Следете не

Култура

Покана за осветување на прекрасниот храм на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, во овој крај добивме еден убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка

Објавено пред

на

Со благослов / Бигорски Манастир

Со голема чест информираме дека ќе се осветува прекрасната црква на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, која е изградена со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство предводено од Епископот Антаниски г. Партениј и на иницијативниот одбор од с. Ростуше. Осветувањето ќе се изврши на 30 јули 2023 година, недела, со почеток во 9 ч., од страна на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Антаниски г. Партениј, со молитвено учество на дебарскиот архиерејски намесник о. Миле Ангелковски, на Бигорското монашко братство и на сестринството од Манастирот Свети Георгиј Победоносец во с. Рајчица, така што со особена радост ве покануваме да присуствувате на овој свет и значаен за нашиов крај настан, стои во интегралниот текст на Бигорски.

Според историските извори што стасале до наши дни, со сигурност се знае дека во долнореканското село Ростуше (по старо Ростуша, од Радост-душа) суштествувал велелепен храм посветен на Пресвета Богородица, уште од византиско време. За тој храм постојат веродостојни историски документи, од кои меѓу позначајните е Повелбата на Иван Кастриот, таткото на Георги Кастриот – Скендербег, кој во тоа време владеел со овие простори, упатена до манастирот Хилeндар во 1426 година. Во оваа повелба, со која таткото на христијанскиот востаник ѝ подарува имоти на оваа светогорска обител, меѓу другото, стои напишано и следново: „Го приложив селото Радостуше со Црквата на Пречистата Богородица што е во тоа село Радостуше, и со селото Требиште“. Од овој исказ може да се заклучи дека во с. Ростуше, во правата половина на XV век, сè уште суштествувала црква посветена на Пречистата Богородица.

Мошне значаен извор за историјата на с. Ростуше, но и на целата дебарска околија, се Кратките спомени на угледниот Архимандрит Кирил Рилски, родум од с. Битуше, којшто во 1916 година од црковното началство бил поставен како администратор на Дебарската епархија. Во своите мемоари тој пишува:

– „Од обиколката на епархијата видов дека селото Ростуше има голема потреба за црква. Се беше запазило живо предание помеѓу христијанското месно население дека џамијата насред селото, при којашто се наоѓаа и турските гробишта, била православна црква Успение на Пр. Богородица до пред стотина години. Помаците од ова село ја претвориле во џамија, откако го урнале старото црковно здание и на истата основа ја построиле сегашната зграда. Јас ја приспособив оваа џамија за црква и на 30 август 1918 г. ја претворив во православна црква, под старото историско име, Успение на Пр. Богородица. Во тоа с. Ростуше се наоѓал стариот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’, каде што игумен во 1019 г. бил првиот Охридскиот Блаженејши Архиепископ Јоан Дебранин (закосено од самиот автор – б.н.), пред тој да стане Охридски просветител.  Оваа древна црква во с. Ростуше била црквата на древниот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’. Околу таа древна манастирска црква се наоѓаат стари гробници ѕидани со тули. При раскопувањата околу оваа древна светиња, можат да се најдат многу драгоцени археолошки предмети за целото христијанство од првите векови на Балканскиот Полуостров.

Во 1908 г. еден помак, којшто копал основи, за да си построи куќа блиску до таа историска црква, открил една сводеста, многу умешно направена со тули гробница, во којашто се наоѓало едно цело, ни малку не распаднато човечко тело. Помакот намислил во ноќта да го фрли тоа нераспаднато човечко тело во р. Радика. Но на сон му се јавил човек, кој му кажал да не го допира, зашто тој е жив и ништо не може да му направи. Помакот се исплашил од тоа видение на сон и повторно ја соѕидал гробницата, каква што си била, како што ја нашол во земјата.“

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Интересно е да се напомене дека тоа место за кое пишува Кирил Рилски и денес се наоѓа во центарот на селото и од мештаните се нарекува Двораник, што пак, алудира на тоа дека на овој локалитет некогаш, најверојатно, се наоѓал некој дворец или кнежевски имот. Можно е храмот на Пресвета Богородица да бил дворска црква, изградена за потребите на некој висок благородник од Средниот век. Мислењето на Архимандритот Кирил Рилски дека Манастирот на Пресвета Богородица во кој се подвизувал и игуменувал Свети Јован Дебранин најверојатно се наоѓал во с. Ростуше, го дели и роднокрајниот историограф Стамат Стаматов од Дебар. Тома Смилјаниќ, пак, од с. Тресонче, пишувајќи за историјата и етнографијата на Мијаците, наведува дека манастирот Света Богородица во с. Ростуше „бил, според преданието, велик и силен. Имал конак со 360 соби, а во средината имало чешма Двораник (закосено од самиот автор – б.м.), која и денес постои. Кога поголемиот дел од Ростуша се потурчил, манастирот бил срушен…“

Слично раскажува и Апостол Христов Фрчковски, познат иконописец од Галичник, деец на Македонската револуционерна организација и извесно време околиски началник на Реканската каза. Во неговото сведоштво, запишано од просветниот деец Георги Трајчев, меѓу другото, се вели: „За селото Ростуше знаеме дека џамијата во недалечното минато била црква; кога го примиле мухамеданството, црквата ја претворија во џамија. А тоа собитие станало преди 150—200 години“.

