Култура
(ФОТО) По деветти пат оваа година се отслужи Божествена Литургија на врвот Крчин, благодарење и молитва во недопрените планински висини
Таму каде што длабоката ноќ го остава својот мистичен плашт и каде што утрото пред очите твои полека се облекува во ранобудна светлина која денот ти го најавува; таму каде што нозете спокојно чекорат по меки патеки прекриени со златобојни лисја; каде јазикот милува повеќе тишината да ја слуша и устата со секој нов здив внатрешна молитва да твори – таму очите се восхитуваат пред глетката на созданието соотворено од премудриот и прекрасен Создател, таму духот човечки се радува и душата во умиление пребива; таму исправен стамено стои пред ветровите бурни, кои како со своето дување ги шепотат тајните на предците кои светилиште на возљубениот си Бог Му подигнале.
Под ова величествено небо, на овој прекрасен врв Голем Крчин (2341 мнв.), кој преку крстот што на него издигнат стои, сведочи за својата духовна сила, со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, во смирена синовска љубов, на 3 септември, по деветти пат се отслужи Божествена Литургија.

Чекор по чекор, и оваа година голем број на љубители на висините, со срца полни надежи и копнежи, се искачија на овој величествен крстоврв. Собрани тука, во огромната прегратка на небото и жедни за примање на благодатната светлина, заедно ги издигнувавме своите мисли и молби, сплотени во една заедничка цел: оваа тивка благодат да не нè остави, туку секогаш да нè крепи и напојува со своите сили.
Бог да ги благослови сите учесници на овој прекрасен настан, нека ги благослови и крепи и нивните семејства и ближни, како и целиот народ Божји.
Повеќе фотографии од настанот ќе најдете во продолжение ТУКА
Култура
Утре е голем празник, помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава, за многу години!
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос.
Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
За многу години, утрешниот празник домаќини!
Култура
Денес започнува Божиќниот пост кој трае 40 дена и завршува на денот кога се слави Христовото раѓање, Лесни и богоугодни пости!
Денес започнува Божиќниот пост, кој трае 40 дена и завршува на 7 јануари денот кога се слави Христовото раѓање. Овој пост претставува еден од најзначајните и подолги пости во православието. Неговото значење не се ограничува само на воздржување од мрсна храна, туку опфаќа и напуштање на лошите мисли, постапки и навики, како и поттикнување на милосрдието, скромноста и искреното покајание.
Црквата истакнува дека постот е воспоставен како подготовка на верниците преку очистување и покајание пред Христовото раѓање, како и преку молитва и примање на светата причест.
Иако се смета за поблаг од Велигденскиот пост, Божиќниот пост содржи денови со построги правила пост на вода, денови кога е дозволено масло, како и одредени денови кога е дозволена риба.
Во прилог ТУКА Ви го претставуваме прекрасниот натпис на Билјана Андоновска, писател и поет.
Култура
Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!
Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), денес е 6 септември – ден посветен на споменот на чудата што се случиле во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна била изградена и црква во негова чест.
Главниот празник на свети архангел Михаил, пак, е Собор на свети архангел Михаил, кој се слави на 8 ноември по стариот (или 21 ноември по новиот) календар. Овој ден е еден од поголемите есенски празници што нашиот народ традиционално ги одбележува со домашни служби. Кај луѓето е познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден, а празникот е востановен во чест на сите ангели, особено на нивниот водач – светиот архангел Михаил.
На овој ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.
Ангелите и улогата на Архангел Михаил
Според црковното предание, пред создавањето на видливиот свет, Бог го создадил духовниот свет – ангелите. Тие се невидливи духовни битија и затоа на фреските се претставени во човечка форма, со крилја како симбол дека се Божји весници. Нивното бело облекување означува чистота и невиност.
Архангел Михаил е единствениот ангел прикажан во војводска облека, со меч и копје. Причината се крие во неговата улога во борбата против паднатите ангели. Кога дел од ангелите, предводени од Деница, се одметнале од Бога, архангел Михаил застанал во одбрана на Божјата правда, ги собрал верните ангели и го победил предводникот на злото, симнувајќи го од небесата.
Во знак на верност кон Бога, архангел Михаил и сите ангели ја воспеале Света Троица со песната:
„Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“.
Во спомен на овој небесен собир е востановен празникот Собор на свети архангел Михаил, со кој црквата им оддава чест на сите ангели.
Зошто празникот се слави токму во ноември?
Според старите сметања, годината започнувала во март, а ноември бил деветтиот месец. Деветката симболично ги претставува деветте ангелски чинови. Осмиот ден од месецот (8 ноември) пак се зема како симболичен знак за „осмиот ден“ – времето по Страшниот суд, кога Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите.
-
Кичево2 дена„ЕВН КЕЦ Кичево“ во вторник ќе работи на терен, дел од „Ужичка“, „Мечкин Камен“ и дел од месноста „Под Крушино“ времено ќе бидат без електрична енергија
-
Хороскоп2 денаХороскоп за понеделник (8 декември)
-
Хороскоп15 часаХороскоп за вторник (9 декември)
-
Кичево3 часаНоќеска во Кичево европско-медитеранскиот сеизмолошки центар регистрираше слаб земјотрес на длабочина од околу 15 километри
-
Кичево6 часаКнежинскиот манастир денес го слави својот патрон „Св. Ѓорѓија – Победоносец“, за многу години „Св. Ѓорѓија“, Христовиот војник, заштитник на сиромашните
-
Македонија19 часаЖена од охридското с.Лескоец удрила во полициско „јети“ на охридската полиција, за среќа учесниците поминале со телесни повреди
-
Здравје и убавина2 денаДајте им одмор на цревата во организмот со ова овошје
-
Временска прогноза4 часаЗа вистинската зима и снежна идила ќе почекаме, следуваат пролетни температури над просекот за месец декември
