Следете не

Култура

Денес е тежок празник – Отсекување на главата на Св. Јован Крстител и се јаде посно

Објавено пред

на

Православните христијани денес го одбележеуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за пост.

Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Јован сведочел дека Исус е синот Божји. „Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е“. (Јован, 3/30-31)

Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7.VII/24.VI) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан, Собор на св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7.I.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај (с.с.) и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и Пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници. Празникот Отсечение главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост. Во народниот говор, согласно некои дијалекти празникот се среќава со имињата Свети Јован Сечиглав, (како што го пишува М. Цепенков), Свети Јован Отсечен, Свети Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение или Опсечение.

Оттука може да се види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се кажува во преданијата и како што се пее во песните, кога светците ги делеле функциите свети Јован ги добил кумството и побратимството. „Свети Јован – кумство, побратимство“, се пее во една песна од Дебарско.

Според светото предание Св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на Св. Јован Елисавета и била тетка на Марија, мајката на Исус.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем, во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти“, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирод што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде се што ќе посака, дури да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго го чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Свети Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирод тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јован која ја предала на својата мајка, а оваа пак не задоволувајќи се со тоа, му го бодела со игла јазикот што зборувал за нејзиниот неморал. Телото на светителот го зеле неговите ученици и го погребале, а главата пакосната Иродијада ја закопала на некое нечисто место, во дворецот на Ирод. Се плашела дека ако главата и телото бидат на едно место можело да се служи пророкот да воскресне. Меѓутоа една благочестива жена на дворот на Ирод не можела да трпи главата на пророкот да биде закопана на нечисто место, па ја откопала тајно, ја однесла во Ерусалим и ја погребала на Елеонската Гора. Царот Ирод кога разбрал дека Исус лекува болни воскреснува мртви и прави чуда, мачен од сопствената совест, си помислил дека пророкот Јован воскреснал. Некои мислеле дека тоа е пророкот Илија други дека е некој друг пророк, а царот Ирод бил убеден дека е токму Јован кому што тој наредил да му ја пресечат главата. Народот бил сведок дека сите што биле заслужни за погубувањето на пророкот ги стигнала заслужената казна. Ирод ја загубил битката со арапскиот цар Арета, таткото на неговата прва жена кој сакал да ја измие навредата и да ја поврати честа на својата ќерка. Бил испратен на заточение заедно со Иродијада, каде што во навреди и понижувања двајцата ги завршиле животите. И Саломија не останала неказнета. Таа се удавила во реката.

Подоцна некој богаташ се замонашил во Елеонската Гора и сакал да прави ќелија. Започнал да копа и нашол еден сад и во него една глава, а по Божја промисла имал сознание дека тоа е главата на Крстителот. Откако ја бакнал повторно ја закопал на истото место, а таа подоцна шетала од една рака во друга, била заборавана и наоѓана додека во време на царицата Теодора не била пренесена во Цариград.

Денот на погубувањето на Св. Јован Крстител со строг пост црквата го празнува на 11 септември (29 август според стариот календар) под името Отсекување (или Отсечение) главата на Свети Јован Крстител. Иако Свети Јован е погубен пред Пасха празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.

Значењето на Свети Јован Крстител. неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби (ортии) и сл. Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

Во Гевгелиско празникот го викале Св. Јуван Посни, го сметале за тежок празник кога не смеело да се шие и да се пере облеката на децата. Тој ден свештеникот одел по куќите и светел вода. Постарите жени тој ден додека не го бакнеле крстот и леб не јаделе. Утрото домаќинката со српот сечела трева од која одбирала три страка коприва, ги врзувала со црвен конец и ги обесувала над влезната врата. За здравје на кровот ставале црвена преѓа.

Од друга страна пак, трагичната судбина на светителот раскажана во неговото житие оставила траги и во нашата раскажувачка традиција. Така на пр. во едно предание од Охридско запишано од Ефтим Спространов се раскажува:

„Имало некој цар и сакал да се женит за снаа си. Свети Јон не го остал и многу зборвел, за да не се сторит таква страмота. Тога царот го затворил во апцаана и го држел таму. Оваа снаа му – имала една ќерка ногу лична. Цароф је викнал еднуш да му поиграт едно оро – да му се покршит како ченѓија и је рекол: Ќе ти дам што ќе сакаш- едно царство да ми посакаш и то ќе ти дам”. Момичката отишла и је казала на мајка си. Та бидеешчем била лута на Свети Јона је рекла на ќерка си: Поиграј му и ко ќе ти речит, што сакаш да ти дам, ти да му речиш: Од Свети Јона глаата.” Оваа момичкава била ногу аџамија. Ко је рекол: Шо сакаш да ти дам, та му рекла: Од Свети Јона глаата. Не знаела клетата зашчо је рекла така мајка је. Тогај царот пратил џељати и на саатот му је пресекле. Во тепчишче је клале и је занесле горе. Е ама на Свети Јон веднуш му порасла друга“.

Култура

Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!

Објавено пред

на

Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), денес е 6 септември – ден посветен на споменот на чудата што се случиле во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна била изградена и црква во негова чест.

