Следете не

Култура

Покана за осветување на прекрасниот храм на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, во овој крај добивме еден убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка

Објавено пред

на

Со благослов / Бигорски Манастир

Со голема чест информираме дека ќе се осветува прекрасната црква на „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, која е изградена со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство предводено од Епископот Антаниски г. Партениј и на иницијативниот одбор од с. Ростуше. Осветувањето ќе се изврши на 30 јули 2023 година, недела, со почеток во 9 ч., од страна на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Антаниски г. Партениј, со молитвено учество на дебарскиот архиерејски намесник о. Миле Ангелковски, на Бигорското монашко братство и на сестринството од Манастирот Свети Георгиј Победоносец во с. Рајчица, така што со особена радост ве покануваме да присуствувате на овој свет и значаен за нашиов крај настан, стои во интегралниот текст на Бигорски.

Според историските извори што стасале до наши дни, со сигурност се знае дека во долнореканското село Ростуше (по старо Ростуша, од Радост-душа) суштествувал велелепен храм посветен на Пресвета Богородица, уште од византиско време. За тој храм постојат веродостојни историски документи, од кои меѓу позначајните е Повелбата на Иван Кастриот, таткото на Георги Кастриот – Скендербег, кој во тоа време владеел со овие простори, упатена до манастирот Хилeндар во 1426 година. Во оваа повелба, со која таткото на христијанскиот востаник ѝ подарува имоти на оваа светогорска обител, меѓу другото, стои напишано и следново: „Го приложив селото Радостуше со Црквата на Пречистата Богородица што е во тоа село Радостуше, и со селото Требиште“. Од овој исказ може да се заклучи дека во с. Ростуше, во правата половина на XV век, сè уште суштествувала црква посветена на Пречистата Богородица.

Мошне значаен извор за историјата на с. Ростуше, но и на целата дебарска околија, се Кратките спомени на угледниот Архимандрит Кирил Рилски, родум од с. Битуше, којшто во 1916 година од црковното началство бил поставен како администратор на Дебарската епархија. Во своите мемоари тој пишува:

– „Од обиколката на епархијата видов дека селото Ростуше има голема потреба за црква. Се беше запазило живо предание помеѓу христијанското месно население дека џамијата насред селото, при којашто се наоѓаа и турските гробишта, била православна црква Успение на Пр. Богородица до пред стотина години. Помаците од ова село ја претвориле во џамија, откако го урнале старото црковно здание и на истата основа ја построиле сегашната зграда. Јас ја приспособив оваа џамија за црква и на 30 август 1918 г. ја претворив во православна црква, под старото историско име, Успение на Пр. Богородица. Во тоа с. Ростуше се наоѓал стариот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’, каде што игумен во 1019 г. бил првиот Охридскиот Блаженејши Архиепископ Јоан Дебранин (закосено од самиот автор – б.н.), пред тој да стане Охридски просветител.  Оваа древна црква во с. Ростуше била црквата на древниот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’. Околу таа древна манастирска црква се наоѓаат стари гробници ѕидани со тули. При раскопувањата околу оваа древна светиња, можат да се најдат многу драгоцени археолошки предмети за целото христијанство од првите векови на Балканскиот Полуостров.

Во 1908 г. еден помак, којшто копал основи, за да си построи куќа блиску до таа историска црква, открил една сводеста, многу умешно направена со тули гробница, во којашто се наоѓало едно цело, ни малку не распаднато човечко тело. Помакот намислил во ноќта да го фрли тоа нераспаднато човечко тело во р. Радика. Но на сон му се јавил човек, кој му кажал да не го допира, зашто тој е жив и ништо не може да му направи. Помакот се исплашил од тоа видение на сон и повторно ја соѕидал гробницата, каква што си била, како што ја нашол во земјата.“

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Интересно е да се напомене дека тоа место за кое пишува Кирил Рилски и денес се наоѓа во центарот на селото и од мештаните се нарекува Двораник, што пак, алудира на тоа дека на овој локалитет некогаш, најверојатно, се наоѓал некој дворец или кнежевски имот. Можно е храмот на Пресвета Богородица да бил дворска црква, изградена за потребите на некој висок благородник од Средниот век. Мислењето на Архимандритот Кирил Рилски дека Манастирот на Пресвета Богородица во кој се подвизувал и игуменувал Свети Јован Дебранин најверојатно се наоѓал во с. Ростуше, го дели и роднокрајниот историограф Стамат Стаматов од Дебар. Тома Смилјаниќ, пак, од с. Тресонче, пишувајќи за историјата и етнографијата на Мијаците, наведува дека манастирот Света Богородица во с. Ростуше „бил, според преданието, велик и силен. Имал конак со 360 соби, а во средината имало чешма Двораник (закосено од самиот автор – б.м.), која и денес постои. Кога поголемиот дел од Ростуша се потурчил, манастирот бил срушен…“

Слично раскажува и Апостол Христов Фрчковски, познат иконописец од Галичник, деец на Македонската револуционерна организација и извесно време околиски началник на Реканската каза. Во неговото сведоштво, запишано од просветниот деец Георги Трајчев, меѓу другото, се вели: „За селото Ростуше знаеме дека џамијата во недалечното минато била црква; кога го примиле мухамеданството, црквата ја претворија во џамија. А тоа собитие станало преди 150—200 години“.

