Култура
Денеска е „Прочка“ ова се верувањата и обичаите кои мора да ги направите за овој ден

Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на седум недели пред Велигден.
„Прости ми, да ти простам“ со овие зборови денес верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.
За овој наш христијански празник Прочка семејството би требало да го поминат во пријатна и топла атмосфера во богата трпеза. Помладите членови од семејството треба да побараат прочка од постарите членови со зборовите „прости ми“, а постариот член одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Обичаи – амкање и простување
На овој ден се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето, оттука и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесеуваат од колено на колено меѓу генерациите.
Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.
Затоа денес заборавте на сите недоразбирања и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле.
Култура
(ФОТО) Во с.Цер кичевско одбележани 120 години од смртта на Христо Узунов – симбол на револуционерната борба

120 години од смртта на Христо Узунов – симбол на револуционерната борба
Денес се навршуваат 120 години од смртта на Христо Узунов – еден од најзначајните македонски револуционери од крајот на XIX и почетокот на XX век. Тој останува врежан во народната меморија како симбол на пожртвуваност, храброст и бескомпромисна борба за слободата на Македонија.
Христо Узунов е роден во Охрид во 1878 година. Образованието го започнал во родниот град, а подоцна продолжил во Солунската гимназија – една од најважните институции за создавање на македонската револуционерна елита. Рано се приклучил на редовите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), каде покажал исклучителни лидерски и организациски способности.
Како војвода, Узунов дејствувал во Охридско и Преспанско, организирајќи чети и водејќи борби против османлиската власт. Тој се залагал за строго дисциплинирана и морална револуционерна структура, убеден дека само така може да се постигне вистинска слобода.
На 24 април 1905 година, опколен со својата чета во селото Цер, Христо Узунов, по долг отпор и соочен со невозможност за бегство, решава да си го одземе животот, заедно со своите соборци.
Во џебот му било најдено проштално писмо во кое изразува љубов кон татковината и вера во ослободувањето на македонскиот народ.
Неговата смрт претставува една од најтрогателните страници во историјата на македонското револуционерно движење.
Христо Узунов останува како пример за новите генерации – не само како борец со оружје, туку и како човек со високи морални и национални идеали.
На овој ден во с.Цер кичевско, се потсетуваме на неговата жртва и го оддаваме заслуженото признание за неговиот придонес во македонската борба за слобода.
Култура
(ВИДЕО) Бигорски Манастир објави видео полно воскресенска радост

По повод најрадосниот христијански празник – Велигден, Бигорскиот Манастир објави прекрасно видео кое ја доловува живата, весела и блескава атмосфера од вечерта на Воскресението Христово.
Во видеото, кое на социјалните мрежи побуди многубројни реакции исполнети со восхит и благодарност, се прикажани искрени мигови од вечерната Пасхална богослужба: пристигнувањето на Благодатниот оган, кој Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, го предава на верниот народ, првите пламнувања на огнот, свеченото извикување на вечниот поздрав „Христос Воскресе!“, како и лицата на луѓето озарени од радоста на Воскресението.
Манастирот ја пренесува вечната порака на Пасхата – дека Христовото Воскресение е победа на светлината над темнината, на животот над смртта, на радоста над стравот.
Видеото е реализирано со уметнички сензибилитет и природна топлина, пренесувајќи ја вистинската атмосфера од Воскресението – како што се доживува во Бигорски, но и во срцето на секој што верува. Сцените се монтирани со внимателна естетика, проследени со уметнички звук и текст, а секој кадар зборува повеќе од илјада зборови – за надежта, љубовта, заедништвото и светлината што победува.
Особена заслуга за видеото има продуцентот Александар Пауновски, кој е автор на снимките и монтажата. Благодарение на неговиот уметнички пристап, видеото не е само технички документ на настаните, туку живо сведоштво, полно со чувство, ритам и естетика што допира до срцето на гледачот.
Посебна атмосфера ѝ дава и музичката подлога – прекрасната изведба на тропарот „Христос Воскресе“ од Свечениот концерт на Македонската филхармонија, одржан во чест на јубилејот: „1000 години Бигорски Манастир“.
Со овој краток, но силен аудиовизуелен запис, Бигорски уште еднаш потврдува дека Воскресението не е само црковен чин, туку жив настан што ја преобразува душата и ја обединува заедницата во љубов и вера.
/Д.Б.
Култура
(ФОТО+ВИДЕО) Во Бигорскиот Манастир и оваа година величествена прослава за Воскресение Христово – Света Пасха