За ростушката Црква пишувал и македонскиот етнограф и професор, галичанецот Риста Лоноски: „Постои некакво предание дека во Ростуше постоела некаква црква или манастир Успение со големи конаци од 70 одаи. Вистина е дека таков храм постоел и дека е после претворен во џамија“.

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Во 30-те години на минатиот век, биле спроведени археолошки испитувања на самото место, при што било докажано дека на тоа место низ историјата постоеле неколку православни храмови. Имено, биле откриени основи на храм со ширина 10, а должина 15 метри. Всушност, биле откриени три различни градежни слоја, при што старите ѕидини се наоѓале во рамките на поновите.

– Црквата на Пресвета Богородица се наоѓала во центарот на селото, на местото од денешното спортско игралиште. Последниот храм, изграден во Кралска Југославија, бил насилно и целосно срушен во времето на фашистичката окупација на овој крај во Втората светска војна. Немајќи повеќе ниеден молитвен дом во селото, Христијаните биле принудени да изградат еден скромен храм на ритчето од северната страна на селото, кај православните гробишта. Тој привремен импровизиран објект им служеше како единствен храм сè до пред десетина години, кога, по иницијатива на нашиот Старец и Игумен г. Партениј, православните ростушани формираа Одбор за обнова на Црквата „Пресвета Богородица“. Одборот веднаш го замоли Старецот да ја прифати одговорноста за изградбата на новата црква, на што тој со радост потврдно одговори.

Така, со големите заложби и личните трудови на Епископот г. Партениј и на монашкото братство, за неколку години се издигна велелепен храм на Мајката Божја, кој денес преставува еден архитектонски бисер на селото, совршено вклопен во природата и во целокупната архитектура. Храмот е идејно обмислен од страна на владиката Партениј, во соработка со искусните црковни архитекти Владимир и Искра Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“. Изграден е од камен и од тули, во препознатливиот византиски стил опус микстум, и структурно наликува на старата црква што била на сред село, крстообразна, со голема купола на средината, со конхи од страните и со камбанарија над тремот. Во меѓувреме, храмот беше целосно живописан од зографот Славчо Петковски од Битола, браќата зографи од нашето братство и сестрите од Рајчица. Иконите, сместени во прекрасниот мермерен иконостас, се дело на зографот Владислав Коцарев од Охрид, професор по византиска уметност на Белградскиот универзитет. Храмот има и своја камбанарија во која се сместени двете камбани од старата црква, од времето на Кралска Југославија.

Ова е првиот соодветно изграден храм во с. Ростуше по рушењето на стариот и е направен според неговиот изглед.

Напоредно со изградбата на Црквата, се работеше и на облагородување на просторот околу неа, па така, по иницијатива на владиката г. Партениј, беше изградена нова прекрасна трпезарија за потребите на Храмот; беа обновени селските гробишта, се направи партерно уредување околу Црквата, со потпорни ѕидови и плато поплочено со камен и обградено со пристојна ограда, а се направи и скалест пат до центарот на селото, изѕидан од камен.

Накратко кажано, во возобновениот Храм на Пресвета Богородица, селото Ростуше, но и цела Долна Река, добија еден вистински, прекрасен украс, кој веќе ги привлекува очите и срцата на бројни минувачи во крајов, и од земјава и од странство.

Западниот дел на Македонија доби еден исклучително убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка, за доброто на сите жители.

Култура

Утре е голем празник, помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава, за многу години!

Објавено пред

на

©porta.mk

Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.

Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос.

Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.

За многу години, утрешниот празник домаќини!

Прочитај повеќе...

Култура

Денес започнува Божиќниот пост кој трае 40 дена и завршува на денот кога се слави Христовото раѓање, Лесни и богоугодни пости!

Објавено пред

на

©porta.mk

Денес започнува Божиќниот пост, кој трае 40 дена и завршува на 7 јануари денот кога се слави Христовото раѓање. Овој пост претставува еден од најзначајните и подолги пости во православието. Неговото значење не се ограничува само на воздржување од мрсна храна, туку опфаќа и напуштање на лошите мисли, постапки и навики, како и поттикнување на милосрдието, скромноста и искреното покајание.

Црквата истакнува дека постот е воспоставен како подготовка на верниците преку очистување и покајание пред Христовото раѓање, како и преку молитва и примање на светата причест.

