Култура
Дeнот на очекување на радосната вест, денеска е „БАДНИК“, да се помолиме за здравје, среќа, љубов и мир!
Денес е Бадник, додека истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето”.
Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.
Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Поели дедо Боже да вечераме.” На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.
На Бадник, во повеќе краишта на Македонија се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци. Во некои краишта овој обичај се изведува на Василица.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ, како што запишал К. Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник”. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските, за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело да се раќаат се женски од живата стока на домаќинот т.е. јагниња, телиња, коњи и сл.” Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер”, а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно”. Во Дебарско, според записите на В. Икономов, исто така, внимавале “да остане едно парче недогорена гламна коешто секоја вечер од Божик до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино – за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток.
Во Струга децата одејќи по коледа носеле дрвени чеканчиња со кои тропале по влезните врати и пееле:
– Сива, сива голабица,
каде си се осивила?
– Таму горе на бел Дунав.
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златрна чаша, иконата,
да служиме млада Бога,
млада Бога Божикова,
Божик ми е на небеса,
слава му е на земјата.
Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.
Интересни обичаи поврзани со овој празник сè уште се изведуваат во Западна Македонија, поточно во с. Битуше. Денот пред Бадник се вика Кршенделија и тогаш при ставање на софрата се става и каленик (чинија) со ореви. Секој зема по неколку и ги крши при што се верува дека ако тие се здрави, односно со бели и големи јатки и годината ќе биде плодна, односно семејството ќе има напредок. На Бадник, рано наутро, децата оделе во гората да соберат бодници (бадници). Тоа се дабови гранки коишто потоа стоеле покрај домашната икона односно покрај иконата на светецот заштитник. Вечерта кога ќе седнеле на вечера сите се фаќале за бадниците, при што едно бадниково гранче фрлале во разгорениот оган. Верувајќи дека оваа ноќ може да биде опасна поради негативните демони, луѓето ги затворале портите верувајќи дека со тоа им го зџатвораат и простапот на нечистите сили. Тоа трело до пеењето на првите петли кога сите станувале и се подготвувале за одење „в црква”.
Култура
Утре е голем празник, помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава, за многу години!
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос.
Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
За многу години, утрешниот празник домаќини!
Култура
Денес започнува Божиќниот пост кој трае 40 дена и завршува на денот кога се слави Христовото раѓање, Лесни и богоугодни пости!
Денес започнува Божиќниот пост, кој трае 40 дена и завршува на 7 јануари денот кога се слави Христовото раѓање. Овој пост претставува еден од најзначајните и подолги пости во православието. Неговото значење не се ограничува само на воздржување од мрсна храна, туку опфаќа и напуштање на лошите мисли, постапки и навики, како и поттикнување на милосрдието, скромноста и искреното покајание.
Црквата истакнува дека постот е воспоставен како подготовка на верниците преку очистување и покајание пред Христовото раѓање, како и преку молитва и примање на светата причест.
Иако се смета за поблаг од Велигденскиот пост, Божиќниот пост содржи денови со построги правила пост на вода, денови кога е дозволено масло, како и одредени денови кога е дозволена риба.
Во прилог ТУКА Ви го претставуваме прекрасниот натпис на Билјана Андоновска, писател и поет.
Култура
Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!
Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), денес е 6 септември – ден посветен на споменот на чудата што се случиле во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна била изградена и црква во негова чест.
Главниот празник на свети архангел Михаил, пак, е Собор на свети архангел Михаил, кој се слави на 8 ноември по стариот (или 21 ноември по новиот) календар. Овој ден е еден од поголемите есенски празници што нашиот народ традиционално ги одбележува со домашни служби. Кај луѓето е познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден, а празникот е востановен во чест на сите ангели, особено на нивниот водач – светиот архангел Михаил.
На овој ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.
Ангелите и улогата на Архангел Михаил
Според црковното предание, пред создавањето на видливиот свет, Бог го создадил духовниот свет – ангелите. Тие се невидливи духовни битија и затоа на фреските се претставени во човечка форма, со крилја како симбол дека се Божји весници. Нивното бело облекување означува чистота и невиност.
Архангел Михаил е единствениот ангел прикажан во војводска облека, со меч и копје. Причината се крие во неговата улога во борбата против паднатите ангели. Кога дел од ангелите, предводени од Деница, се одметнале од Бога, архангел Михаил застанал во одбрана на Божјата правда, ги собрал верните ангели и го победил предводникот на злото, симнувајќи го од небесата.
Во знак на верност кон Бога, архангел Михаил и сите ангели ја воспеале Света Троица со песната:
„Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“.
Во спомен на овој небесен собир е востановен празникот Собор на свети архангел Михаил, со кој црквата им оддава чест на сите ангели.
Зошто празникот се слави токму во ноември?
Според старите сметања, годината започнувала во март, а ноември бил деветтиот месец. Деветката симболично ги претставува деветте ангелски чинови. Осмиот ден од месецот (8 ноември) пак се зема како симболичен знак за „осмиот ден“ – времето по Страшниот суд, кога Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите.
-
Кичево2 денаЈовановски: „Ние во Кичево не можеме да исчистиме толку брзо колку што некои несовесни граѓани можат да расфрлаат ѓубре“
-
Култура2 денаУтре е голем празник, помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава, за многу години!
-
Хороскоп1 денХороскоп за четврток (4 декември)
-
Хороскоп9 часаХороскоп за петок (5 декември)
-
Временска прогноза2 денаДождот продолжува, на планините кои се над одредена надморска височина ќе се формира снежна покривка
-
Технологија2 дена„Sony“ го лансира најновиот супер моќен продукт „Sony A7 V“, опремен со нов сензор и „partial stacked“ архитектура
-
Спорт2 денаБлагоја Милевски се заблагодари на сите досегашни претседатели на ФФМ, сите наши фудбалери, стручен штаб, медицински лица и логистика
-
Здравје и убавина23 часаСамо со неколку нови навики, стартот на денот ќе ви биде полн со енергија
