Следете не

Култура

Чувај нас мајко! Денес е Успение на Пресвета Богородица – Голема Богодорица, за многу години!

Објавено пред

на

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица. Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави денес. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата. Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот на правот. Веднаш по нејзината смрт таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.

Празник на мајката на животот

Именден празнуваат: Марија…

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го носат нејзиното име.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.

По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрсение кај неговиот ученик и апостол Свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус и порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка. Светото евангелие според Јована за ова сведочи: „А Исус, штом ја виде мајка си, и ученикот кого го љубеше како стои и рече на мајка си: „Жено, ете ти син“! Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе“ (Јован 19/26, 27) Се поставува прашањето зошто Исус од крстот на мајка си и се обратил со „Жено“ а не со „Мајко“? Истражувачите на оваа проблематика сметаат дека со тоа сакал да ја заштити од своите непријатели: „Околу крстот Христов се наоѓале неговите најголеми непријатели и Он така и се обратил за да ја заштити од нивната дрскост и злоба, оти тие ако знаеле дека тука е неговата мајка, можеби ќе и нанеле и нејзе некое зло“.

За време на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол Светиот Дух, при што и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Богородица живеела кај Свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги започнал своите големи прогони на христијаните апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда евангелието. Јован со Богородица отишол во Ефес, од каде што таа ги посетила Св. Игнат Богоносец во Антиохија, Св. Лазар воскреснатиот од Исуса кој бил епископ на Кипар и Света Гора која што во таа прилика и ја благословила. И по враќањето во Ерусалим Богородица живеела во домот на апостолот и евангелист Свети Јован Богослов и ги посетувала местата на кои за време на животот на Исус се случиле важни настани како што се Голгота, Витлеем, Гетсиманија, Елеонската Гора, потоа гробот на Исус и тн. А во овие посети некои истражувачи гледаат зародиш на христијанскиот аџилак.

Особено Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос и пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега и кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. И предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на Свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде.

На 15-тиот ден во месецот, во третиот час од денот Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, (Лука, 1/46-48) по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. (Лука, 1/28) Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица ко небото. Лицето и светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.

По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот Светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.

Светол облак ја завиткувал поворката и непријателите не можеле да се приближат, иако постојано ја следеле и се обидувале поворката да ја растурат, а телото на Богородица да го запалат. Во еден момент на едно место малку се поткренал облакот и се видел ковчегот во кој била Богородица. Тогаш еден од еврејските свештеници се затрчал кон него, го фатил со рацете за да го преврти. Но во тој момент невидлив ангел со меч му ги отсекол рацете и дланките останале залепени на ковчегот. Свештеникот се покајал за тоа што сакал да го направи и заплакал, а апостолот Петар му рекол да ги допре рацете до пресечените дланки. Кога тоа го направил се случило чудо, рацете зараснале како никогаш да не биле пресечени. Сите што виделе се увериле дека Исус навистина е синот Божји и на тој ден многумина се крстиле и го примиле христијанството.

Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската Градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на ангелите. Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој што многу жалел затоа што не присуствувал на погребот на Божјата мајка и побарал апостолите да му го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица. Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот но на општо изненадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица имала 63 (според други 72) години.

Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот познат како Голема Богородица се празнува на 28 август според новиот (односно на 15 август според стариот) календар. За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски. Иако култот на Пресвета Богородица имал значајно место во христијанскиот свет уште од најстари времиња сепак празникот на нејзиното успение не се празнувал од почетокот. Во почетокот се празнувал празникот Собор на пресвета Богородица, веднаш по Божик, а подоцна од овој општ празник на мајката Божја како и другите нејзини празници се одделил и празникот на нејзиното Успение.

На иконата Успението на Пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче, или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.

Низ цела етничка Македонија во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат масовни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај нпвпозградената црква во центарот на Скопје, во Лешочкиот манастир крај Тетово, во Берово, и на повеќе други места.

Тропар

Успение на Пресвета Богородица

Богородице, и во раѓањето си го сочувала девството, а по своето успение не си го оставила светот, туку си се преселила во живот, Мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смртта нашите души.

