Култура
(ФОТО+ВИДЕО) Вистински Рај за очи и душа се Богојавленските проблесоци во Ростуше, Радика и Гари

Веќе неколку дена Црквата ги повикува своите верни чеда да „одат и нацрпат вода од источникот на спасението“, од „духовниот камен“ од кого избија и потекоа води на вечен живот, Господ наш Исус Христос, Кој денес во реката Јордан од Јован се крштева. Ова големо Таинство, со кое „се просветлува секој човек што доаѓа на светов“, е исклучителна привилегија на секој Христијанин со чинот кој се нарекува Осветувањето вода на празникот Богојавление, всужност да го доживее личното осветување и просветување преку познанието на единосуштната и надсуштествената Троица, Отецот и Синот и Духот.
Со прекрасни песни и пророчки слова таа сака да ја трогне душата, прикажувајќи чудесна глетка на која со трепет се восхитуваат и силите ангелски: како „Оној Кој ја обеси земјата на водите“ Го примаат речните води; како „Оној Кој го облекува небото со облаци“ е облечен во водите Јордански; како Самиот Творец на родот човечки се соблекува, за да ја покрие голотијата Адамова и да го облече во нова и светла облека на духовен препород, за со таа облека да ја стопли душата на паднатиот човек, оладена од студот на страстите… Водата Господ ја осветува, за ние, кои сме облечени во тело, преку видливото оросување на телото со вода, полесно да ја подготвиме душата за оросување со Светиот Дух. Тоа осветување треба да продре длабоко, во внатрешното битие на човекот и да го направи нова твар, обновена личност, жител на рајот и сведок на тајните Божествени.
Задоена од светопреданискиот дух на Црквата Христова, Бигорската Света Обител со достоинство и велелепие го празнуваше денеска празникот на Троичното Богојавление, настанот на најголемото откритие во историјата – имено, откривањето на единиот Бог во Троица. Божествено јавување, Просветление, Очистување. На душата олеснување од гревовите и исконско радование. Со чувства на благодарност и на живот во светлината духовна, многубројни верни притекнати од разни краеви и сосредоточени во сечесниот храм на Царицата Мајка во с. Ростуше, го празнуваа молитвено денот на Христовото Крштение во Јорадан од раката на Чесниот Претеча и Божествен Крстител Свети Јован. Литургиското собрание, возглавено од нашиот богољубив и празникољубив Старец, Светиот Антаниски г. Партениј, свештенолепно ја отсликуваше славата и честа на денешниот празник. Молитви, благодарења и мистично соединување со нашиот Спасител, Господ Исус Христос, беше содржината на богослужбеното торжество во Ростуше.
По завршетокот на Божествената Евхаристија, традиционално, со молитвена литија, народот Божји се упати кон брзите води на Радика, каде што Старецот, преку чинот на Големиот Богојавленски водосвет, го испроси благословот Божји и осветувачката сила на Светиот Дух. И она што го полнеше со восхит срцето на секој присутен, беше многубројноста на младите души подготвени да влезат во осветените водотеци од љубов кон светиот крст и за небесен благослов. Така, годинава над двесте и педесет млади луѓе влегоа во Радика кога Епископот г. Партениј го положи крстот во реката, благословувајќи ги претходно сите нив со татковски благослов. Од нив, пак, најголемата радост ја имаше Александар Најдовски од Битола, кој по втор пат го извади чесниот крст од осветените води на Радика.
Откако владиката г. Партениј ја сподели радоста и благодатта со верниот народ, по претходна молба од ѓаконот Дарко Несторовски и на благочестивите гарчани, се упати кон славното мијачко село Гари, родното место на генијалниот копаничар Петре Гарката, за таму, по прв пат, да го изврши Големиот Богојавленски водосвет и да ги освети водните струи на Гарска Река. Сместена во живописна клисура, среде планински врвови и високи карпи, реката на с. Гари мистично раскажуваше за својата радост од денешната посета и свештениот чин што се изврши во неа. Благословот, пак, да го извади чесниот крст од нејзините брзи води го имаше младиот Виктор Нестороски. Голема благодарност и нескриена радост и задоволство се отсликуваше на лицата на присутните, кои домаќински го пречекаа нашиот Старец, Епископ г. Партениј, бидејќи за нив беше голем благослов и историски ден на посета на владика, кој им го благослови селото и делата на нивните раце и ги освети водите, положувајќи го во нив чесниот крст.
