Култура
(ВИДЕО+ФОТО) Чудотворната икона на Свети Георгиј благословена и осветена на Света Гора

По желба и со благослов на нашиот возљубен светителољубив Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, овие дена новоизработената икона на Светиот Великомаченик и Чудотворец Георгиј Победоносец, од страна на неколку наши отци и браќа беше однесена во Светата Гора Атонска, во двата манастира посветени на Светијата, Светите Обители Ксенофонт и Зограф, за таму да го прими благословот и да биде осветена од првообразната чудотворна Молдавска икона што се чува во зографскиот католикон.
„Учествувавме во исклучителен историски настан, којшто е голем благослов од Господ и го почувствувавме изобилието на благодатта Божја на Светата Гора Атонска“.
Постојаното благословено чувство на реалното присуство на Светиот Георгиј за сето време на опходот, насекаде и непречено ни го отвораше патот, исполнувајќи го со восхит, радост, умиление и благодарност секого кој ќе ја здогледаше неговата прекрасна чудотворна икона.
„Особено допрени бевме од љубовта, вниманието и грижата на Ксенофонтскиот Старец, дедо Алексиј, кој татковски нѐ пречека и направи да се почувствуваме како дома. Силно ѝ се израдува на иконата! Кога ја виде веднаш почна да пее, да го фали, да му се моли на Светиот Георгиј, а потоа неуморно да ни ја раскажува историјата на Манастирот и на бројните чудотворни икони. Радоста што ја почувствува Старецот, ни беше светогорски благослов од Св. Георгиј. Неговите молитви и желби, за Светиот Победоносец да ни носи трофеи на победи, да нѐ заштитува, обединува и помага во делото на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, беше изобилен излив на благодат, која ги стопли и стопи срцата.
„Голем благослов е за вашиот манастир и за вашата монашка заедница и за народот Божји таму доаѓањето на светата икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Посакувам Светиот секогаш да ве поткрепува, да ви носи трофеи на победа, на духовна победа, во оваа епоха којашто е особено тешка. Но силата и благодатта Божја секогаш ќе нè оснажуваат и застапништвата на Светиите ќе ни помагаат и ќе нè водат.
Ве молам пренесете му ја нашата најдлабока почит на Игуменот и Епископот Свет Антаниски г. Партениј, и да му кажете дека го љубиме и го очекуваме“ – со љубов ни зборуваше осветениот Христов слуга.
Потоа нѐ прими во својата игуменска одаја и нѐ почести со аристократската љубов во Духот. Неговата почит и љубов кон нашиот татко во Христа, Старецот Епископ г. Партениј, беа сублимирани во следниве негови зборови, изговорени со длабочина на искуство и подвиг: „Чувајте го, помагајте му, подражавајте го, оти вашиот Старец е просветлен човек, што е многу ретко во овие тешки години“. Овие зборови на осумдесетгодишниот Старец силно се отпечатија во нашите души.
Благодатта од преданието кое го пазат, почитта на поредокот во Манастирот и во устројството на Црквата, љубовта кон Таткото на Православните, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, беа вистински пример на дејствително христијанство и монаштво кое преобразува и спасува.
Нескриена беше радоста и воодушевеноста и во другата Свештена Обител на Св. Георгиј наречена Зограф, која ја посетивме следниот ден, со нетрпение очекувајќи да ја принесеме до чудотворната Молдавска икона и да го испросиме благословот и благодатта на Светиот да дојде и на нашата истообразна икона, изработена со страв Божји, вера и љубов. Радоста и задоволството на братството на Обителта со Старецот г. Амвросиј и на многуте духови на нашите предци кои духовно нѐ прегрнаа, ни беше гаранција за благоволението на Св. Георгиј врз иконата што ја приведовме.
И двајцата игумени со нивните братства беа воодушевени од прекрасната изработка на Иконата и ни посведочија за доброто и благословено дело што е направено. А ние си спомнавме за благочестивиот г. Ратко Капушевски со семејството, кој штедро ја обдари Рајчичката Обител со оваа скапоцена и историска Икона, молејќи се Бог да ги благослови со секаков небесен и земен дар, живот, здравје и спасение во Христа Исуса нашиот Господ и да ги удостои за Царството Небесно.
Оваа посета на Света Гора остана запаметена по братољубието, истодушноста и обединетоста во Христовата љубов и неговите Светии како наши обединители во Христа. Молитвите и благопожелбите на Светогорците беа застапништвото и благословот на Светиот Великомаченик Георгиј да биде со Старецот, братството, сестринствата, со нашата Црква и народ.
Официјалниот пречек на Чесната икона е предвиден за утре, сабота, 30 март, во Манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица. Покана за присуство имаат сите светителољубиви души кои сакаат да му оддадат достојна чест на Светецот и да го испросат неговиот благослов, пишува bigorski.org.mk
Повеќе галерија ќе најдете на официјалниот линк од Бигорски – ТУКА
Култура
Денес е голем празник „Петровден“, утре „Павловден“ – ова се народните верувања за празниците, за многу години!

