Култура
Кичевското архиерејско намесништво со известување по повод Задушница

Кичевското архиерејско намесништво ги известува своите верни чеда дека на ден 21.02.2025 година (петок) во 14⁰⁰ часот, во градскиот храм „Свети апостоли Петар и Павле“ – Кичево, ќе се изврши општ Парастос (опевање) за упокоените наши браќа и сестри во Христа Господа. Секој што сака да направи спомен за упокоените треба да донесе варена блага пченица, црвено вино и лепче од пченично бело брашно за да се отслужи оваа служба.
Другиот ден, на самиот ден Задушница, 22.02.2025 година (сабота), започнувајќи од 08⁰⁰ часот наутро, свештениците ќе ги посетат старите и новите градски гробишта, па кој не дошол во петокот во храмот, тоа може да го направи во саботата на гробовите на своите упокоени. Исто така, и на гробовите да се има варена блага пченица, црвено вино и лепче од пченично бело брашно и да се покаже трпение додека не помине свештеникот секаде каде што треба, бидејќи трпението е една христијанска добродетел која е покажување на љубов, но и којашто ќе се прифати и како милост за упокоените. ПАРЦЕЛИТЕ, пак, 6, 7 и 8 кај новите градски гробишта ќе бидат посетени за отпевање после 09³⁰ часот наутро (тоа се најновите парцели).
Сакаме да напоменеме уште и тоа: Задушница е општиот ден посветен на упокоените, кога се спомнуваат сите наши роднини и пријатели кои починале во благочестива вера и со надеж во сеопштото воскресение, па оттаму произлегува и благословот даден од страна на Црквата за вечно спомнување – „Вечнаја памјат“ (Вечен спомен).
Оние кои не се починати со достоинство, по благослов на свештеник, секој може да си ги спомне дома во своите секојдневни молитви за упокоени, а во таа група спаѓаат: некрстени, отпадници од Православната Христова вера и Црква, јавни Божји хулители и хулители на Црквата и самоубијци. Тоа е така, затоа што тие самите, по својата сопствена волја се оддалечиле од „Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14,6), па не се спомнуваат на сите црковните служби, па дури и на Божествената Литургија.
Во однос на храната, пак, којашто се остава на гробовите, подобро е да се однесе на некој кој нема да јаде, отколку да си правиме меѓусебно раздавање. Таа храна не е „за да им се најде на тие кои се упокоиле“, туку е милост како за починатиот, така и за растење во нашите добродетели. Објаснувајќи им го тоа на првите христијански заедници, свети апостол Павле вели: „царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим 14,17).
Нека Човекољубивиот, Седобриот и Милостивиот Бог ги спомне нашите упокоени ближни, кои се упокоиле со надеж во воскресение и живот вечен, во Своето царство на Отецот, Синот и Светиот Дух, постојано, сега, секогаш и во вечни векови.
Амин!
Вечен им спомен!
Соопштение од Кичевска Парохија
Култура
Бдение и Божествена Литургија по повод „Успение на Мајката Божја“ во кичевскиот Манастир „Св.Богородица Пречиста“, богослужение на човечка посветеност и небесната утеха, земната привременост и вечниот живот

Оваа година, соборното празнување на монашката заедница на празникот на Сечесното Успение на Мајката Божја ќе биде преместено во манастирот Пречиста Кичевска, во пространиот и величествен храм посветен токму на Неа, каде што во текот на изминатиот период се создадоа прекрасни услови за со особена радост и торжество да се слави овој најголем Богородичен празник.
Како што наведуваат во интегралното соопштение од Бигорскиот Манастир, Бдението во Пречиста ќе започне на 27 август, во 22:30 часот – сеноќно богослужение на љубовта, во кое ќе се сплетат човечката посветеност и небесната утеха, земната привременост и вечниот живот.
Божествената Литургија на 28 август ќе започне околу 7 часот изутрина и со неа ќе чиноначалствува на почитуваниот старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј.
– Со срдечна љубов и радост, преку нашиот медиум Ви ја пренесуваме информацијата воедно и Ве покануваме да бидете дел во ова славословие на Животот. Да ѝ принесеме на Богородица не солзи на оплакување, туку на благодарност; не чувства на тага, туку на надеж и радост; не крај, туку вечен почеток.
„Со Успението свое, Богородице, од смртта нè избави, бидејќи ти си Мајка на Животот бесконечен.“
Култура
Денес е празник, „Преображение Господово“ – За многу години!

