Култура
Денеска е празник, Св.Кирил и Методиј, ден на словенските просветители
Денес е празник, Св.Кирил и Методиј, светите браќа кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.
Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…
Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.
За постариот брат Методиј многу малку се знае. Името Методиј го добил во монаштво. Завршил највисоки школи во Константинопол и ја избрал воената служба. Десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но, ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна, во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.
Константин пак, познат под монашкото име Кирил, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека ги учел сите филозофски науки кај Лаава и Фотија, дека учел реторика, артиметика, астрономија, книжевност, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа, па така станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот филозоф.
Бидејќи се истакнал со познавање на црковните, но и на световните прашања, на 24- годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен на Арапската мисија кај Сарацените, која што имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.
Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското кнежевство во Македонија (т.н. Брегалничка мисија). Доаѓајќи во брегалничко, Константин покрстил 54000 словени и ги воочил проблемите со кои се соочуваат словените поради немањето на своја азбука и неможноста да се употребува грчкото и латничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.
Во 860 година, Константин бил испратен кај Хазарите (Хазарска мисија) на брегот на Црно море. Тие немале официјална религија – имало Евреи, Муслимани, Христијани и пагани (многубошци). Задачата на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј. Во оваа мисија тие ги откриле моштите на Папата Климент I (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата Св.Димитрија во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент и понел дел од моштите со себе.
Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, за и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.
Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе ги носеле моштите на папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, папата Адријан II го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.
Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.
Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 година.
Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.
Култура
На врата ни доаѓа големиот празник Св.Никола, светоцот заштитник на децата, сиромашните и работниците, за многу години најчестата слава во македонските домови!
Православните верници во Македонија во петок го одбележуваат празникот посветен на Свети Никола Чудотворец еден од најпочитуваните христијански светци и заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, патниците, како и на бројни занаетчии и трговци.
Свети Никола е најчестата слава во македонските домови. Бидејќи станува збор за посен празник, на славската трпеза традиционално се служат посни јадења, како сарма, грав и риба. Овој светец е длабоко почитуван не само меѓу православните, туку и кај католиците, па дури и кај дел од муслиманите, особено во Турција.
Низ Македонија, но и низ целиот свет, постојат голем број цркви, манастири, икони и фрески посветени на Свети Никола. Во многу семејства, празникот се одбележува со богата посна вечера, на која доминираат рибата и посните сарми. Со векови, Свети Никола важи за еден од најсаканите христијански светци.
Неговиот животен пат е исполнет со настани што и денес ги воодушевуваат верниците. Роден е во 4 век во градот Патара, на медитеранскиот брег на денешна Турција, во период многу пред големиот црковен раскол од 1054 година. Потекнувал од богато семејство, а неговите родители, Теофан и Нина, го добиле синот за време на владеењето на римскиот цар Валеријан.
По смртта на родителите, кои починале за време на голема епидемија, младиот Никола целото наследено богатство го разделил на сиромашните. Уште од рана возраст се истакнувал со добрина и побожност, поради што бил омилен и меѓу луѓето и пред Бога. Под духовното водство на својот чичко, архиепископот Патаре, напредувал во црковната служба, а подоцна бил избран за архиепископ на Мир Ликиски. Учествувал и на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, свикан од царот Константин.
Свети Никола починал на 19 декември 343 година и бил погребан во соборната црква во Мир. Кон крајот на 11 век, неговите мошти биле пренесени во градот Бари, каде и денес се наоѓаат.
Од Свети Никола до Дедо Мраз
Ликот на Свети Никола, со црвен плашт и бела брада, со текот на времето станал основа за современата претстава на Дедо Мраз. Во поновата историја, преку рекламите и поп-културата, тој е познат како Санта Клаус име изведено од латинската верзија на Свети Никола. Иако во православната традиција е прикажан како епископ со митра и пастирски стап, модерната верзија добила нови елементи, како санки и ирваси, кои го обиколуваат светот во пресрет на Божик.
Верските познавачи истакнуваат дека Свети Никола е древен и широко почитуван светец низ Европа и дека денешниот Дедо Мраз има малку заедничко со неговиот вистински лик. Сепак, симболиката на дарувањето и радоста кај децата останала и до денес.
Причината за огромната популарност на Свети Никола лежи во неговата безгранична хуманост. Тој целото свое богатство го посветил на помош на сиромашните, болните и немоќните. Помагал тајно, оставајќи пари во џебовите на оние на кои им биле потребни, без да бара признание. Токму од овие преданија произлегла и легендата за Дедо Мраз, кој им носи подароци на децата.
Во народното предание, Свети Никола останал запаметен како заштитник на патниците, особено на морепловците, како и како помошник на неправедно осудените, затворениците и сиромашните.
Именден на овој ден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле и други.
Свети Никола Мирликиски Чудотворец има исклучително значајно место во духовниот живот на македонскиот народ. Многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со посебни обичаи и служби го одбележуваат неговиот спомен. Иако најмногу се празнува зимскиот Свети Никола на 19 декември, внимание му се посветува и на летниот празник, на 22 мај, кога се одбележува преносот на неговите мошти од Мир во Бари.
Култура
Утре е голем празник, помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава, за многу години!
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос.
Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
За многу години, утрешниот празник домаќини!
Култура
Денес започнува Божиќниот пост кој трае 40 дена и завршува на денот кога се слави Христовото раѓање, Лесни и богоугодни пости!
Денес започнува Божиќниот пост, кој трае 40 дена и завршува на 7 јануари денот кога се слави Христовото раѓање. Овој пост претставува еден од најзначајните и подолги пости во православието. Неговото значење не се ограничува само на воздржување од мрсна храна, туку опфаќа и напуштање на лошите мисли, постапки и навики, како и поттикнување на милосрдието, скромноста и искреното покајание.
Црквата истакнува дека постот е воспоставен како подготовка на верниците преку очистување и покајание пред Христовото раѓање, како и преку молитва и примање на светата причест.
Иако се смета за поблаг од Велигденскиот пост, Божиќниот пост содржи денови со построги правила пост на вода, денови кога е дозволено масло, како и одредени денови кога е дозволена риба.
Во прилог ТУКА Ви го претставуваме прекрасниот натпис на Билјана Андоновска, писател и поет.
-
Кичево1 денПополнета рубрика 2025: „Зошто вредиТ да си од Кичево“ – некои натписи сигурно за прв пат ќе ги прочитате
-
Хороскоп2 денаХороскоп за вторник (16 декември)
-
Кичево8 часаПразничната магија во Кичево започнува, фотографии со Дедо Мраз, Дочек за Новата 2026 година, Хуманитарен Божиќен Базар
-
Хороскоп1 денХороскоп за среда (17 декември)
-
Култура12 часаНа врата ни доаѓа големиот празник Св.Никола, светоцот заштитник на децата, сиромашните и работниците, за многу години најчестата слава во македонските домови!
-
Македонија2 часаЖивот непредвидлив, вчера вечер до темел изгоре куќата на Јане во село Воѓани, општина Кривогаштани, да донираме и да помогнеме да се возобнови!
-
Здравје и убавина1 денНеколку совети како да ги намалите масните наслаги на нозете кои со време биле наталожени
-
Магазин11 часаГолема промена кај паметните телефони: SIM-картичката станува минато
