Култура
(ФОТО) Славата на светиот Крст во преубавиот Манастир Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица

Торжествата во чест на Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов во свештената Обител на Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј во Рајчица, го достигнаа својот врв на светото литургиско собрание, предводено од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Заедно со него, во овој врховен светотаински чин сослужуваа и архимандритите, јеромонасите и јероѓаконите на Бигорската Обител, а беа придружени и од нашиот долгогодишен собрат и почитуван пријател, отец Давид Сомалис, претставник на Архиепископијата на Тијатир – Православната Црква во Обединетото Кралство, како и од дебарскиот свештеник, о. Миле Ангеловски. Утрената богослужба и евхаристиското Таинство беа украсени со молитвените и слаткогласни напеви на нашите драги гости, псалтите Јоргос Савас и Атанасиос Куѓас, како и на хорот на Бигорскиот Манастир.
Целиот овој настан, во својот духовен и таинствен тек, ја носеше во себе длабоката симболика на Крстот, кој преку молитвените и умилителни стотици „Господи помилуј“ се спушташе и се издигаше пред нашите очи, како да сакаше да нѐ повика да навлеземе во длабините на неговото спасоносно значење. Ова таинство, скриено во самиот центар на христијанската вера, го открива Крстот како симбол на жртва и смирение, но истовремено и на воскресение и победа над смртта. Беше тоа жива поука, која нѐ повикуваше првин да се симнеме во себеси, да ги согледаме нашите падови и страсти, длабоко закопани во срцето, и со скрушеност и покајание да ги исповедаме пред Бога, за да примиме очистение и мир на внатрешниот човек.
Овој пат, кој е неизбежен за секој Христијанин, не е пат само на болка и страдања, туку е пат кон вистинското воскресение – преобразба на нашата ранливост и немоќ во ново, обожено битие. Само откако ќе се смириме во своите срца пред Крстот, ќе можеме да ја разбереме и вистинската сила која тој ја носи во себе. Тоа е силата на љубовта која победи, која се разоткри на Голгота и која продолжува да обединува, да надминува секој раздор и разделба. Во светот што се распаѓа под тежината на своите страсти и оттуѓеност, Крстот се јавува како единствениот столб на вистината и љубовта, преку кој се обновуваат и утврдуваат сите што искрено пристапуваат кон него.
Затоа, вдахновиме од овие торжествени мигови, ги вознесеме своите мисли кон Крстот и се молиме да станеме преносители на неговото обединувачко дејство, сведоци на спасоносната љубов која Христос ја покажа преку Своето Распетие. Со таа сила, нашиот збор може да стане жив и дејствителен, да ја зацврсти верата кај нашите солуѓе и да ги поттикне на подвигот на вистинската, пожртвувана љубов, што во суштина е срцевината на христијанскиот живот.
А има ли посилни зборови за ова од оние изречени од устата на нашиот Старец, во неговата инспиративна и полнотаинствена беседа? Неговите зборови нѐ повикаа да не гледаме на Крстот само како на орудие на страдање, туку како на патоказ кон преобразбата и спасението. Така, преку неговите зборови и пример, сме охрабрени да го носиме и споствениот крст со вера и надеж, зашто токму таму, во смиреното и во доброволно прифаќање на Крстот, ние ја наоѓаме вистинската слобода и радост на животот во Христа. Оваа беседа нѐ потсети дека Крстот, со своето длабоко таинство, не е само знак на болката, туку и на конечната победа над секој грев и смрт. Тој останува столб на вистината и на светлината во секое време и за секоја епоха, повикувајќи нѐ секогаш да Му се поклонуваме и да го бараме Неговото моќно воздејствие, преку кое и ние, како светите маченици и исповедници, се издигнуваме во полнотата на животот што Христос ни го подари, вели соопштението на Бигорски.
Повеќе фотографии од овој Господов настан ќе најдете на официјалниот линк од Бигорскиот Манастир – ТУКА, додека во продолжение исто така проследете го чествувањето во Навечерието ден пред Крстовден – ТУКА
Култура
(ФОТО) Во с.Цер кичевско одбележани 120 години од смртта на Христо Узунов – симбол на револуционерната борба

120 години од смртта на Христо Узунов – симбол на револуционерната борба
Денес се навршуваат 120 години од смртта на Христо Узунов – еден од најзначајните македонски револуционери од крајот на XIX и почетокот на XX век. Тој останува врежан во народната меморија како симбол на пожртвуваност, храброст и бескомпромисна борба за слободата на Македонија.
Христо Узунов е роден во Охрид во 1878 година. Образованието го започнал во родниот град, а подоцна продолжил во Солунската гимназија – една од најважните институции за создавање на македонската револуционерна елита. Рано се приклучил на редовите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), каде покажал исклучителни лидерски и организациски способности.
Како војвода, Узунов дејствувал во Охридско и Преспанско, организирајќи чети и водејќи борби против османлиската власт. Тој се залагал за строго дисциплинирана и морална револуционерна структура, убеден дека само така може да се постигне вистинска слобода.
На 24 април 1905 година, опколен со својата чета во селото Цер, Христо Узунов, по долг отпор и соочен со невозможност за бегство, решава да си го одземе животот, заедно со своите соборци.
Во џебот му било најдено проштално писмо во кое изразува љубов кон татковината и вера во ослободувањето на македонскиот народ.
Неговата смрт претставува една од најтрогателните страници во историјата на македонското револуционерно движење.
Христо Узунов останува како пример за новите генерации – не само како борец со оружје, туку и како човек со високи морални и национални идеали.
На овој ден во с.Цер кичевско, се потсетуваме на неговата жртва и го оддаваме заслуженото признание за неговиот придонес во македонската борба за слобода.
Култура
(ВИДЕО) Бигорски Манастир објави видео полно воскресенска радост

