Спорт
Новак Ѓоковиќ го победи Корентин Муте во третото коло на „Ролан Гарос“

Новак Ѓоковиќ обезбеди место во третото коло на Ролан Гарос со сигурна победа против домашниот играч Корентен Муте, совладувајќи го во три сета – 6:3, 6:2, 7:6 (7:1). Иако натпреварот почна со мали осцилации, српскиот ас брзо го презеде водството и најголем дел од мечот го имаше под контрола.
Во првиот сет, иако го загуби својот сервис рано, Ѓоковиќ веднаш возврати со рибрејк и до 2:2 играта беше израмнета. Потоа тој забрза темпо, освои четири од следните пет гема и без многу проблеми го освои сетот. Неговата прецизност, стабилната одбрана и разновидноста во ударите беа пресудни во овој дел од мечот.
Во вториот сет, Ѓоковиќ уште повеќе ја зацврсти својата игра. Направи рано брејк и брзо поведе со 5:2. Иако Муте се обиде да ја задржи борбеноста, неговите бројни грешки и одличната тактика на Новак му донесоа нов сет без голема драма.
Третиот сет беше далеку понеизвесен. Французинот, охрабрен од домашната публика, заигра поангажирано и во еден момент дури дојде до предност од 4:2. Ѓоковиќ, и покрај проблемот со левото стапало кој го натера да побара медицински тајм-аут, успеа веднаш да се врати во игра со брејк без загубен поен.
До крајот на сетот се водеше голема борба. Муте имаше моменти на инспирација и ја крена публиката со неколку спектакуларни потези, но Новак остана ментално силен и стабилен во клучните моменти. Во тајбрејкот покажа зошто е еден од најголемите – играше беспрекорно и го освои со убедливи 7:1.
Со оваа победа, Ѓоковиќ уште еднаш докажа дека знае како да се справи со притисокот, дури и кога не е на 100% физички.
Следен противник ќе му биде или Шаповалов или Мишолиќ, а според сè што покажува, неговата форма оди во нагорна линија како што турнирот се одвива.
Спорт
Македонија до 21 година вчера не ја искористи шансата со играч повеќе и загуби од Италија на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година запиша нов пораз во квалификациите за Европското првенство, овојпат на домашен терен против силната Италија. По неуспехот во Полска, избраниците на селекторот Горан Станиќ во Битола минимално загубија со 0:1, иако играа со играч повеќе повеќе од едно полувреме.
Пред околу 8.000 гледачи на стадионот „Петар Милошевски“, пресуден беше голот на Лука Марианучи во 35-тата минута. Италијанецот се снајде најдобро по мешаница во шеснаесетникот и со прецизен удар ја затресе мрежата на Василев.
Влезот на Елези и Ѓоргиевски во вториот дел донесе поголема агресија во играта на младите „црвено-жолти“. Македонија притискаше преку Хамза, Николовски и Гаштаров, создаде неколку шанси и во 55. минута побара пенал по игра со рака, но судијата остана нем.
И покрај бројната предност и огромната поддршка од трибините, нашата селекција не успеа да стигне до израмнување и остана без бодови.
📌 Резултат: Македонија – Италија 0:1 (0:1)
⚽ Стрелец: Марианучи 35’
🏟 Стадион: „Петар Милошевски“ – Битола
👥 Гледачи: околу 8.000
Спорт
Англиската репрезентација со четири победи вечерва со фаворитски статус во Белград пред Србија

