Спорт
Милевски: Составот на репрезентацијата се соочува со проблеми, знаејќи дека не сме „Велесила“, треба да се работи за да покажеме дека Македонија е конкурентна
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски натпревари за ЕП 2024 против Италија (9 септември, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“) и Малта (12. септември, 20:45 часот, Малта).
Предводникот на националниот тим ги изнесе своите очекувања од двата натпревари. Посочи дека Македонија ќе се обиде да дојде до позитивни резултати со тимот што го имаме на располагање во моментов, иако се соочуваме со проблеми во составот. Селекторот нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на нашиот фудбал, додавајќи дека ние не сме фудбалска велесила, а високиот пораз од Англија треба сите да не спушти на земја.
Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:
„Тројца од списокот нема да бидат со нас, отпаѓа Марјан Радевски, а исто така и Дарко Чурлинов нема да биде во комбинација за настап, како и Ваљон Етеми, кој ја влече истата повреда од минатиот месец. Димитар Митровски и Ахмед Иљазовски добија дебитантски повик во националниот тим и ќе се обидат да ја зголемат конкуренцијата.
Александар Трајковски е во моментов без клуб, но тој е професионалец кого добро го познавам и изрази желба да биде дел од тимот. Физички е подготвен, но за сите играчи ќе направиме проценка околу нивната подготвеност и ќе одлучиме кој колкава минутажа ќе добие на двата натпревари.
Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во нациналниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место“.
„Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од доле, да градиме тимски дух и тим“
Милевски исто така го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски натпревари за ЕП 2024 против Италија (9. септември, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“) и Малта (12. септември, 20:45 часот, Малта).
Во најдобриот состав на македонската репрезентација дебитанти се фудбалерот на дански Хвидовре, Ахмет Иљазовски и напаѓачот на Вараждин, Димитар Митровски.
На списокот на селекторот Милевски се наоѓаат следните 29 фудбалери:
ГОЛМАНИ:
Столе ДИМИТРИЕВСКИ – Рајо Ваљекано, Шпанија
Дамјан ШИШКОВСКИ – Докса, Кипар
Игор АЛЕКСОВСКИ – Работнички
ОДБРАНА:
Висар МУСЛИУ – Падерборн, Германија
Ѓоко ЗАЈКОВ – Универзитатеа Крајова, Романија
Никола СЕРАФИМОВ – Фехервар, Унгарија
Јован МАНЕВ – Адана Демирспор, Турција
Езѓан АЛИОСКИ – Ал-Ахли, Саудиска Арабија
Бојан ДИМОСКИ – Акрон Тољати, Русија
Ахмет ИЉАЗОВСКИ – Хвидовре, Данска
Стефан АШКОВСКИ – Ламија, Грција
Дарко ВЕЛКОВСКИ – Ал Етифак, Саудиска Арабија
СРЕДЕН РЕД:
Енис БАРДИ – Трабзонспор, Турција
Јани АТАНАСОВ – Краковија, Полска
Агон ЕЛЕЗИ – Вараждин, Хрватска
Аријан АДЕМИ – Пекинг Гуан, Кина
Елиф ЕЛМАС – Наполи, Италија
Давид БАБУНСКИ – Мезоковешд, Унгарија
Давор ЗДРАВКОВСКИ – Мадервил, Шкотска
Љупче ДОРИЕВ – Согдиана, Узбекистан
НАПАД:
Илија НЕСТОРОВСКИ – Асколи, Италија
Милан РИСТОВСКИ – Спартак Трнава, Словачка
Бојан МИОВСКИ – Абердин, Шкотска
Александар ТРАЈКОВСКИ
Дориан БАБУНСКИ – Грасхоперс, Швајцарија
Димитар МИТРОВСКИ – Вараждин, Хрватска
Марјан РАДЕСКИ – Струга Трим Љум
Ваљон ЕТЕМИ – Истанбулспор, Турција
Дарко ЧУРЛИНИВ – Барнли, Англија
Официјалниот собир на нашата најдобра селекција за претстојните пресметки против Италија и Малта од квалификациската група за ЕП 2024 е закажан за 4. септември во х. Хилтон во Скопје.
Спорт
Кичевскиот фудбалски судија Лика во среда ќе биде прв помошен судија на „play-off“ дуелот меѓу Нант и Макаби Хаифа
Искусниот судиски арбитар од Кичево, Куштрим Лика официјално беше назначен за главен помошен арбитар на престижниот европски „play-off“ натпревар меѓу младинските екипи на Нант и Макаби Хаифа до 19 години. Средбата ќе се одигра на стадионот од Нант, 10 декември 2025 год во Франција и носи огромно значење бидејќи победникот обезбедува пласман во следната фаза од елитното европско натпреварување. Главен судија ќе биде Christos Vergetis.