По повод најрадосниот христијански празник – Велигден, Бигорскиот Манастир објави прекрасно видео кое ја доловува живата, весела и блескава атмосфера од вечерта на Воскресението Христово.
Во видеото, кое на социјалните мрежи побуди многубројни реакции исполнети со восхит и благодарност, се прикажани искрени мигови од вечерната Пасхална богослужба: пристигнувањето на Благодатниот оган, кој Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, го предава на верниот народ, првите пламнувања на огнот, свеченото извикување на вечниот поздрав „Христос Воскресе!“, како и лицата на луѓето озарени од радоста на Воскресението.
Манастирот ја пренесува вечната порака на Пасхата – дека Христовото Воскресение е победа на светлината над темнината, на животот над смртта, на радоста над стравот.
Видеото е реализирано со уметнички сензибилитет и природна топлина, пренесувајќи ја вистинската атмосфера од Воскресението – како што се доживува во Бигорски, но и во срцето на секој што верува. Сцените се монтирани со внимателна естетика, проследени со уметнички звук и текст, а секој кадар зборува повеќе од илјада зборови – за надежта, љубовта, заедништвото и светлината што победува.
Особена заслуга за видеото има продуцентот Александар Пауновски, кој е автор на снимките и монтажата. Благодарение на неговиот уметнички пристап, видеото не е само технички документ на настаните, туку живо сведоштво, полно со чувство, ритам и естетика што допира до срцето на гледачот.
Посебна атмосфера ѝ дава и музичката подлога – прекрасната изведба на тропарот „Христос Воскресе“ од Свечениот концерт на Македонската филхармонија, одржан во чест на јубилејот: „1000 години Бигорски Манастир“.
Со овој краток, но силен аудиовизуелен запис, Бигорски уште еднаш потврдува дека Воскресението не е само црковен чин, туку жив настан што ја преобразува душата и ја обединува заедницата во љубов и вера.
/Д.Б.
Култура
(ФОТО+ВИДЕО) Во Бигорскиот Манастир и оваа година величествена прослава за Воскресение Христово – Света Пасха

Во болскотот на оваа ноќ посветла од сите дни, кога сета твар замолчува пред славата на непобедливата Светлина, Свештената Бигорската Обител повторно беше озарена од нетварната убавина на Воскресението Христово. Во мигот кога насекаде се слушна победоносниот повик: „Христос Воскресе!“, целиот манастирски комплекс се претвори во сјајна Пасхална светлина, во неземна светлост која ги просветлува срцата и ги преобразува душите.
Како и секоја година, и овој пат од Светата Земја ни пристигна Светиот благодатен оган, сведоштво на непрекинатото чудо на Воскресението, пламенот на надежта кој никогаш не згаснува. Верните го примија со трепет, со солзи, со љубов што гори посилно од секој оган. Огромно множество народ се собра во древното Светилиште, така што и храмот и дворот беа исполнети до последно катче со молитвени срца, што копнееја да ја вкусат вечната Пасха.
Празничното торжество го предводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со силна пасхална радост, со љубов што се прелеваше и која срца прегрнуваше, со благодатна тишина меѓу зборовите и со громогласно сведоштво на победата што вечноста ја воспева. Околу него, целото монашко братство и сестринство и морето од верници – како една душа, како едно срце, како едно тело Христово – сè во свечена Воскресенска симфонија.
„Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари“ – одекна тропарот на победата и одѕвонуваше меѓу небесата и земјата. Ова не е обичен ден. Ова не е само спомен. Ова е реалност што ги потресува темелите на смртта и на времето. Христос воскресна и веќе ништо не е исто. Пеколот е лишен од својот плен. Стравот се растура. Смртта е победена. Слободата на децата Божји засветли во мракот.
Во мистичната ноќ на невечерниот Ден, низ планинската свежина, ангелски се разлеа химната на животот. Срцата, распнати на крстот на секојдневните борби, се спуштија во гробот на смирението и таму ја најдоа Пасхата красна – Христос, Кој воскреснува, Кој ослободува, Кој сè обновува. Како што вели Самиот: „Ете, сè ново создавам“.
Нека воскресенската радост на овој незалезен ден на Пасхата Господова вечно трепери во душите наши, нека биде почеток на живот нов, на живот победоносен, на живот вкоренет во Љубовта, Која ниту времето, ниту смртта не можеа да ја победат.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
Повеќе галерија ќе најдете на официјалниот натпис од Бигорскиот Манастир во продолжение ТУКА
-
Кичево15 часа
(ФОТО) „Атва Маркети“ во Кичево отвори нова пекара со највкусниот асортиман на бели пецива
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за сабота (26 април)
-
Кичево14 часа
ОВР Кичево во текот на вчерашниот ден со полни раце работа!
-
Кичево1 ден
На регионалниот пат Кичево-Осломеј вчера се случила сообраќајна несреќа помеѓу две пмв
-
Временска прогноза17 часа
Попоски овјави метео прогноза за 1- мај
-
Македонија1 ден
Кривична пријава против тројца полициски службеници од Полициската станица Кочани за пожарот во дискотеката Пулс
-
Хороскоп3 часа
Хороскоп за недела (27 април)
-
Скопје1 ден
Лишен од слобода мотоциклист кој удри малолетничка во Скопје