Српската фудбалска репрезентација вечерва ќе биде домаќин на Англија во рамките на квалификациите за Светското првенство. Атмосферата на преполниот стадион „Рајко Митиќ“ ветува спектакл, а натпреварот ќе започне во 20:45 часот.
По триумфот во Рига, „Орлите“ со висока мотивација ќе се обидат да приредат изненадување против селекцијата која важи за главен фаворит во групата. Ова е еден од најсериозните предизвици за избраниците на Драган Стојковиќ од почетокот на циклусот, а дополнителен мотив е и желбата за реванш по тесниот пораз на Европското првенство минатата година.
Србија по првите три кола собра седум бода, и победа против Англија би можела да ја донесе во борба за врвот на табелата или барем да ја зацврсти во позиција за плејоф, имајќи ја предвид конкуренцијата на Албанија, која заостанува со два бода и има натпревар помалку.
Англичаните, пак, по четири одиграни меча имаат максимален ефект и, како и Србија, сè уште немаат примено гол. Иако нивниот напад не блескаше, тоа беше доволно за четири убедливи победи, што им носи статус на апсолутни фаворити во Белград.
Сепак, српската селекција не влегува без шанси. Поддршката од преполната „Маракана“ и тимот на Стојковиќ што игра во добра форма даваат основа за оптимизам и надеж за трета последователна победа.
– „Очекувам тежок натпревар, но верувам во моите играчи. Не давам предвидувања – мечот трае 90 минути и сè е можно. Не се плашиме од Англија, тие имаат квалитет, но и ние имаме свои адути. Ќе играме напаѓачки пред нашите навивачи и ќе ја бараме победата. Драго ми е што стадионот е распродаден, тоа е најдобар доказ за поддршката кон репрезентацијата“, за јавноста изјави селекторот Стојковиќ.
Состав на Србија за дуелот со Англија:
Голмани: Ѓорѓе Петровиќ (Борнмут), Вељко Илиќ (ТСЦ), Драган Росиќ (Војводина).
Одбрана: Никола Миленковиќ (Нотингем Форест), Страхиња Павловиќ (Милан), Срѓан Бабиќ (Спартак Москва), Страхиња Ераковиќ (Зенит), Милош Вељковиќ (Црвена звезда), Немања Стојиќ (Макаби Тел Авив), Алекса Терзиќ (Костал).
Среден ред: Саша Лукиќ (Фулам), Немања Максимовиќ (Шабаб Ал Ахли), Андрија Живковиќ (ПАОК), Лазар Самарџиќ (Аталанта), Филип Костиќ (Јувентус), Вељко Бирманчевиќ (Спарта Прага), Иван Илиќ (Торино), Урош Рачиќ (Арис), Огњен Угрешиќ (Партизан).
Напад: Александар Митровиќ (Ал Хилал), Душан Влаховиќ (Јувентус), Лука Јовиќ (АЕК Атина), Никола Штулиќ (Лече).
Спорт
(ФОТО) На пауза во Кичево, полека финишира 34-то издание на мото-рели „Независност Македонија 2025“

Со учество на повеќе од 300 мотоциклисти од Македонија и странство, во изминативе три дена се одржа 34-то издание на мото-рели „Независност Македонија 2025“.
Учесници дојдоа од повеќе европски земји, а маршрутата во три дена опфати старт од скопска „Порта Македонија“, финиш исто така Скопје, со ноќевања во Дојран и Охрид.
Колоната минуваше низ градови низ целата земја, промовирајќи дружење и љубов кон моторите, додека денес беа официјални гости и во нашиот град Кичево на ланч пакет и одмор.
Оваа година беше значајно една од најдобро поминатите. Од аспект на безбедност, редари за покажување насоки на движење и се разбира помина се во најдобар ред без посериозни несакани случувања.
Исто така вреди да се напомене дека и оваа година возеше еден од најстарите возачи г-дин Орце од Скопје кој перфектно извози на свои околу 75 години, за тоа оддаваме посебен респект.
За нашиот медиум, во иднина управата очекува поддршка и се надева дека овој настан конечно ќе биде помогнат од надлежните институции, кој се организира токму 34 години.
Вечна традиција бајкери!
Мини галерија преку нашиот објектив:
-
Хороскоп2 дена
Хороскоп за вторник (9 септември)
-
Македонија1 ден
МВР со детали за тешката сообраќајка со мотоцикли на магистралниот пат Гостивар-Кичево вчера
-
Хороскоп20 часа
Хороскоп за среда (10 септември)
-
Временска прогноза1 ден
Стабилно и суво, од четврток нова промена на времето и услови за локално невреме проследено со дожд, засилен ветер и грмежи
-
Спорт1 ден
Англиската репрезентација со четири победи вечерва со фаворитски статус во Белград пред Србија
-
Македонија4 часа
(ФОТО) Полицијата на РЦ Запад уапси двајца скопјани, кај нив се најдени шприцеви со течност и дрога
-
Македонија1 ден
Од вечерва поскапуваат горивата, ова е новата цена за литар
-
Временска прогноза9 часа
Нестабилна воздушна маса од утре до понеделник носи нова дестабилизација на времето и пороен дожд