Следете не

Култура

В сабота во Манастирот Св. Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица ќе пристигне икона на Светиот Георгиј Победоносец, покана до сите верници да присуствуваат на духовното славје

Објавено пред

на

bigorski.org.mk

Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ја пренесеме информацијата за претстојното духовно торжество во Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, во навечерието на Втората недела од Чесниот и Велик Пост. Имено, на манастирската слава во спомен на Светиот отец наш Григориј Палама, во сабота, на 30 март, во 16 ч., во Манастирот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава. Иконата претходно ќе биде осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Рајчичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.

Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 ч.) и Божествена Архиерејска Литургија.

Ве покануваме со раширени срца и радосни души да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава.

Кратка историја на молдавската икона на Свети Георгиј

Молдавскиот Воевода Стефан Велики

Молдавскиот Воевода Стефан Велики

Чесната и чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец што се чува во манастирот Зограф на Света Гора е наречена Молдавска, затоа што е подарена од славниот молдавски кнез Стефан Воевода Велики (управувал 1457-1504) во 1484 година. Всушност, овој исклучително побожен молдавски Воевода, кој штедро ги дарувал и поткрепувал православните светињи кои во тоа време се наоѓале под османлиското иго, станал возобновител и нов ктитор и на Зографската Обител. Тоа се случило по чудесната помош од Свети Георгиј на војводата Стефан, во една одбранбена битка против османлиската војска. Имено, еднаш неговиот град бил нападнат од Османлиите коишто биле далеку побројни од неговите војници. Тој ја распоредил својата војска по ѕидините на градот, за да ги одбиваат нападите колку што можат и во меѓувреме постојано му се молел на големиот заштитник и спомагател на христијанскиот род, Светиот славен и сефален Великомаченик Георгиј Победоносец пред неговата чудотворна икона.

Една вечер додека Војводата со цврста вера и смирено настроение усрдно се молел, му се јавил самиот Светија и му рекол да не стравува и да не се повлекува, бидејќи, како што во многу битки дотогаш во кои учествувал со помала војска, со Божја помош, издвојувал големи победи, така ќе биде и сега. По ова видение војводата Стефан се охрабрил и излегол против нехристијанскиот непријател, носејќи ја напред иконата на Светителот, и со негова помош однел блескава победа над Османлиите. Кога потоа кај него дошле пратеници од спротивниот табор за да му оддадат чест и да молат за мир, му посведочиле дека за време на битката, во редовите на неговата војска имало некој многу храбар и страшен војник со копје и меч, качен на бел коњ и, всушност, тој им нанел страшен пораз, принудувајќи ги да бегаат. Воеводата Стефан зачудено рекол дека таков војник немало во неговата војска. Но кога дојденците ја забележале кај него иконата од Св. Георгиј, ужаснати и уплашени му посведочиле дека токму тој коњаник им го нанел лутиот пораз. Оттогаш војводата уште повеќе го засакал светиот Христов воин, кој бил негов личен патрон и секогаш усрдно му се молел. Наскоро потоа, Победоносецот повторно му се јавил на својот верен слуга и го благословил да го обнови неговиот опустошен манастир Зограф на Светата Гора Атонска, во знак на благодарност за укажаната му помош и таму да ја однесе неговата икона, за поткрепа на монашката заедница.

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора

Инаку, иконата пред тоа била подарена од ромејскиот император Јован Палеолог на молдавскиот воевода Александар Добриот (управувал од1400-1432). Украсната сребрената риза, пак, на иконата е правена по иницијатива и заложби на многозаслужниот зографски Архимандрит Анатолиј, родум од Могорче, израснат во Лазарополе и замонашен во Бигорски, за време на неговото престојување во Русија до 1838 година. Во натписот врз сребрената кошула се вели дека образот на оваа чудотворна икона „му се јавил во 1484 година на Великиот Стефан Воевода Молдавски, којшто по тоа видение ја возобнови оваа Света Зографска Обител“. Подоцна, кога иконата потемнала од старост, била наново прецртана на старото дрво.