Во болскотот на оваа ноќ посветла од сите дни, кога сета твар замолчува пред славата на непобедливата Светлина, Свештената Бигорската Обител повторно беше озарена од нетварната убавина на Воскресението Христово. Во мигот кога насекаде се слушна победоносниот повик: „Христос Воскресе!“, целиот манастирски комплекс се претвори во сјајна Пасхална светлина, во неземна светлост која ги просветлува срцата и ги преобразува душите.
Како и секоја година, и овој пат од Светата Земја ни пристигна Светиот благодатен оган, сведоштво на непрекинатото чудо на Воскресението, пламенот на надежта кој никогаш не згаснува. Верните го примија со трепет, со солзи, со љубов што гори посилно од секој оган. Огромно множество народ се собра во древното Светилиште, така што и храмот и дворот беа исполнети до последно катче со молитвени срца, што копнееја да ја вкусат вечната Пасха.
Празничното торжество го предводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со силна пасхална радост, со љубов што се прелеваше и која срца прегрнуваше, со благодатна тишина меѓу зборовите и со громогласно сведоштво на победата што вечноста ја воспева. Околу него, целото монашко братство и сестринство и морето од верници – како една душа, како едно срце, како едно тело Христово – сè во свечена Воскресенска симфонија.
„Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари“ – одекна тропарот на победата и одѕвонуваше меѓу небесата и земјата. Ова не е обичен ден. Ова не е само спомен. Ова е реалност што ги потресува темелите на смртта и на времето. Христос воскресна и веќе ништо не е исто. Пеколот е лишен од својот плен. Стравот се растура. Смртта е победена. Слободата на децата Божји засветли во мракот.
Во мистичната ноќ на невечерниот Ден, низ планинската свежина, ангелски се разлеа химната на животот. Срцата, распнати на крстот на секојдневните борби, се спуштија во гробот на смирението и таму ја најдоа Пасхата красна – Христос, Кој воскреснува, Кој ослободува, Кој сè обновува. Како што вели Самиот: „Ете, сè ново создавам“.
Нека воскресенската радост на овој незалезен ден на Пасхата Господова вечно трепери во душите наши, нека биде почеток на живот нов, на живот победоносен, на живот вкоренет во Љубовта, Која ниту времето, ниту смртта не можеа да ја победат.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
Повеќе галерија ќе најдете на официјалниот натпис од Бигорскиот Манастир во продолжение ТУКА
-
Хороскоп2 дена
Хороскоп за недела (27 април)
-
Хороскоп19 часа
Хороскоп за понеделник (28 април)
-
Кичево1 ден
(ВИДЕО) КУД „Рацин“ Кичево во полна сала вчера го реализираше традиционалниот „Велигденски концерт“ на песни и ора „Писмо дојде“
-
Македонија4 часа
Од ноќеска поскапуваат нафтените деривати, ова е новата цена!
-
Спорт22 часа
ФФМ со експресно соопштение ја извести јавноста во врска со случајот ФК Гостивар
-
Здравје и убавина1 ден
Мувлата на овошјата може да доведе до несакани последици по здравјето на човекот
-
Скопје21 час
СВР Скопје изрече 96 санкции, 41 од нив биле за возење со брзина поголема од дозволената
-
Занимливости2 часа
Светскиот гигант „Google“ ќе ги враќа вработените во своите канцеларии, работењето од дома ќе стане минато