Главниот празник на свети архангел Михаил, пак, е Собор на свети архангел Михаил, кој се слави на 8 ноември по стариот (или 21 ноември по новиот) календар. Овој ден е еден од поголемите есенски празници што нашиот народ традиционално ги одбележува со домашни служби. Кај луѓето е познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден, а празникот е востановен во чест на сите ангели, особено на нивниот водач – светиот архангел Михаил.

На овој ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.


Ангелите и улогата на Архангел Михаил

Според црковното предание, пред создавањето на видливиот свет, Бог го создадил духовниот свет – ангелите. Тие се невидливи духовни битија и затоа на фреските се претставени во човечка форма, со крилја како симбол дека се Божји весници. Нивното бело облекување означува чистота и невиност.

Архангел Михаил е единствениот ангел прикажан во војводска облека, со меч и копје. Причината се крие во неговата улога во борбата против паднатите ангели. Кога дел од ангелите, предводени од Деница, се одметнале од Бога, архангел Михаил застанал во одбрана на Божјата правда, ги собрал верните ангели и го победил предводникот на злото, симнувајќи го од небесата.

Во знак на верност кон Бога, архангел Михаил и сите ангели ја воспеале Света Троица со песната:
„Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“.

Во спомен на овој небесен собир е востановен празникот Собор на свети архангел Михаил, со кој црквата им оддава чест на сите ангели.


Зошто празникот се слави токму во ноември?

Според старите сметања, годината започнувала во март, а ноември бил деветтиот месец. Деветката симболично ги претставува деветте ангелски чинови. Осмиот ден од месецот (8 ноември) пак се зема како симболичен знак за „осмиот ден“ – времето по Страшниот суд, кога Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите.

Прочитај повеќе...

Култура

(ФОТО) Празничната убавина во чест на Христовиот војвода во славниот манастир на свети Георгиј во Рајчица

Објавено пред

на

ФОТО: Бигорски Манастир | bigorski.org.mk

Денес во славниот манастир на свети Георгиј во Рајчица, каде што, во храмот на Победоносецот беше отслужена серадосна Божествена Евхаристија. На светата Литургија чиноначалствуваше почитуваниот митрополит г. Кирил, во сослужение со нашиот возљубен Старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, и со браќата свештенослужители: архимандрит Макариј, јеромонах Еразмо и јероѓаконите Порфириј и Силуан.

Повеќе ќе најдете на официјалниот натпис од Бигорскиот Манастир – ТУКА

Прочитај повеќе...

Култура

Утре е „Митровден“, се вели дека од денот започнува зимата. Честита домашна слава и именден до сите домаќини!

Објавено пред

на

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на утрешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.

За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.

Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).

Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дeн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).

Тропар

Свети великомаченик Димитриј – Митровден

Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Култура2 часа

Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!

Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според...

Без категорија2 часа

Жолта предупредувачка фаза поради најавените обилни врнежи од дожд и силниот ветер, локално процесите ќе бидат во форма на невреме

Денеска 21-ви ноември (петок), целата територијата на Република Македонија ќе се наоѓа во жолта предупредувачка фаза поради очекуваните обилни врнежи...

Хороскоп3 часа

Хороскоп за петок (21 ноември)

ОВЕН Денес може да донесете конечна одлука за вашата деловна иднина. Пред вас е добар ден. Се чувствувате се поосамено...

Македонија10 часа

Државниот пазарен инспекторат изврши инспекциски надзори во пет градови, затекнати биле низа неправилности кај 16 правни субјекти кои продавале тутунски производи

Државниот пазарен инспекторат на ден 17.11.2025 година и 18.11.2025 година, изврши инспекциски надзори на територија на градовите Скопје, Тетово, Гостивар,...

Временска прогноза12 часа

Нови врнежи од дожд на планините ќе провејува снег, продор на ладен бран од север може да резултира со снег на превоите

Територијата на Република Македонија останува да биде под влијание на циклонскиот систем од Џенова и на серија на влажни воздушни...

Спорт12 часа

Данска првиот предизвик за „рисовите“ во март, за пласман на големиот мундијал во САД, Мексико и Канада

Во централата на ФИФА во Цирих денес беше одржана ждрепката за европскиот плејоф за пласман на Светското првенство 2026. Македонската...

Кичево16 часа

ЦУК со известување за изминатото деноноќие, во Кичево побарана била општинска интервенција во делот на ул. „Прилепска“

Во изминатото деноноќие, поради обилните врнежи, екипите на Регионалните центри за управување со кризи интервенираа на повеќе критични локации низ...

Здравје и убавина17 часа

Ова е најдоброто време за ручек

Според резултатите едно поодамнешно истражување објавено во списанието American Journal of Clinical Nutrition, за поуспешно намалување на телесната тежина препорачливо...

На денешен ден1 ден

Светот на денешен ден (20 ноември)

1531 – Капелскиот мировен договор ја утврдува конфесионалната поделба на Швајцарија. 1780 – Велика Британија објави војна на Холандија поради...

Хороскоп1 ден

Хороскоп за четврток (20 ноември)

ОВЕН За да го привлече вашето внимание, некој упорно ќе ги извртува работите надвор од контекст. Ако нешто ви изгледа...

НАЈЧИТАНИ