Новоизработената икона со чудотворниот лик на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од молдавската икона, на неговиот прочуен Манастир во Рајчица му ја подарува благочестивиот господин Ратко Капушевски, со мајка си Билјана, сопругата Даница, сестрата Бјанка и внукот Итан. Истата беше нацртана во Грција од зографот г. Николај Кангарас од Фтиотида, сребрениот опков беше изработен од мајсторот г. Леондарис Зидрос од Јанина, а дрвената рамка и кивот од г. Христос Муртидис од Солун. Иконата ќе биде осветена и благословена во двата Светогорски манастири Ксенофонт и Зограф, кои се посветени на Светиот Георгиј.

Се молиме славниот Победоносец штедро да ги вознагради дарителите, а својот манастир и иконата во Рајчица да ги сочува здрави и неповредени до крајот на вековите, сѐ до Второто Христово Пришествие, пазејќи го со своето моќно застапништво христијанскиот род во целиот овој крај. Амин!

Култура

Денес е голем празник „Петровден“, утре „Павловден“ – ова се народните верувања за празниците, за многу години!

Објавено пред

на

ФОТО: Мимоза Стојчевска @ Патувања низ Македонија

Денеска е Петровден, а утре Павловден, со кој се поврзани многу обичаи. Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.

Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат китки кои се направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.

Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијанитем врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.

На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.

На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните.

Обичај е да се меси колач со јаболки.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.

Галичник

Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Прочитај повеќе...

Култура

Кичевската парохија истакна известување за Хиротонијата на идниот високопреосвештен Митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј

Објавено пред

на

Со благослов на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а во духот на молитвено единство и евангелска љубов, на 13 јули (недела) 2025 година – во денот посветен на Соборот на светите апостоли (Павловден), ќе се изврши торжествената хиротонија на избраниот Високопреподобниот отец Георгиј, кој со Божја благодат ќе биде ракоположен во епископски чин како Митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Прочитај повеќе...

Култура

Денеска е „Духовден“ – Празник на Светиот Дух

Објавено пред

на

©porta.mk

Денес се слави Духовден, голем христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Овој празник, познат и како Педесетница, секогаш се одбележува во недела и трае три дена. Тој е единствениот меѓу 12-те големи празници кој нема претпразненство, но празничната атмосфера се чувствува во целиот период од Велигден до Духовден.

Во народната традиција, денот пред Духовден е познат како Задушница или „Мртва сабота“, ден посветен на душите на починатите, кога се изведуваат обичаи во нивна чест.

Празникот Педесетница се слави токму 50 дена по Велигден и е поврзан со еврејската традиција – кога Евреите го добиле Законот на Мојсие на Синај. Во христијанскиот контекст, тој ден ја одбележува дарбата на Светиот Дух врз апостолите, што се смета за основање на Христовата црква.

Според Библијата, на тој ден апостолите биле собрани заедно, кога одеднаш се слушнал силен звук како од ветрот, а Светиот Дух во форма на огнени јазици слегол врз секој од нив. Сите почнале да зборуваат на различни јазици. Народот што го слушнал шумот се зачудил, некои мислеле дека апостолите се пијани. Тогаш апостол Петар објаснил дека тие се исполнети со Светиот Дух и повикал народот да се покае и крсти. Тоа го направиле околу 3.000 луѓе.

Овој момент е опишан во книгата „Дела на светите апостоли“, каде се вели дека тоа било исполнување на пророштвото на Јоил – дека Светиот Дух ќе се излее врз сите луѓе. Тоа е и остварување на зборовите на Св. Јован Крстител, кој најавил дека Христос ќе крштева со Светиот Дух и оган.

Поради ова, Духовден уште се нарекува и празник на Света Троица – бидејќи на овој ден се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со тоа, овој ден се смета за роденден на Христијанската црква.

Народни обичаи и верувања
Во македонската традиција, Духовден се смета за многу важен ден – не се работи, се оди на црква, се прават гозби и обичаи, а на места попладне се игра оро. Во некои села се практикува обредот „Скрсти“ – молитва за дожд и плодна година.