За ростушката Црква пишувал и македонскиот етнограф и професор, галичанецот Риста Лоноски: „Постои некакво предание дека во Ростуше постоела некаква црква или манастир Успение со големи конаци од 70 одаи. Вистина е дека таков храм постоел и дека е после претворен во џамија“.

Извор: Бигорски Манастир

Извор: Бигорски Манастир

Во 30-те години на минатиот век, биле спроведени археолошки испитувања на самото место, при што било докажано дека на тоа место низ историјата постоеле неколку православни храмови. Имено, биле откриени основи на храм со ширина 10, а должина 15 метри. Всушност, биле откриени три различни градежни слоја, при што старите ѕидини се наоѓале во рамките на поновите.

– Црквата на Пресвета Богородица се наоѓала во центарот на селото, на местото од денешното спортско игралиште. Последниот храм, изграден во Кралска Југославија, бил насилно и целосно срушен во времето на фашистичката окупација на овој крај во Втората светска војна. Немајќи повеќе ниеден молитвен дом во селото, Христијаните биле принудени да изградат еден скромен храм на ритчето од северната страна на селото, кај православните гробишта. Тој привремен импровизиран објект им служеше како единствен храм сè до пред десетина години, кога, по иницијатива на нашиот Старец и Игумен г. Партениј, православните ростушани формираа Одбор за обнова на Црквата „Пресвета Богородица“. Одборот веднаш го замоли Старецот да ја прифати одговорноста за изградбата на новата црква, на што тој со радост потврдно одговори.

Така, со големите заложби и личните трудови на Епископот г. Партениј и на монашкото братство, за неколку години се издигна велелепен храм на Мајката Божја, кој денес преставува еден архитектонски бисер на селото, совршено вклопен во природата и во целокупната архитектура. Храмот е идејно обмислен од страна на владиката Партениј, во соработка со искусните црковни архитекти Владимир и Искра Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“. Изграден е од камен и од тули, во препознатливиот византиски стил опус микстум, и структурно наликува на старата црква што била на сред село, крстообразна, со голема купола на средината, со конхи од страните и со камбанарија над тремот. Во меѓувреме, храмот беше целосно живописан од зографот Славчо Петковски од Битола, браќата зографи од нашето братство и сестрите од Рајчица. Иконите, сместени во прекрасниот мермерен иконостас, се дело на зографот Владислав Коцарев од Охрид, професор по византиска уметност на Белградскиот универзитет. Храмот има и своја камбанарија во која се сместени двете камбани од старата црква, од времето на Кралска Југославија.

Ова е првиот соодветно изграден храм во с. Ростуше по рушењето на стариот и е направен според неговиот изглед.

Напоредно со изградбата на Црквата, се работеше и на облагородување на просторот околу неа, па така, по иницијатива на владиката г. Партениј, беше изградена нова прекрасна трпезарија за потребите на Храмот; беа обновени селските гробишта, се направи партерно уредување околу Црквата, со потпорни ѕидови и плато поплочено со камен и обградено со пристојна ограда, а се направи и скалест пат до центарот на селото, изѕидан од камен.

Накратко кажано, во возобновениот Храм на Пресвета Богородица, селото Ростуше, но и цела Долна Река, добија еден вистински, прекрасен украс, кој веќе ги привлекува очите и срцата на бројни минувачи во крајов, и од земјава и од странство.

Западниот дел на Македонија доби еден исклучително убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка, за доброто на сите жители.

Култура

Во петок во манастирот во Долни Дримкол за прв пат по 80 години ќе се отслужи Божествена Архиерејска Литургија, по тој повод се упатува покана до сите да го прославиме носителот на добрите вести

Објавено пред

на

bigorski.org.mk

Во исчекување на празникот на Божјиот Благовесник – Собор на Светиот Архангел Гавриил, Свештената Бигорската Обител со особена чест ве поканува заедно да го прославиме носителот на добрите и радосни вести, кој прв го објави доаѓањето на Спасителот во светот.

