Следете не

Култура

Денес е „Митровден“, се вели дека од денес започнува зимата. Честита домашна слава и именден до сите кои слават!

Објавено пред

на

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на денешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.

За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.

Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).

Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дeн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).

Тропар

Свети великомаченик Димитриј – Митровден

Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.

Култура

Ова се најубавите Велигденски пораки, сподели радост, посакај здравје и среќа!

Објавено пред

на

©porta.mk

Велигден е најубавиот православен празник, а ова се најубавите пораки кои ги пронајдовме и ги споивме во еден натпис, достапни за сите вас:

*Нека од Велигден до Велигден биде присутна кај сите вас … ЉУБОВТА … ИСКРЕНОСТА … ДОБРОДУШНОСТА … и секогаш бидете она што и всушност сте за да сите знаат колку е убаво да си бидете само … СВОИ … Имајте … ПРЕСРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ …

*Додај мир во душата, љубов во срцето со верба во Бога, во слава на Христос да се радуваме, да простуваме, да сакаме и да се почитуваме. ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

*Да го празнуваме животот денес.
Да го воскреснеме Исус во нашите срца.
Да ги отвориме душите за љубов и радост.

*Додека велигденски јајца кршиш во твојата душа нека владее мир,нека Христос ти даде снага да злото не те совлада. И нека оваа реченица ти се мота низ глава “денес е почеток на нов живот” и денешниот празник нека ти донесе многу среќа и љубов. Христос Воскресе.

*Слезе од небото заради наше спасение. Страдаше па заради нас воскресна, се вознесе на небото. Нека силата божја го благослови твоето постоење. Христос воскресна – Навистина воскресна !!!

*Нека светлината на Христовото Воскресение ви ги осветли вашите срца,а неговата бесконечна љубов,го благослови вашиот живот и вашиот дом … Христос Воскресна

*Денес нека се веселат небесата, нека се радува Земјата, нека празнуваат видливите и невидливите светови, зашто Христос, нашата Вечна радост – Воскресна од мртвите ! Нека ни е за многу години празникот Христијани… Христос Bоскресе

*Ви го честитам овој животворен ден, кој е една и единствена основа на христијанскиот живот и христијанската надеж. Да поздравиме сé што е во светлината на Христовото Воскресение, зашто после него сé е поразлично од она што го имавме вчера, сé изгледа подобро и повеличенствено. Да ја искусиме целата сила на оваа Пасхална радост, зашто, само во светлината на Воскресението, животот добива вистинско значење.

*Честит Велигден!
Ви го честитам најголемиот христијански празник, и ви посакувам многу, здравје, радост, успех и слога! Од срце на сите им посакувам смирение и срцата да ви бидат исполнети само со љубов, оти нашиот бог се жртвуваше за нас заради преголемата љубов кон нас, земајќи ги врз себе нашите гревови.

Прочитај повеќе...

Култура

Радувајте се Православни Христијани, Христос Воскресна – Навистина Воскресна !!!

Објавено пред

на

©porta.mk

Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Според хронологијата на христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос Воскресе.

Потоа му раскажала за се што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите Христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Прочитај повеќе...

Култура

„Велики Петок“, најстрог пост, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле..

Објавено пред

на

©porta.mk

Секој ден од оваа недела која е најтешка од велигденскиот пост има посебно значење и посебни обичаи.

Денес е големиот ден, Велики петок.

Велики петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.

Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата кога би имало нормални услови се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.

Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.

Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Хороскоп9 часа

Хороскоп за понеделник (21 април)

ОВЕН Не сте осамени, имате на кого да се потпрете и се обидувате да најдете најдобар можен начин да се...

Свет11 часа

Најстариот активен американски астронаут Дон Петит се врати на Земјата од Меѓународната вселенска станица (ISS) на својот 70-ти роденден.

Вселенската капсула Сојуз МС-26, која ги превезуваше Петит и неговите руски колеги Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, падна со падобран...

Кичево19 часа

(ГАЛЕРИЈА) Кичевскиот храм Св.Петар и Павле за „Воскресение Христово – Велигден“ преполн со верници

И оваа господова 2025 година Православните Христијани од речиси сите страни на градот вчера дојдоа во градскиот храм Св.Петар и...

Македонија19 часа

Жител на Крива Паланка возел 142 км/ч на место обележано до 70 км/ч

На 19.04.2025 во 11.30 часот на патот кон с.Гиновце, општина Ранковце, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишиле од...

Македонија20 часа

На пат Гостивар-Кичево бил лишен од слобода возач кој престигнувал подолга колона

На 19.04.2025 во 12.10 часот полициски службеници од ПС Гостивар на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на каменоломот, го лишиле...

Култура1 ден

Ова се најубавите Велигденски пораки, сподели радост, посакај здравје и среќа!

Велигден е најубавиот православен празник, а ова се најубавите пораки кои ги пронајдовме и ги споивме во еден натпис, достапни...

Култура1 ден

Радувајте се Православни Христијани, Христос Воскресна – Навистина Воскресна !!!

Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога...

Хороскоп1 ден

Хороскоп за недела (20 април)

ОВЕН Денес, ќе добивате разни сигнали од луѓе со кои работите и пријатели, па затоа не е изненадувачки што ќе...

Временска прогноза1 ден

Од понеделник повторно нашата територија под влијание на циклонска активност која носи обилен дожд и електрични празнења

Под влијание на циклонска активнот со центар над Медитеранот, од понеделник (21 април) па се до самиот крај на следната...

Скопје2 дена

Пронајден возачот кој во Скопје со возило удри во тротинет, возилото било веднаш одземено

Денеска (19.04.2025) во 11.53 часот во СВР Скопје е пријавено дека се случила сообраќајна несреќа на ул. “Менделеева” во Скопје,...

НАЈЧИТАНИ