Во народното верување, се смета дека од Велигден до Духовден душите на мртвите се слободни и се движат меѓу живите, често престојувајќи на цвеќињата на дрвјата. Се верува дека на Духовден душите разговараат меѓу себе, а ако некој ставел уво на гроб можел да ги слушне како шепотат.

На Задушница се организираат трпези и се дели храна „за душа“. Се верува дека душите мора да бидат нахранети пред да се вратат во задгробниот свет. Затоа, луѓето раздаваат храна и вода, и не се јаде ништо додека не се раздаде. Ако некој не добие, душата му останува „непричестена“.

Традиционално, црквите, домовите и гробовите се украсуваат со зелени гранки и цвеќиња – симбол на обновување и духовна свежина. Оревовите гранки, пак, имаат посебна улога – според верувањата, тие привлекуваат души, а истовремено ги штитат алиштата од молци.

Локални обичаи
Во некои краишта, како селото Лески во Неврокопско, постои верување дека полето го чува змеј кој живее во пештера, па на Духовден му принесуваат курбан за да го заштити посевот од град. Ако не се изврши ритуалот, се верува дека ќе дојде несреќа.

Во тој ритуал, се коле овен на планински врв и крвта се пушта во пештерата – домот на змејот. Жените носат лепчиња и ги редат околу пештерата, а обредите се прават со чукање клепало.

Во многу места на овој ден на гробовите се оставаат бардачиња (дулиња) со вода. Тие се носат дома и се пие од нив „за душа“. Во некои краишта тие се оставаат на гробот и се дополнуваат со вода во текот на годината.

Се верува и дека оние што починале меѓу Цветници и Духовден одат директно во рајот. Во Гевгелиско, пак, се верува дека до Духовден мора да се пожнее јачменот, оти потоа доаѓаат силни ветрови што може да го уништат родот.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Македонија2 часа

(ФОТО+ВИДЕО) Сузбиена организирана криминална група инволвирана во криумчарење на мигранти, лишени од слобода шест лица

На 13.07.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, под...

Македонија9 часа

Поскапува бензинот и дизелот, ова е новата цена од полноќ!

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство...

Кичево10 часа

Планинарското друштво „Ендорфин“ од Кичево во чест на Сашо Костадиноски го организира осми меморијален планинарски марш на планината „Голјак“

Планинарското друштво „Ендорфин“ од Кичево во сеќавање на својот прерано изгубен член, планинар и другар, Сашо Костадиноски, го организира Осмиот...

Кичево10 часа

Кај кичевско Другово возач од гостиварско „летал“ со брзина од 114 км/ч, а дозволено е 50!

На 13.07.2025 во 18.05 часот на магистралниот пат Кичево-Охрид, во близина на кичевското село Другово, полициски службеници од ОВР Кичево,...

Македонија11 часа

Приведен малолетник од Куманово, сакал да запали бакарни кабли

На 13.07.2025 во 12.50 часот полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода малолетник од Куманово, затоа што во место...

Македонија11 часа

МВР викендов издаде 1711 платни налози дури 828 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописите

Во деновите од изминатиот викенд (12./13. 07.2025) во рамки на редовните сообраќајни контроли што ги извршуваат полициските службеници од сите...

Хороскоп23 часа

Хороскоп за понеделник (14 јули)

Овен Веќе некое време се чувствувате како робот кој извршува една по една задача, време е да се посветите! Дневниот...

Хроника1 ден

МВР: Детали за грозоморното убиство во Прилеп на 13-то годишно дете, неговиот татко и самоубиството на сторителот

Во врска со кривично правниот настан -Убиство и самоубиство, случен на 12.07.2025 година во Прилеп, според првичните сознанијата со кои...

Хороскоп2 дена

Хороскоп за недела (13 јули)

ОВЕН Денес, ќе добивате разни сигнали од луѓе со кои работите и пријатели, па затоа не е изненадувачки што ќе...

Кичево2 дена

(ВИДЕО) Денес во Кичево се одржа #11 мото-парада во чест на именденот на кичевската православна црква „Св.Петар и Павле“ – Вечна традиција!

Во рамки на денешниот ден во Кичево се реализира и 11-тата по ред „Мото Парада“ низ кичевските улици, во чест...

НАЈЧИТАНИ