По тој повод, на 26 јули, петок, со почеток во 08:30 ч., во неговиот манастир во Долни Дримкол, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој особено го посакува и се залага за неговото возобновување, ќе биде отслужена Божествена Архиерејска Литургија, за прв пат по цели 80 години. Со Светата Литургија ќе чиноначалствува викарниот епископ на нашата богочувана епархија, нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.

Долнодримколскиот Манастир, меѓу народот познат и како Манастирец – според некогашното село што се наоѓало во близина, е посветен на Светиот Архангел Гавриил. Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Манастирот датира уште од ромејскиот период (пред 14. век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20. век. Последната Света Литургија во него била отслужена во пролетта 1944 година од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од с. Модрич.

  • По иницијатива и со заложби на Игуменот на Бигорскиот Манастир, Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, во периодот од 15 мај до 30 јуни оваа година, беа спроведени опсежни работни активности за отворање на пат и очистување на остатоците од Манастирот, со што се создадоа неопходни услови за служење на Божествена Литургија.

Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да му оддадеме должна чест на великиот Архистратиг Гавриил и да ја вратиме од заборав оваа негова Светиња со големо историско и духовно значење. Затоа, да се собереме во што поголем број и заедно да го испросиме благословот на нашиот небесен добротвор, пренесуваат од Бигорскиот Манастир.

За сите кои ќе одат за прв пат, кликнете ТУКА за да добиете насоки преку „Google Maps“ апликацијата.

Прочитај повеќе...

Култура

Документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“ доби престижна награда

Објавено пред

на

Bigorski.org.mk

Со особена радост и благодарност кон Дародавецот Бог ве известуваме дека документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија на нашиот драг пријател и соработник г. Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија.

„Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра. Овој плодороден композитор се има потпишано на особено префинета филмска и театарска музика во светот, промовирајќи ја на тој начин македонската продукција“ – рече Каров во своето обраќање откако ја прими наградата во Асперн.

Интернационалниот филмски фестивал „History“ се одвиваше во замокот Шлус Аспарн – Заја, во една топла, спонтана и креативна атмосфера. Поради обемноста на фестивалот, истовремено на три локации низ замокот се проектираа филмови, селектирани според соодветната историска епоха. Документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“ беше емитуван во една соодветна, автентична атмосфера – поконкретно, во објект кој ја сочинува постојаната поставка во дворот на Замокот. Навистина уникатно чувство, кое беше збогатено и со присуството на членови од „средновековната група Скомраси“. Всушност, станува збор за ансамбл, кој преку разни настани и интеракциски пристапи ја негува средновековната средноевропска култура во нејзиното најавтентично издание.

Пред проекцијата на филмот, како претставник од нашата монашка заедница, со благослов на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, пред присутните се обрати сестра Ефимија од Рајчица. Во својот говор, таа меѓу другото рече:

„Монашката заедница од којашто доаѓам е раководена од Убавината, рефлектирана од еден голем и прекрасен човек  во чиешто време се прослави илјадалетието на нашиот манастир. Тој човек е нашиот Старец, игуменот на Бигорскиот манастир,  епископот Антаниски, г. Партениј. Тој пишува една прогресивна историја, која рефлектира една синхронизирана врска со човештвото, каква што досега не е видена.

Во филмот сите ние зборуваме за една личност која е неверојатна инспирација. Тоа е личноста која пред 30 години реши да остави сѐ зад себе, да се одрече од себеси и сѐ материјално што поседуваше, за да биде смирен слуга на сите. Би сакала да кажам, заедно со сведоштвата на илјадници луѓе до ден денес, дека владиката Партениј револуционерно воспостави хармонија со човекот. Една деликатна и прекрасна атмосфера на коегзистирање која го промени животот на многумина. Тоа е длабока изјава која звучи неверојатно, но сепак е реалистична кога се работи за човек кој е епитом на љубовта и на меѓучовечката хармонија. Тој е препознаен како човек со сострадално татковско срце, кој храбро патува низ темните лавиринти на човечката душа за низ траорните нејзини ходници да го пронајде патот преку кој ги изведува сите, но особено оние што очајнички тонат фрлени на дното – небаре непотребни – оние отсечените не само од општеството, туку и од своите семејства“.

„Ова е првиот македонски филм, кој не извезува очај и беда од југот на Европа; напротив, 1000 години Сведок на Светлината, го отсликува македонскиот феникс синдром во милениумски континуитет. Голема чест е да се биде современик на реткиот цвет што процутува на секои илјада години во Бигорската градина на светиот Јован. Да се биде еден, макар толку минорен дел од неговата хуманитарна и интеркултурна мисија, навистина причинува големо задоволство. Затоа, гледајте го филмот и ќе ви стане јасно“, напиша Каров во својата објава за проекцијата.