Култура

Денеска е „Духовден“ – Празник на Светиот Дух

Објавено пред

на

©porta.mk

Денес се слави Духовден, голем христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Овој празник, познат и како Педесетница, секогаш се одбележува во недела и трае три дена. Тој е единствениот меѓу 12-те големи празници кој нема претпразненство, но празничната атмосфера се чувствува во целиот период од Велигден до Духовден.

Во народната традиција, денот пред Духовден е познат како Задушница или „Мртва сабота“, ден посветен на душите на починатите, кога се изведуваат обичаи во нивна чест.

Празникот Педесетница се слави токму 50 дена по Велигден и е поврзан со еврејската традиција – кога Евреите го добиле Законот на Мојсие на Синај. Во христијанскиот контекст, тој ден ја одбележува дарбата на Светиот Дух врз апостолите, што се смета за основање на Христовата црква.

Според Библијата, на тој ден апостолите биле собрани заедно, кога одеднаш се слушнал силен звук како од ветрот, а Светиот Дух во форма на огнени јазици слегол врз секој од нив. Сите почнале да зборуваат на различни јазици. Народот што го слушнал шумот се зачудил, некои мислеле дека апостолите се пијани. Тогаш апостол Петар објаснил дека тие се исполнети со Светиот Дух и повикал народот да се покае и крсти. Тоа го направиле околу 3.000 луѓе.

Овој момент е опишан во книгата „Дела на светите апостоли“, каде се вели дека тоа било исполнување на пророштвото на Јоил – дека Светиот Дух ќе се излее врз сите луѓе. Тоа е и остварување на зборовите на Св. Јован Крстител, кој најавил дека Христос ќе крштева со Светиот Дух и оган.

Поради ова, Духовден уште се нарекува и празник на Света Троица – бидејќи на овој ден се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со тоа, овој ден се смета за роденден на Христијанската црква.

Народни обичаи и верувања
Во македонската традиција, Духовден се смета за многу важен ден – не се работи, се оди на црква, се прават гозби и обичаи, а на места попладне се игра оро. Во некои села се практикува обредот „Скрсти“ – молитва за дожд и плодна година.

Во народното верување, се смета дека од Велигден до Духовден душите на мртвите се слободни и се движат меѓу живите, често престојувајќи на цвеќињата на дрвјата. Се верува дека на Духовден душите разговараат меѓу себе, а ако некој ставел уво на гроб можел да ги слушне како шепотат.

На Задушница се организираат трпези и се дели храна „за душа“. Се верува дека душите мора да бидат нахранети пред да се вратат во задгробниот свет. Затоа, луѓето раздаваат храна и вода, и не се јаде ништо додека не се раздаде. Ако некој не добие, душата му останува „непричестена“.

Традиционално, црквите, домовите и гробовите се украсуваат со зелени гранки и цвеќиња – симбол на обновување и духовна свежина. Оревовите гранки, пак, имаат посебна улога – според верувањата, тие привлекуваат души, а истовремено ги штитат алиштата од молци.

Локални обичаи
Во некои краишта, како селото Лески во Неврокопско, постои верување дека полето го чува змеј кој живее во пештера, па на Духовден му принесуваат курбан за да го заштити посевот од град. Ако не се изврши ритуалот, се верува дека ќе дојде несреќа.

Во тој ритуал, се коле овен на планински врв и крвта се пушта во пештерата – домот на змејот. Жените носат лепчиња и ги редат околу пештерата, а обредите се прават со чукање клепало.

Во многу места на овој ден на гробовите се оставаат бардачиња (дулиња) со вода. Тие се носат дома и се пие од нив „за душа“. Во некои краишта тие се оставаат на гробот и се дополнуваат со вода во текот на годината.

Се верува и дека оние што починале меѓу Цветници и Духовден одат директно во рајот. Во Гевгелиско, пак, се верува дека до Духовден мора да се пожнее јачменот, оти потоа доаѓаат силни ветрови што може да го уништат родот.

Прочитај повеќе...

