахот Јосиф од Кичевскиот манастир Пречиста во една беседа кажувана во цветоносната недела против некои суеверија што фатиле корен меѓу народот, ги споменува и величетвртоците чие држење како празник, исто така, го нарекува суеверие. Во ова беседа објавена во цариградскиот весник „Новини“ во 1893 година се вели: „А за празниците Господски од неделите башка сме разбрали оти појќето рисјани не прашуат попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (1-иј март), Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита). Седум величетвртоци по Велигден за град да не биел по бериќетот, Прокопија, за да не се прокопат седбите…“ Итн.

Очигледно е дека празникот Вознесение Христово – Спасовден е голем празник кој има значајно место во животот на нашите православни христијани. Но очигледно е дека во народните верувања поврзани со овој период од годината среќаваме остатоци од претхристијанско време, многу суеверие кое се одржало до денес и покрај настојувањето на црквата да го искорени. Сепак, дури во најново време овие суеверија исчезнуват со забрзано темпо зашто „наглавата урбанизација ги корне древните обичаи посилно од секаква проповед.“

Тропар

Вознесение Христово

(Спасовден)

Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот.

Спасовден во Битуше

Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден. Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.

На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток.

Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“. Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца.

По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња. Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.

Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.

Од книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“, 2006.

Спасовден во Вевчани

Спасовден (Вознесение Христово) – овој пролетен празник во Вевчани се слави три пати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него. Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед. А еве како се случило тоа:

Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат. Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината.

Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци. А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.

Ете заради тоа почнале да го празнуваат овој ден Вевчанци, а култот кон Св. Спас го профатиле и другите.

Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002.

© Порта.мк Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината што се превзема.

Прочитај повеќе...

Култура

Денеска е Светол Вторник: Трет ден Велигден – Споделете радост со најблиските

Avatar

Објавено пред

на

Светол или Велигденски вторник е втор ден по Велигден кога продолжува прославувањето на најголемиот христијански празник – Велигден, како во црквите така и во домовите на православните верници.

Богослужбите се исти како и претходните два дена.
Велигденските празнувања траат три дена, а на Велигденскиот вторник продолжуваат гозбите и веселбите на кои доаѓаат роднините, кумовите, соседите и пријателите, па во тоа време се собираат и роднините од подалечните краишта.

Кај народот овој вторник се смета за најдобар вторник во целата календарска година. Во некои села, се одржуваат и свадби, зошто се смета дека овој ден има посебен благодет кој се пренесува на новите сопружници и нивното новоосновано семејство.

Според преданието, во недела рано пред зори Марија Магдалена, Марија Јаковлеа, Саломија и некои други жени отишле со подготвено миро до гробот на Христа.
Големиот камен со кој бил затворен Христовиот гроб бил тргнат, а гробот празен. На каменот седел ангел Божји, со лице како молња и одежда бела како снег.

Стражарите – војници биле вкочанети од страв, а тогаш им се обратил ангелот: „Не се плашете, зошто знам дека го барате распнатиот Исус. Не е тука зошто стана. Одете брзо и кажете им на неговите ученици дека Воскресна.
Жените и збунетите војници веднаш се стрчале во градот за да ги известат еврејските поглавари за тоа што виделе, а народот многу се израдувал.

Поради тоа единствена работа која овие три дена верниците мора да ја почитуваат, е да споделат радост со блиските.
Народното верување вели дека оние кои не го почитуваат ова едноставно “правило“ му пркосат на Бога и Христа и нема да им оди во животот „како што треба“.

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Светиот апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го“, им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион“ (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главaтa, со камења по усните, го бодеа со ножови.

И кога го оставија како мртов, свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на светиот апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар.

Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, коj и се случи во времето на кесарот Клавдиј.

И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Јерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова, вака ќе го врзат во Јерусалим Евреите“ (Дела 21, 11). Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ“ (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска. Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон. Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација.

Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.

Извор: Infomax.mk

© Порта.мк Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината што се превзема.

Прочитај повеќе...

Култура

Денеска славиме Воскресение Христово – Втор ден

Avatar

Објавено пред

на

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден денот на воскресението.

Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време.

Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.

И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.

Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение.

Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

/religija.mk

© Порта.мк Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината што се превзема.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Здравје и убавинаПред 14 минути

Овој витамин најмногу му одговара на телото во заштита од вируси

Спроведеното истражување дојде до нови заклучоци Заштитата на имунолошкиот систем е од витално значење во овој период. Силен имунолошки систем...

ЕстрадаПред 2 часа

(ВО ЖИВО) Припремете мезе и пијалок за екстра расположение со Стојне Николова & Благоја Грујовски вечерва од 21:00 часот

Да ја негуваме нашата музика и да дадеме поддршка на концертите во живо преку „livestream“ платформата која дефинитивно покажа резултат...

МакедонијаПред 2 часа

Жителите од југозападниот регион од нашата земја го почуствуваа земјотресот кој го погоди албанскиот град Корча пред еден час

Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала го погоди албанскиот град Корча, кој се наоѓа непосредно до границата...

МакедонијаПред 4 часа

Денеска 35 нови случаи на Ковид-19 во нашата држава

Изминатото деноноќие регистрирани се 35 новозаболени, а 5 лица починаа од Ковид-19. Еден е од Струга на 70 години,а  4-ца...

МакедонијаПред 6 часа

„Женската популација како ранлива група“ проект на студентки при Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство „ФИНКИ“

Група на студентки од „ФИНКИ“ направија проект на тема „Женската популација како ранлива група“. Во современите демократии жената со сите...

КичевоПред 7 часа

Вчера 38 казни за лица од Кичево поради не носење маски за заштита од Коронавирус

Во текот на изминатото деноќие, полициските службеници, издале 151 прекршочен налог на физички лица за сторен прекршок спротивен на уредбата...

ХороскопПред 21 час

Хороскоп за денес (30.05) сабота

ОВЕН Може да очекувате промени на деловно поле. Се разочаравте во саканата личност. Пред вас е период во кој ќе...

КичевоПред 1 ден

Во моментов во домашна изолација се 24 лица од Кичево

Според статистичките податоци на МВР, на подрачјето на СВР Охрид, моментално во изолација се 119 лица (Охрид-47, Струга-48, Кичево-24). Врз...

КичевоПред 1 ден

Во Кичево пронајдена не експлодирана минофрлачка мина во подрум

Вчера на ден 28.05.2020 во Полициската станица Кичево, В.М.(52) од Кичево пријавила дека на 24.05.2020 во подрумските простории во нејзиниот...

МакедонијаПред 1 ден

52 лица ново регистрирани како позитивни од Ковид-19, се очекува прес на Министерството за здравство

За во 13:30 часот е закажана прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче на која се очекуваат детали околу состојбата...

НАЈЧИТАНИ