За 1000 години – Сведок на Светлината говореше и директорот на Фестивалот, г. Роман Шет. Во својата изјава тој потенцираше: „Овој филм има прекрасна атмосфера. Јасно се насетува желбата на авторот да го портретира животот на илјадагодишниот Манастир и природата што го опкружува во најавтентичен контекст. Музиката е фантастична и го засилува доживувањето додека го гледате филмот“.

Посебен осврт за нашиот документарен филм даде и членот на жири комисијата на Филмскиот фестивал, г. Ерик Кохлбауер: „1000 години – Сведок на Светлината е токму она синеастично документарно искуство какво што очекуваме да гледаме на нашиот фестивал. Дозволувајќи ни да нурнеме во времето на основањето на Mанастирот и неговиот културно различен македонски регион, преку разиграни сцени, интервјуа од различна гледна точка, уникатна музика и кадри од природата, ние бевме вовлечени во филмот уште на самиот почеток.

Единствената критика ми е што филмот е визуелно толку силен, што јас бев спречен да го гледам непрекинато, па на неколку пати морав да го стопирам и да го враќам назад, за да го препрочитам преводот, зашто се губев во прекрасното осветлување и фотографија, воопшто. Гласовно дублирана верзија на англиски јазик би ја превенирала оваа појава и би ни дозволила полесно да ги восприемаме густите информации и духовната порака полесно“.

Нашето монашко братство, предводено од Старецот Епископ г. Партениј, срдечно им честита и им благодари на режисерот г. Илија Ико Каров, на композиторот г. Горан Трајковски и на сите учесници во продукцијата на филмот кои трудољубиво и пожртвувано работеа неколку години за негово остварување, со што направија една беспрекорна филмска документација на нашата милениумска Света Обител, се вели во соопштението на Бигорски, кое ви го пренесуваме во целост, додека од нашата редакција упатуваме честитки за успесите!

Прочитај повеќе...

Култура

Денес е големиот празник „Петровден“, утре „Павловден“ – ова се народните верувања за празниците, за многу години!

Објавено пред

на

Денеска е Петровден, а утре Павловден, со кој се поврзани многу обичаи. Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.

Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат китки кои се направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.

Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијанитем врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.

На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.

На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните.

Обичај е да се меси колач со јаболки.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.

Галичник

Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Хороскоп4 часа

Хороскоп за сабота (27 јули)

ОВЕН Оние од вас кои планираат пократко патување денес можеби ќе бидат задоволни, особено ако се работи за семејна посета....

Балкан7 часа

Во Србија граѓаните ќе предложуваат локации за „радар“ за зголемена сообраќајна контрола

Управата за сообраќајна полиција на МВР на Србија, по повод меѓународната акција за зголемена сообраќајна контрола насочена кон откривање и...

Хороскоп1 ден

Хороскоп за петок (26 јули)

ОВЕН Ве очекува подобрување на полето на заработка. Може да се надевате на пресврти на ова поле. Можна е прилика...

Технологија1 ден

Apple би можел да примени технологија која му овозможува на „iPhone“ внатрешна меморија од 2TB?

Тајванската компанија за истражување на пазарот TrendForce оваа недела изјави дека очекува Apple да започне со производство на iPhone-и кои...

Македонија1 ден

МВР истакна важно соопштение по повод чествување на 2-ри август во Крушево

Министерството за внатрешни работи по повод прославата на државниот празник 2-ри Август, кој традиционално се одбележува во Крушево ги известува...

Спорт2 дена

Закажано извлекувањето на паровите за новата сезона 24/25 од првата македонска фудбалска лига

ФФМ предмалку ја информираше јавноста дека, Комисијата за натпреварување во понеделник, на 29-ти јули, во просториите на „Куќата на фудбалот”,...

Временска прогноза2 дена

Денес и утре посвежо особено на утро, еве какво време ни претстои

Денес и утре (петок) посвежо, особено наутро, повремено со засилен ветер од северен правец (до околу 60 км/час) Следува постепена...

Хороскоп2 дена

Хороскоп за четврток (25 јули)

ОВЕН Некој на работа врши притисок врз вас и приморани сте некои работи да ги завршите побрзо отколку што очекувавте....

Кичево2 дена

„ГАП Осигурување“ за вашите потреби сега со нова филијала во Кичево

Осигурителното Брокерско Друштво ГАП Осигурување, официјално започна со работа во јануари 2024 година. Акционерите, воедно и визионери кои своето долгогодишно...

Спорт2 дена

Вранештица: Утре продолжуваат натпреварите на турнирот во мал фудбал, ајде на вкусна скара и пијалок, во прилог официјален распоред на мечеви сѐ до недела!

После неколку денови заслужена пауза, турнирот во мал фудбал во с.Вранештица продолжува. Во рамките на утрешниот ден четврток / 25.07...

НАЈЧИТАНИ