Иако се смета за поблаг од Велигденскиот пост, Божиќниот пост содржи денови со построги правила пост на вода, денови кога е дозволено масло, како и одредени денови кога е дозволена риба.

Во прилог ТУКА Ви го претставуваме прекрасниот натпис на Билјана Андоновска, писател и поет.

Прочитај повеќе...

Култура

Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!

Објавено пред

на

Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), денес е 6 септември – ден посветен на споменот на чудата што се случиле во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна била изградена и црква во негова чест.

Главниот празник на свети архангел Михаил, пак, е Собор на свети архангел Михаил, кој се слави на 8 ноември по стариот (или 21 ноември по новиот) календар. Овој ден е еден од поголемите есенски празници што нашиот народ традиционално ги одбележува со домашни служби. Кај луѓето е познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден, а празникот е востановен во чест на сите ангели, особено на нивниот водач – светиот архангел Михаил.

На овој ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.


Ангелите и улогата на Архангел Михаил

Според црковното предание, пред создавањето на видливиот свет, Бог го создадил духовниот свет – ангелите. Тие се невидливи духовни битија и затоа на фреските се претставени во човечка форма, со крилја како симбол дека се Божји весници. Нивното бело облекување означува чистота и невиност.

Архангел Михаил е единствениот ангел прикажан во војводска облека, со меч и копје. Причината се крие во неговата улога во борбата против паднатите ангели. Кога дел од ангелите, предводени од Деница, се одметнале од Бога, архангел Михаил застанал во одбрана на Божјата правда, ги собрал верните ангели и го победил предводникот на злото, симнувајќи го од небесата.

Во знак на верност кон Бога, архангел Михаил и сите ангели ја воспеале Света Троица со песната:
„Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“.

Во спомен на овој небесен собир е востановен празникот Собор на свети архангел Михаил, со кој црквата им оддава чест на сите ангели.


Зошто празникот се слави токму во ноември?

Според старите сметања, годината започнувала во март, а ноември бил деветтиот месец. Деветката симболично ги претставува деветте ангелски чинови. Осмиот ден од месецот (8 ноември) пак се зема како симболичен знак за „осмиот ден“ – времето по Страшниот суд, кога Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Магазин49 минути

Ивана од Кичево оваа година по петти пат изработува новогодишни честитки за да помогне на лица и здруженија каде е најпотребно

Кичевчанката Ивана Маркоска не престанува да плени со своите хумани гестови, имено како претходните години, продолжува и оваа година по...

Автомобили1 час

„Tesla“ постави нов рекорд во продажба на електрични автомобили во Норвешка

Според најновите податоци објавени од Yahoo! Finance, Tesla постави нов рекорд на норвешкиот пазар на електрични автомобили. Американскиот гигант во...

Временска прогноза2 часа

Врнежите од дожд продолжуваат, Попоски апелира за зголемување на нивоата од реките и езерата

Под влијание на голем влажен бран од југ денес (петок 5 декември) времето во Македонија ќе биде облачно со врнежи...

Хороскоп12 часа

Хороскоп за петок (5 декември)

ОВЕН Денот на работното место тече во добра комуникација со соработниците и воспоставување на нови договори. Ве очекува финансиска добивка....

Македонија13 часа

Сообраќај по наместа влажни коловози, намалена видливост поради магла има на превоите „Стража, Ѓавато, Плетвар и Крушево “

АМСМ и Македонија Пат известуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради...

Свет13 часа

Поради злоупотреба, Русија ги блокира „Snapchat“ и „FaceTime“

Русија го забрани пристапот до „Snapchat“, популарната социјална мрежа за споделување фотографии и видеа кои се автоматски бришат по краток...

Здравје и убавина1 ден

Само со неколку нови навики, стартот на денот ќе ви биде полн со енергија

Доколку секоја утрина се борите со алармот и без силно кафе не можете да ја започнете дневната рутина, постои брз...

Хороскоп1 ден

Хороскоп за четврток (4 декември)

ОВЕН Овен, препуштете се на струјата, оставете идеите за пливање против неа за некои денови кога ќе имате повеќе енергија...

Спорт2 дена

Благоја Милевски се заблагодари на сите досегашни претседатели на ФФМ, сите наши фудбалери, стручен штаб, медицински лица и логистика

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски на кој му заврши договорот како предводник на македонската селекција, преку ФФМ истакна...

Кичево2 дена

Јовановски: „Ние во Кичево не можеме да исчистиме толку брзо колку што некои несовесни граѓани можат да расфрлаат ѓубре“

Предмалку градоначалникот на Општина Кичево, Д-р Александар Јовановски соопшти фрапантен податок кој несомнено тоа го гледаме и со сопствени очи....

НАЈЧИТАНИ