Следете не

Култура

Денес е Св.Кирил и Методиј, денот на словенските просветители

Објавено пред

на

Денес е празник, Св.Кирил и Методиј, светите браќа кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…

Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.

За постариот брат Методиј многу малку се знае. Името Методиј го добил во монаштво. Завршил највисоки школи во Константинопол и ја избрал воената служба. Десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но, ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна, во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.

Константин пак, познат под монашкото име Кирил, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека ги учел сите филозофски науки кај Лаава и Фотија, дека учел реторика, артиметика, астрономија, книжевност, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа, па така станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот филозоф.

Бидејќи се истакнал со познавање на црковните, но и на световните прашања, на 24- годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен на Арапската мисија кај Сарацените, која што имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.

Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското кнежевство во Македонија (т.н. Брегалничка мисија). Доаѓајќи во брегалничко, Константин покрстил 54000 словени и ги воочил проблемите со кои се соочуваат словените поради немањето на своја азбука и неможноста да се употребува грчкото и латничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.

Во 860 година, Константин бил испратен кај Хазарите (Хазарска мисија) на брегот на Црно море. Тие немале официјална религија – имало Евреи, Муслимани, Христијани и пагани (многубошци). Задачата на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј. Во оваа мисија тие ги откриле моштите на Папата Климент I (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата Св.Димитрија во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент и понел дел од моштите со себе.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, за и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.

Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе ги носеле моштите  на папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, папата Адријан II го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 година.

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.

Театар

Во Кичево после подолго време доаѓа еден од првите „стенд ап“ комичари – Марјан Георгиевски, картите се пуштени во продажба, ќе биде забавно!

Објавено пред

на

©porta.mk

Во сабота на 16.1120:00ч во Центарот за култура – „Кочо Рацин“ од Кичево, доаѓа големата стенд ап турнеја на Марјан Георгиевски. Еден од првите стенд ап комичари во Македонија, конечно после цели петнаесет години прави ваков исчекор на задоволство на публиката.

Насловот на турнејата е „За македонските работи“

– „Имено, ова е текст кој се бави со еден народ, со една земја, со еден менталитет, навики и обичаи. За Македонците во минатотот, сегашноста и иднината. Оваа турнеја е за сите нас кои што останавме овде, но и за оние кои заминаа. Ветувам едно поинакво сценско доживување со новитети кои не се користат во стенд ап настапите кај нас.” – на кратко истакна Марјан.

Картите од по (300ден) се веќе во продажба во кичевските локали: „Квадрат Кафе“, „Институт“, „Чек Ин Кафе“ и „Клуб Република“.

Прочитај повеќе...

Култура

Денес е „Митровден“, се вели дека од денес започнува зимата. Честита домашна слава и именден до сите кои слават!

Објавено пред

на

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на денешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.

За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.

Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).

Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дeн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).

Тропар

Свети великомаченик Димитриј – Митровден

Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.

Прочитај повеќе...

Култура

Честит роденден на нашиот духовен водач Владиката Партениј, денес одржан спомен на Светиот Лонгин Стотник во Бигорскиот Манастир

Објавено пред

на

©Бигорски Манастир

Денеска, во спокојниот и молитвен амбиент на нашиот Свештен Манастир, со љубов и благодарност, нашето монашко семејство заедно со притекнатите верни го прослави чесниот годишен спомен на светиот маченик Лонгин Стотникот.

Според зборовите на нашиот почитуван и возљубен Старец, владиката г. Партениј, „Свети Лонгин еден од првите плодови на преобразувачката сила на Крстот Господов. Неговата внатрешна промена пред Крстот, неговиот изблик на покајание и вера, неговиот преод од незнаење кон просветленост, ни сведочи за длабокото таинство на верата Христова – дека вистинското спознание на Бога се раѓа во мигот на срцевидението, кога очите на душата прогледуваат преку Божјата благодат и во Личноста Христова Го препознаваат Самиот Син и Слово Божјо, дојдено во светот, за спасение на светот. Свети Лонгин, стотникот што го предводел римскиот одред за време на распнувањето на Христос, бил сведок на најголемото откровение – Крстната Жртва и Божјото проштавање. Со неговото исповедание: Навистина овој беше Син Божји (Матеј 27,54), неговото срце, дотогаш обременето со воена дисциплина и суровост, се отвори за нов живот – живот исполнет со љубов, жртва и сведоштво за Воскреснатиот. Ова таинство на преобразбата е повик за сите нас да се приклониме и поклониме на Крстот и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во праведност и светост“.

Во чест на овој прв сведок на Воскресението, утрово во свештениот храм на Чесниот Претеча во Бигорски, се отслужи Божествена Евхаристија, под тајноводство на нашиот секогаш сакан Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата архимандрити, јеромонаси и јероѓакони. Оваа Света Литургија не беше само празник на споменот на еден светија, ами и празнување на преобразбата што таинствено се остварува во секого од нас преку благодатта Христова и преку духовното водство на нашиот татко во Бога.