Небесните светлини од овој благословен ден да ни ги умножува Бог, воведуваќи нè во Својата чудна и незаодна светлина на Својата слава.
Повеќе фотографии од манифестацијата ќе најдете ТУКА
Култура
Денес е „Младенци“, честит именден и честит брак на тие што стапиле и се нови брачни парови

Празникот на пролетта – 22 март, поради големата трагедија во Кочани, тој во нашата држава е во денови на жалост, додека младите брачни парови години наназад го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. На овој ден, Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте вojници од Севастија кои мaaчeничkи зaгинaлa за христовата вера.
Именден тогаш празнуваат: Младен, Младенка…
Христијански обичај е во првата година од својот брак на 22 март младите да слават Младенци. На тој ден, во црква се носат свеќите од венчавката за да се дoгopaт.
Навечер обично доаѓаат најблиските за да честитаат. Во некои краишта на денешен ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче.
Житијата за Светите четириесет мaчeници како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте вojници од Севастија мaчeничkи зaгинaлe не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се пokлонат пред римските идoли и да им принесат жpтви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонcтвoтo, а кога тоа го одбиле биле затвopени, мaчeни и изведени пред cyд. Биле ocyдени цела ноќ да стојат во вода што cмpзнyва. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале стpaдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што cмрзнyвала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на вojниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измpзнaтите вojници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги зaпaлилe.
Честит именден и за многу години да е, честит брак и на тие што стапиле и се нови брачни парови!
Култура
Чистиот Понеделник – почеток на „Четириесетдневната пролет“ на покајанието

Влеговме во светата и блажена Велика Четириесетница, во ова духовно патување што ни е дадено како лек за нашата душа, како можност за обновување, како враќање кон светлината Божествена. Бигорската Обител денеска е озарена од мистичната атмосфера на Чистиот Понеделник, денот кога зачекоруваме на патот на очистувањето, на покајанието, на преобразувањето во Христовата милост.
Во ова прво пустинско деноноќие, кога срцето веќе ја вкусува сладоста на подвижничкиот подвиг, во Манастирот тивко се разлева звукот на долгочасовните богослужби, кои како поток на благодатта течат во душите на оние што пристапуваат кон постот со ревност и со љубов. Гласовите на браќата се издигнуваат во псалмопеења, во пророчки читања, во светоотечки посланија; сè сведочи за светата тајна на покајанието, кое не е ништо друго, туку враќање во домот на Отецот небесен.
„Дојдете луѓе, дарот на постот денес да го примиме, како од Бога дарувано време за покајание, и во него Спасителот да Го смилостивиме“.
Особено трогателен е Великиот Покаен Канон на Свети Андреј Критски – таа молитвена исповед, што го наведува срцето на самопрегледување, на покајнички плач, на длабока внатрешна потресеност. Нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, ги читаше неговите чудесно вдахновени стихови со посебно умиление, со глас полн со сериозност и љубов, со глас што го повикува секој присутен да се соочи со својата душа, да се сретне со себе самиот, да ги согледа сопствените слабости, но и да положи надеж во бездната на милосрдието Божјо.
„Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува и ќе се смутиш. Разбуди се, за да се смилува Христос Бог, Кој е насекаде и сè исполнува“.
Во овој ден на исихија и молитва, во квечерината што го покрива светот, од светите сводови на Манастирот се издигнаа и првите песнопенија на Великото Повечерие.
„Со нас е Бог! Разберете, народи, и покорете се, зашто со нас е Бог!“
Чистиот Понеделник е дар. Тој е почеток на патувањето кон Пасхата, кон Воскресението. Не како некоја надворешна дисциплина, не како обична жртва, туку како откровение за тоа кои сме, каде сме и каде треба да одиме. Затоа, овој пост да не биде само воздржување од храна, туку отворање на срцето за дејствително покајание, за прошка, за добрина, за љубов.
„Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа, а вистински пост е: бегање од злото, воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите, на озборувањето, на лагата, на прекршување на дадено ветување. Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен“.
„На покајанието отвори ми двери, Жизнодавче, зашто утренува духот мој кон светиот храм Твој, храмот носејќи го телесен сиот осквернавен; но, како сожалив очисти ме, според благоутробната Ти милост!“ – повикува душата. А Бог, со неискажлива милост, ни ги отвора тие двери. Нè чека. Нè повикува. Да не Го оставаме да чека, истакна Бигорскиот Манастир, повеќе фотографии прегледајте на официјалниот линк ТУКА
Култура
Добитници на Оскар 2025: „Anora“ е големиот победник на вечерта

Синоќа, во театарот Долби во Лос Анџелес, се одржа 97-то доделување на Оскарите.
Филмови со најмногу номинации
- Мјузиклот “Emilia Pérez” предводеше со 13 номинации – рекорден број оваа година.
- По него следуваа “Wicked” и “The Brutalist” со по 10 номинации.
Големата победа на “Anora”
Филмот “Anora”, во режија на Sean Baker, беше најголемиот победник на вечерта. Освои пет награди, вклучувајќи ги Оскарите за најдобар филм и најдобра актерка, пренесува CNN.
Церемонијата во знакот на Конан О’Брајан
- Конан О’Брајан за првпат беше водител на доделувањето на Оскарите.
- Настанот започна со специјален филмски сегмент посветен на Лос Анџелес, кој оваа година беше погоден од пожари.
- Вечерта ја разубавија и Ariana Grande и Cynthia Erivo, со релаксирачка музичка изведба од “Wicked”.
Други забележителни моменти
- “The Brutalist” ја заврши вечерта со три награди, вклучувајќи и Оскар за најдобар актер за Adrien Brody.
- “Wicked” и “Emilia Pérez” освоија по две награди.
- Најголемото изненадување беше филмот “A Complete Unknown”, кој иако имаше осум номинации, не освои ниту една награда.
Победници на Оскар 2025
Најдобар филм – Anora
Номинирани за најдобар филм:
- Anora
- The Brutalist
- A Complete Unknown
- Conclave
- Dune: Part Two
- Emilia Pérez
- I’m Still Here
- Nickel Boys
- The Substance
- Wicked
Најдобар актер – Adrien Brody (The Brutalist)
Најдобра актерка – Mikey Madison (Anora)
Најдобар режисер – Sean Baker (Anora)
Најдобра споредна женска улога – Zoe Saldaña
Најдобра споредна машка улога – Kieran Culkin
Најдобра филмска музика – The Brutalist
Најдобра монтажа – Anora
Најдобар филм на странски јазик – I’m Still Here
Најдобро адаптирано сценарио – Conclave
Најдобро оригинално сценарио – Anora
-
Македонија11 часа
Уапсени сопственици на локали кои не почитувале денови на жалост и пуштале музика
-
Кичево2 дена
Со едногласна одлука советот на Општина Кичево изгласа финансиска помош за настраданите во Кочани
-
Македонија1 ден
(ВИДЕО) Огромен пожар во Струмица, помеѓу Софилар – Баница, ветерот дополнително го отежнува дејствувањето, за состојбата се огласи и градоначалникот
-
Временска прогноза1 ден
Доаѓа медитерантски циклон кој носи големо количество на врнежи од дожд
-
Култура14 часа
Денес е „Младенци“, честит именден и честит брак на тие што стапиле и се нови брачни парови
-
Спорт1 ден
Македонската фудбалска репрезентација утре стартува со првиот меч во квалификациите за СП 2026, Милевски се надева на победа со која ќе се продолжи серијата позитивни резултати
-
Lifestyle1 ден
Оревите за појадок – тајната за здравје и брзо слабеење
-
Магазин1 ден
Рецепт од нашите баби: Како да направите домашно кисело млеко?