Денеска е Петровден, а утре Павловден, со кој се поврзани многу обичаи. Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.
На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.
Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.
Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат китки кои се направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.
Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијанитем врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.
На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.
На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните.
Обичај е да се меси колач со јаболки.
Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.
Галичник
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.
Култура
Кичевската парохија истакна известување за Хиротонијата на идниот високопреосвештен Митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј

Со благослов на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а во духот на молитвено единство и евангелска љубов, на 13 јули (недела) 2025 година – во денот посветен на Соборот на светите апостоли (Павловден), ќе се изврши торжествената хиротонија на избраниот Високопреподобниот отец Георгиј, кој со Божја благодат ќе биде ракоположен во епископски чин како Митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Култура
Денеска е „Духовден“ – Празник на Светиот Дух

Денес се слави Духовден, голем христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Овој празник, познат и како Педесетница, секогаш се одбележува во недела и трае три дена. Тој е единствениот меѓу 12-те големи празници кој нема претпразненство, но празничната атмосфера се чувствува во целиот период од Велигден до Духовден.
Во народната традиција, денот пред Духовден е познат како Задушница или „Мртва сабота“, ден посветен на душите на починатите, кога се изведуваат обичаи во нивна чест.
Празникот Педесетница се слави токму 50 дена по Велигден и е поврзан со еврејската традиција – кога Евреите го добиле Законот на Мојсие на Синај. Во христијанскиот контекст, тој ден ја одбележува дарбата на Светиот Дух врз апостолите, што се смета за основање на Христовата црква.
Според Библијата, на тој ден апостолите биле собрани заедно, кога одеднаш се слушнал силен звук како од ветрот, а Светиот Дух во форма на огнени јазици слегол врз секој од нив. Сите почнале да зборуваат на различни јазици. Народот што го слушнал шумот се зачудил, некои мислеле дека апостолите се пијани. Тогаш апостол Петар објаснил дека тие се исполнети со Светиот Дух и повикал народот да се покае и крсти. Тоа го направиле околу 3.000 луѓе.
Овој момент е опишан во книгата „Дела на светите апостоли“, каде се вели дека тоа било исполнување на пророштвото на Јоил – дека Светиот Дух ќе се излее врз сите луѓе. Тоа е и остварување на зборовите на Св. Јован Крстител, кој најавил дека Христос ќе крштева со Светиот Дух и оган.
Поради ова, Духовден уште се нарекува и празник на Света Троица – бидејќи на овој ден се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со тоа, овој ден се смета за роденден на Христијанската црква.
Народни обичаи и верувања
Во македонската традиција, Духовден се смета за многу важен ден – не се работи, се оди на црква, се прават гозби и обичаи, а на места попладне се игра оро. Во некои села се практикува обредот „Скрсти“ – молитва за дожд и плодна година.
Во народното верување, се смета дека од Велигден до Духовден душите на мртвите се слободни и се движат меѓу живите, често престојувајќи на цвеќињата на дрвјата. Се верува дека на Духовден душите разговараат меѓу себе, а ако некој ставел уво на гроб можел да ги слушне како шепотат.
На Задушница се организираат трпези и се дели храна „за душа“. Се верува дека душите мора да бидат нахранети пред да се вратат во задгробниот свет. Затоа, луѓето раздаваат храна и вода, и не се јаде ништо додека не се раздаде. Ако некој не добие, душата му останува „непричестена“.
Традиционално, црквите, домовите и гробовите се украсуваат со зелени гранки и цвеќиња – симбол на обновување и духовна свежина. Оревовите гранки, пак, имаат посебна улога – според верувањата, тие привлекуваат души, а истовремено ги штитат алиштата од молци.
Локални обичаи
Во некои краишта, како селото Лески во Неврокопско, постои верување дека полето го чува змеј кој живее во пештера, па на Духовден му принесуваат курбан за да го заштити посевот од град. Ако не се изврши ритуалот, се верува дека ќе дојде несреќа.
Во тој ритуал, се коле овен на планински врв и крвта се пушта во пештерата – домот на змејот. Жените носат лепчиња и ги редат околу пештерата, а обредите се прават со чукање клепало.
Во многу места на овој ден на гробовите се оставаат бардачиња (дулиња) со вода. Тие се носат дома и се пие од нив „за душа“. Во некои краишта тие се оставаат на гробот и се дополнуваат со вода во текот на годината.
Се верува и дека оние што починале меѓу Цветници и Духовден одат директно во рајот. Во Гевгелиско, пак, се верува дека до Духовден мора да се пожнее јачменот, оти потоа доаѓаат силни ветрови што може да го уништат родот.
-
Кичево11 часа
Кај кичевско Другово возач од гостиварско „летал“ со брзина од 114 км/ч, а дозволено е 50!
-
Хороскоп2 дена
Хороскоп за недела (13 јули)
-
Хороскоп23 часа
Хороскоп за понеделник (14 јули)
-
Кичево10 часа
Планинарското друштво „Ендорфин“ од Кичево во чест на Сашо Костадиноски го организира осми меморијален планинарски марш на планината „Голјак“
-
Хроника1 ден
МВР: Детали за грозоморното убиство во Прилеп на 13-то годишно дете, неговиот татко и самоубиството на сторителот
-
Македонија9 часа
Поскапува бензинот и дизелот, ова е новата цена од полноќ!
-
Македонија12 часа
МВР викендов издаде 1711 платни налози дури 828 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописите
-
Македонија2 часа
(ФОТО+ВИДЕО) Сузбиена организирана криминална група инволвирана во криумчарење на мигранти, лишени од слобода шест лица