Празникот Преображение Господово се вбројува меѓу големите празници што ги чествува Православната Црква. Покрај неговото богословско значење, Преображението има и особено место во народната традиција, обичаи и верувања, што сведочи за длабоката духовна и културна вкоренетост на овој празник во животот на македонскиот народ.
Богословска суштина на Преображението
Преображението се случило во третата година од јавната мисија на Исус Христос. Тој ги зел со себе тројцата апостоли – Петар, Јаков и Јован – и се искачил со нив на планината Тавор. Додека се молел, неговото лице засветило како сонце, а облеката му станала бела како снег. Во тој момент се појавиле пророците Мојсеј и Илија, со кои разговарал за своето претстојно страдање, смрт и воскресение. Апостолите, трогнати од глетката, паѓаат ничкум, а од облакот се слуша гласот Божји: „Ова е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“ (Мат. 17, 5).
Целта на Преображението била да ги зацврсти учениците во верата и да ги подготви за претстојните страдања на Христос. Со овој настан, Исус им го открил својот Божествен лик, кој вообичаено останувал скриен зад човечката природа.
Значењето на планината и ноќта
Изборот на планина како место за настанот не е случаен. Во старата традиција, значајните настани често се случувале на возвишени места – како симбол на духовното искачување и приближување до Бога. Нoќта, пак, се смета за време на внатрешна тишина и молитвено расположение, што ја прави погодна за откровенија од ваков вид.
Зошто Мојсеј и Илија?
Присуството на Мојсеј и Илија е симболично. Мојсеј го претставува Законот, а Илија Пророците. Со нивното појавување се потврдува дека Исус е исполнувањето на Стариот Завет и Цар над сите пророци. Воедно, се побива верувањето на некои дека Исус бил само пророк.
Празнување и иконографија
Преображение Господово се празнува на 19 август (6 август по стар стил), за време на Богородичините пости, четириесет дена пред Воздвижение на Чесниот Крст (14 септември), кое се смета за ден паралелен на Велики Петок.
На иконите, Христос е претставен на врвот од планината во сјајна бела облека, со Мојсеј од десната страна и Илија од левата. Под нив се тројцата апостоли, паднати ничкум, заслепени од божествената светлина.
Симболика и значење на зборот „преображение“
Зборот „преображение“ означува промена на надворешната форма. Но, Христос не се изменил во нешто што претходно не бил, туку го открил пред учениците она што секогаш го носел во себе – своето Божество. Се работи, всушност, за откривање, а не за суштинска трансформација.
Народни обичаи и верувања поврзани со Преображение
Празникот длабоко се вкоренил во народната култура. Еден од најпознатите обичаи е благословувањето на грозјето. Се верува дека на Преображение за прв пат во годината се јаде грозје, и тоа дури откако ќе го благослови свештеникот. Таму каде што нема грозје, се осветуваат други овошја, како јаболка или сливи. Овој обичај е знак на благодарност кон Бога за даровите од природата.
Во некои краишта се носи варена пченица и овошје во црква, а потоа се дели меѓу верниците. Тоа не е нафора во литургиска смисла, туку симболично дарување на првите плодови.
Обичаи од народната традиција
Истражувачи како Марко Цепенков и Кузман Шапкарев забележале дека до Преображение не се јаде грозје, зашто се сметало за грев да се вкуси од плодот пред да се отпее и благослови. Во Куманово, Охрид, Велес и Гевгелија се практикувале слични обичаи: се одело во лозјето, се береа најубавите гроздови и се носеа во црква. Потоа се раздавале за бериќет.
Верувања за отворено небо
Еден од најпознатите митови поврзани со Преображение е дека ноќта спроти празникот – небото се отвора. Се верува дека Господ се јавува и им ги исполнува желбите на оние што се будни во тој момент. Овој мит е сличен на оној за Богојавление.
К. Шапкарев и Ефтим Спространов запишале низа верувања и приказни на оваа тема: од поклонување на дрвјата, до случки со луѓе што посакале нешто погрешно и биле казнети. На пример, човек кој наместо да посака пари, посакал „шиник глава“ – и навистина му пораснала толку голема што не можел да излезе низ вратата.
Спространов, исто така, опишал интересен феномен кај Охрид – собирање на штрковите кај Студенчишта, кои пред заминување во топли краишта правеле глетка слична на проштална поворка, предводени од „црн штрк“.
Култура
Денес се празнува „Откривањето и преносот на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан“, еден од четирите празници посветени на овој светец.

На денешен ден, односно 15 август, православните христијани го празнуваат „Откривањето и преносот на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан“, еден од четирите празници посветени на овој светец.
Свети Стефан е првиот маченик што пострадал за христијанската вера, поради што неговиот култ е широко распространет кај нашиот, но и кај други православни народи. Иако најмногу се чествува на 9 јануари, и овој летен празник се одбележува со богослужби и молитви.
Како и апостолите, и Стефан бил исполнет со Светиот Дух и правел многу чуда, за кои се сведочи во Новиот завет.
Празникот се однесува на пронаоѓањето и свечениот пренос на неговите мошти. Според преданието, откако бил убиен со камења, неговото тело било оставено без погреб, но Бог не дозволил да биде осквернавено. По два дена, Гамалиил — таен следбеник на Христос и учител на апостол Павле — го зел телото и чесно го погребал во својата пештера.
Со тек на време, местото на погребот било заборавено, сè до 415 година, кога Гамалиил му се јавил во сон на свештеникот Лукијан и му го открил гробот. Моштите потоа биле пренесени на Сион, а подоцна и во Цариград, при што многумина биле исцелени од нив.
Во чест на светецот, во охридското село Шипокно, во пештера, постои една од најстарите цркви посветени на Свети Стефан, датирана од XIX век.
-
Кичево22 часа
Поради одржување на атлетска трка во Кичево, во недела следните улици и делови на градот ќе бидат затворени за сообраќај
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за петок (5 септември)
-
Хороскоп10 часа
Хороскоп за сабота (6 септември)
-
Македонија2 дена
МВР: Кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство за „злоупотреба на службена положба и овластување“
-
Спорт2 дена
Елмас пред вечерашниот настап против Саудиска Арабија: „Ние секогаш излегуваме на терен по победа, со верба во квалитетот што го имаме.“
-
Македонија19 часа
Од една до друга патарина на патен правец Гостивар-Тетово, ќе се изведуваат градежни работи со времетраење од две седмици
-
Социјални мрежи2 дена
Корисниците во повеќе европски земји, како и кај нас пријавија потешкотии при користење на „Google, Gmail“ и останатите сервиси
-
Мобилни уреди2 дена
Батеријата се празни додека полните? Еве што треба да знаете