Култура

(ВИДЕО) Краток фрагмент на отец Партениј за „Македонија и Патриотизмот“ од новиот филм посветен на неговиот триесет годишен монашки пат

Објавено пред

на

©porta.mk

Фрагмент од изјавата за Македонија и за Патриотизмот, составен дел од новиот филм со наслов „Подвижник“ на г-дин Илија Каров, кој е посветен на триесет-годишниот монашки пат на отец Партениј во рамките на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија

Интервјуто е снимено неколку дена после Божик 2025 г.
Прочитај повеќе...

Култура

Денес се слави „Ѓурѓовден“, главен обичај за овој ден е плетење венец од билки, ова се останатите народни и традиционални верувања

Објавено пред

на

Православните верници денес го прославаат светецот Георгиј Победоносец, познат како „Ѓурѓовден“, празникот кој е врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување. Овој светец се смета за граница меѓу зимата и летото, празник врзан за здравјето на домашните, женачката, плодност на стоката и добри посеви.

Главен обичај е плетење венец од билки, миење со цвеќиња, капење во река.

– Венецот сплетен од цвеќиња треба да се стави на влезната врата во куќата и тоа значи дека домот и годината ќе бидат богати.

Наутро со билките и со цвеќињата што домаќинката претходно ги потопила во вода, прво се мијат децата за да бидат здрави како дрен преку цела година, девојките и момчињата се грабаат околу нив, старите да бидат витални, а домашните куќата да им биде чувана.

Се верува дека на Ѓурѓовден не треба да се спие, бидејќи главата може да ве боли цела година.

– Во селата се палеле големи огнови за да се избркаат сите зли и лоши сили.

Се верувало дека ако е ведро, годината ќе биде плодна, а ако врне, дека ќе биде сушна година.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Спорт4 часа

Меѓународната скијачка федерација „FIS“ воведува нов систем за санкционирање, ќе се користат жолти и црвени картони како во фудбалот

Меѓународната скијачка федерација „FIS“ од следната сезона воведува нов систем на санкционирање во скијачките скокови и нордиските дисциплини, користејќи жолти...

Технологија4 часа

Тајван ги стави на црна листа компаниите „Huawei“ и „SMIC“, ќе им треба посебни дозволи за извоз

Тајванските власти за меѓународна трговија ги вклучија кинеските компании „Huawei“ и „SMIC“, заедно со нивни подружници, на својата листа на...

Скопје6 часа

Во Скопје било пријавено дека залутано зрно од огнено оружје оштетило битолски „мерцедес“

На 15.06.2025 во 12.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул. „Лазар Личеновски“ од заталкано зрно од огнено...

Временска прогноза6 часа

Од утре постепена дестабилизација на времето, ова се метео информациите

Поради продор на поладен воздух од север на висина, од утре (вторник 17 јуни) во Република Македонија ќе дојде до...

Македонија8 часа

Од ноќеска поскапување на сите горива, ова е новата цена

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит, во...

Македонија14 часа

(ВИДЕО) Земјотресот кој го разбуди Охрид и регионот, снимен на надзорна камера

Наши редовни читатели ексклузивно ни испратија видео запис од моментот на земјотресот кој го разбуди Охрид и западна Македонија, извадок...

Македонија15 часа

Земјотрес во Македонија, регистриран предмалку во западниот регион

Предмалку земјотрес ја потресе Македонија. Според првичните информации, истиот е регистриран во охридскиот регион. Истиот е детектиран во 04:34 минути,...

Хороскоп21 час

Хороскоп за понеделник (16 јуни)

ОВЕН Можеби сите информации што ги имате не секогаш претставуваат сигурни критериуми, но без големи предизвици, нема поголема деловна афирмација....

Социјални мрежи23 часа

„WhatsApp“ со нови функции за подобрено корисничко искуство

WhatsApp неодамна претстави неколку новини кои треба да ја подобрат комуникацијата и интеракцијата меѓу корисниците, особено во деловите „Четови“, „Повици“...

Скопје1 ден

Таксист во Скопје на швајцарец му наплатил 7800 ден и избегал

На 14.06.2025 година во 20.40 часот во СВР Скопје, Б.Ф.П.Х.(43) од Швајцарија пријавил дека додека се возел во такси возило...

НАЈЧИТАНИ