По повод овој празничен спомен, на светото богослужение присуствуваа и сестрите монахињи од манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино, коишто, покрај славењето на споменот на Светиот Лонгин, се собраа за да му оддадат чест и благодарност на својот Старец и Епископ, владиката г. Партениј, кој е роден токму на овој ден пред 54 години. Така, овој ден стана за нас двоен благослов – славење на еден маченик-сведок Воскресението кој ја најде Вистината, и почестување на еден духовен отец, маченик на совеста, учител во монашките добродетели, воскресител и возобновител на монаштвото и чувар на духовниот живот во нашите манастири.

Старецот Епископ г. Партениј, со својата љубов, пожртвуваност и ревност, се издигнува како добриот евангелски пастир кој го патеводи своето словесно стадо кон Спасителот Христос, постојано објавувајќи ја светлината на Воскресението. Благодарение на неговиот долгогодишен макотрпен подвиг и бескрајната љубов кон монашкото служение, нашите манастири во Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино се обновени и преродени, станувајќи светилници на православната духовност. Со радост и благодарност, монасите и монахињите, заедно со верниците, му оддадоа чест и љубов на својот Старец, молејќи се Господ да го чува и крепи уште многу години, за да продолжи да биде сведок на Божјата љубов и учител во верата.

Преку застапништвото на Светиот Лонгин Стотник, Господ да го наполнува со Својата благодат и љубов, за да нè води сите нас кон светлината на Воскресението. Амин.

По повод роденденот на Старецот, најмладите од нашиот рекански крај подготвија најубав украс за нашето славје – го испеаја архиерејското многулетие на црковнословенски јазик, а Анастасија Цветковска и Софија Јосифовска од Ростуше изрецитираа две прекрасни стихотворби.

Во оваа прилика, нашата редакција му го честита роденденот на нашиот возљубен старец, Владиката Партениј, посакувајќи му добро здравје и среќа, на многаја лета!

Повеќе фотографии ќе најдете на официјалниот линк од Бигорскиот Манастир – ТУКА

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Технологија1 час

Зошто е важно секогаш на време да го ажурирате вашиот оперативен систем на компјутерот

Сите сме биле во таква ситуација – се појавува известување за Windows Update и кликнуваме „Потсети ме подоцна“. Но, може...

Спорт4 часа

Минимална но заслужена победа против Летонија, Серафимов со неговиот деби-гол го потврди првото место, во недела завршен меч против Ф.Острови на „Тодор Проески“

Македонската фудбалска репрезентација ја победи Летонија вчера со 1:0 во претпоследниот натпревар од групната фаза на Лигата на нации и...

Македонија5 часа

СВР Охрид денес реализираше превентивна кампања за безбедно патување во зима

СВР Охрид, преку Отсекот за превенција, денеска (15.11.2024) ја реализира превентивната сообраќајна кампања „Биди подготвен за безбедно патување во зима“....

Магазин7 часа

Google Maps брише сè: Имате уште малку време, еве како да ги зачувате вашите податоци

Google Maps се подготвува да направи промени во својата функција за следење локација, што значи дека претходната историја на локации...

Временска прогноза9 часа

Викенд временска прогноза, ќе имаме и сонце но ќе биде ладно

До крајот на денешниот петочен ден во Македонија ќе имаме претежно облачно и студено време со умерен, повремено засилен ветер...

Хороскоп20 часа

Хороскоп за петок (15 ноември)

ОВЕН Доколку се занимавате со приватен бизнис, пред вас е период кој носи мало олеснување. Може да се каже дека...

Спорт21 час

Серафимов со „деби-гол“ и носи предност на Македонија на „Тодор Проески“ од 1:0 против Летонија

Никола Серафимов (25) и носи водство од 1:0 на македонската репрезентација против Летонија на гратски, топката дојде до него на...

Спорт22 часа

По првото полувреме Македонија – Летонија без голови, Алими ја имаше најсериозната шанса за гол во финишот на првото полувреме

По првите 45 минути Македонија 0:0 Летонија со само еден прецизен удар на македонската репрезентација од 8 обиди, најсериозен беше...

Мобилни уреди23 часа

Следната година ќе биде клучна помеѓу ривалите „Samsung“ и „iPhone“, еве што знаеме..

Следната година паметните телефони ќе се натпреваруваат во категоријата „ултра тенки“ уреди. Гласините велат дека и Samsung и Apple планираат...

Кичево1 ден

(ВИДЕО) Ново име на музичката сцена, кичевчанецот Христијан Трајаноски ја преработи „Само за тебе“ од доајенот на македонската народна песна Круме Спасовски

Христијан Трајаноски од Кичево е ново име на музичката народна сцена во Македонија. Запаметете го неговото име и следете ги...

НАЈЧИТАНИ