Првиот дуел беше одигран на стадионот „Ѓирмот / Gyirmóti“ во Унгарија, истиот заврши со минимална победа на Макаби Хаифа од 1:0, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред реваншот во Франција. Лика ќе има важна задача – да придонесе натпреварот да мине во фер и спортска атмосфера, каква што налага европската фудбалска сцена.
– „Секое меѓународно судење за мене е вистински предизвик и чест. Тоа е признание за мојата работа и мотивација постојано да се подобрувам. Особено е престижно чувството кога се носиш со арбитража на мечеви што ги следи цела фудбалска Европа“, за Порта.мк истакна Лика во пресрет на големата средба.
Назначувањето за ваков тип на натпревар уште еднаш потврдува дека македонските фудбалски судии успешно чекорат кон европскиот врв, претставувајќи достоинствено како себе, така и својата земја. Претходно Давор Цветаноски беше дел од мечот „Австрија Виена – Макаби Хаифа“, додека Зоран Јанкулоски, заедно со Лика беа дел од натпреварот помеѓу екипите на „Nordragota – Викингур“
Порта.мк со поддршка за кичевските арбитри кои високо котираат во својата професионална фудбалска кариера!
Спорт
Благоја Милевски се заблагодари на сите досегашни претседатели на ФФМ, сите наши фудбалери, стручен штаб, медицински лица и логистика
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски на кој му заврши договорот како предводник на македонската селекција, преку ФФМ истакна интегрално соопштение и се заблагодари за досегашната соработка. Неговото обраќање пред јавноста гласеше вака:
– Искрено сакам да упатам благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите нејзини претседатели Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ кои од 2014 година наваму обезбедуваа стабилни услови и поддршка, што овозможија да се испишат значајни страници во историјата на македонскиот фудбал.
Посебно признание должам на актуелниот претседател Масар Омерагиќ за неговата континуирана, јасна и несебична поддршка во изминатиот период. Таквите темели се клучни за секој професионален процес да функционира сигурно и доследно во спортот, но и пошироко.
Горд сум на нашите фудбалери. Нивната трудољубивост, борбеност и силна волја ни донесоа резултати што долго ќе се паметат. Тие вистински го претставија духот на Македонија, а тоа ме исполнува со искрена гордост.
Голема благодарност упатувам и до мојот стручен штаб, како и до медицинскиот и логистичкиот тим, за нивната професионалност и беспрекорна соработка. Секој од нив си ја извршуваше задачата тивко, прецизно и посветено, како дел од тим што мора да функционира усогласено за да успее.
Навистина беше чест да ја предводам репрезентацијата и да бидам дел од овој колективен напор. И понатаму ќе останам со тимот со внимание, поддршка и почит, заврши Милевски.
Извор: ФФМ
Спорт
ФФМ: Благодарност до селекторот Милевски, време е за нов импулс и свежа енергија во националниот тим, до 25 декември Македонија ќе има нов селектор
На денешната седница, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат заврши на 30 ноември 2025 година. Милевски беше дел од работата со најважните македонски репрезентации уште од 2014 година.
Како тренер на А репрезентацијата, од 1 август 2021 година, Милевски ја водеше Македонија на 48 натпревари, остварувајќи 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Под негово водство, репрезентацијата обезбеди два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и се избори за настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.
ФФМ преку интегралното соопштение на своето гласило, му изрази искрена благодарност на Благоја Милевски и неговиот стручен тим за нивната посветеност, професионалност и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера.
Управниот одбор на ФФМ смета дека македонската А репрезентација сега има потреба од нова енергија и различен мотив за предизвиците што ја очекуваат. Со нов стручeн тим се очекува „нов ветер“ во работењето на селекцијата, што ќе придонесе за поголема конкурентност и амбиција во идните натпревари.
– ФФМ останува целосно посветена на обезбедување оптимални услови за работа и максимална поддршка за репрезентацијата. Досегашната соработка со Милевски и неговиот тим беше на високо професионално ниво, и ја цениме нивната посветеност и односот кон националниот тим. Истата посветеност ќе ја продолжиме и при поддршката на идните предизвици на македонската А репрезентација.
Управниот одбор на ФФМ ќе донесе одлука за нов предводник на А репрезентацијата најдоцна до 25 декември 2025 година.
-
Хороскоп2 денаХороскоп за сабота (6 декември)
-
Хороскоп17 часаХороскоп за недела (7 декември)
-
Временска прогноза1 денСе менува ли климата? Најава за невообичаено топло време од следната седмица во месец декември – ова се информациите
-
Здравје и убавина19 часаКако полесно да ја издржите диетата за слабеење
