Култура
В сабота во Манастирот Св. Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица ќе пристигне икона на Светиот Георгиј Победоносец, покана до сите верници да присуствуваат на духовното славје
Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ја пренесеме информацијата за претстојното духовно торжество во Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, во навечерието на Втората недела од Чесниот и Велик Пост. Имено, на манастирската слава во спомен на Светиот отец наш Григориј Палама, во сабота, на 30 март, во 16 ч., во Манастирот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава. Иконата претходно ќе биде осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Рајчичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.
И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.
Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 ч.) и Божествена Архиерејска Литургија.
Ве покануваме со раширени срца и радосни души да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава.
Кратка историја на молдавската икона на Свети Георгиј

Молдавскиот Воевода Стефан Велики
Чесната и чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец што се чува во манастирот Зограф на Света Гора е наречена Молдавска, затоа што е подарена од славниот молдавски кнез Стефан Воевода Велики (управувал 1457-1504) во 1484 година. Всушност, овој исклучително побожен молдавски Воевода, кој штедро ги дарувал и поткрепувал православните светињи кои во тоа време се наоѓале под османлиското иго, станал возобновител и нов ктитор и на Зографската Обител. Тоа се случило по чудесната помош од Свети Георгиј на војводата Стефан, во една одбранбена битка против османлиската војска. Имено, еднаш неговиот град бил нападнат од Османлиите коишто биле далеку побројни од неговите војници. Тој ја распоредил својата војска по ѕидините на градот, за да ги одбиваат нападите колку што можат и во меѓувреме постојано му се молел на големиот заштитник и спомагател на христијанскиот род, Светиот славен и сефален Великомаченик Георгиј Победоносец пред неговата чудотворна икона.
Една вечер додека Војводата со цврста вера и смирено настроение усрдно се молел, му се јавил самиот Светија и му рекол да не стравува и да не се повлекува, бидејќи, како што во многу битки дотогаш во кои учествувал со помала војска, со Божја помош, издвојувал големи победи, така ќе биде и сега. По ова видение војводата Стефан се охрабрил и излегол против нехристијанскиот непријател, носејќи ја напред иконата на Светителот, и со негова помош однел блескава победа над Османлиите. Кога потоа кај него дошле пратеници од спротивниот табор за да му оддадат чест и да молат за мир, му посведочиле дека за време на битката, во редовите на неговата војска имало некој многу храбар и страшен војник со копје и меч, качен на бел коњ и, всушност, тој им нанел страшен пораз, принудувајќи ги да бегаат. Воеводата Стефан зачудено рекол дека таков војник немало во неговата војска. Но кога дојденците ја забележале кај него иконата од Св. Георгиј, ужаснати и уплашени му посведочиле дека токму тој коњаник им го нанел лутиот пораз. Оттогаш војводата уште повеќе го засакал светиот Христов воин, кој бил негов личен патрон и секогаш усрдно му се молел. Наскоро потоа, Победоносецот повторно му се јавил на својот верен слуга и го благословил да го обнови неговиот опустошен манастир Зограф на Светата Гора Атонска, во знак на благодарност за укажаната му помош и таму да ја однесе неговата икона, за поткрепа на монашката заедница.

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора
Инаку, иконата пред тоа била подарена од ромејскиот император Јован Палеолог на молдавскиот воевода Александар Добриот (управувал од1400-1432). Украсната сребрената риза, пак, на иконата е правена по иницијатива и заложби на многозаслужниот зографски Архимандрит Анатолиј, родум од Могорче, израснат во Лазарополе и замонашен во Бигорски, за време на неговото престојување во Русија до 1838 година. Во натписот врз сребрената кошула се вели дека образот на оваа чудотворна икона „му се јавил во 1484 година на Великиот Стефан Воевода Молдавски, којшто по тоа видение ја возобнови оваа Света Зографска Обител“. Подоцна, кога иконата потемнала од старост, била наново прецртана на старото дрво.
Новоизработената икона со чудотворниот лик на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од молдавската икона, на неговиот прочуен Манастир во Рајчица му ја подарува благочестивиот господин Ратко Капушевски, со мајка си Билјана, сопругата Даница, сестрата Бјанка и внукот Итан. Истата беше нацртана во Грција од зографот г. Николај Кангарас од Фтиотида, сребрениот опков беше изработен од мајсторот г. Леондарис Зидрос од Јанина, а дрвената рамка и кивот од г. Христос Муртидис од Солун. Иконата ќе биде осветена и благословена во двата Светогорски манастири Ксенофонт и Зограф, кои се посветени на Светиот Георгиј.
Се молиме славниот Победоносец штедро да ги вознагради дарителите, а својот манастир и иконата во Рајчица да ги сочува здрави и неповредени до крајот на вековите, сѐ до Второто Христово Пришествие, пазејќи го со своето моќно застапништво христијанскиот род во целиот овој крај. Амин!
Култура
Денес започнува Божиќниот пост кој трае 40 дена и завршува на денот кога се слави Христовото раѓање, Лесни и богоугодни пости!
Денес започнува Божиќниот пост, кој трае 40 дена и завршува на 7 јануари денот кога се слави Христовото раѓање. Овој пост претставува еден од најзначајните и подолги пости во православието. Неговото значење не се ограничува само на воздржување од мрсна храна, туку опфаќа и напуштање на лошите мисли, постапки и навики, како и поттикнување на милосрдието, скромноста и искреното покајание.
Црквата истакнува дека постот е воспоставен како подготовка на верниците преку очистување и покајание пред Христовото раѓање, како и преку молитва и примање на светата причест.
Иако се смета за поблаг од Велигденскиот пост, Божиќниот пост содржи денови со построги правила пост на вода, денови кога е дозволено масло, како и одредени денови кога е дозволена риба.
Во прилог ТУКА Ви го претставуваме прекрасниот натпис на Билјана Андоновска, писател и поет.
Култура
Денес се празнува Св.Архангел Михаил, домаќини нека Ви е на помош празникот на војводата на сите ангели!
Архангел Михаил, кого народот го нарекува и „војводата на сите ангели“, се слави како еден од најголемите небесни заштитници. Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), денес е 6 септември – ден посветен на споменот на чудата што се случиле во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна била изградена и црква во негова чест.
Главниот празник на свети архангел Михаил, пак, е Собор на свети архангел Михаил, кој се слави на 8 ноември по стариот (или 21 ноември по новиот) календар. Овој ден е еден од поголемите есенски празници што нашиот народ традиционално ги одбележува со домашни служби. Кај луѓето е познат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден, а празникот е востановен во чест на сите ангели, особено на нивниот водач – светиот архангел Михаил.
На овој ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други.
Ангелите и улогата на Архангел Михаил
Според црковното предание, пред создавањето на видливиот свет, Бог го создадил духовниот свет – ангелите. Тие се невидливи духовни битија и затоа на фреските се претставени во човечка форма, со крилја како симбол дека се Божји весници. Нивното бело облекување означува чистота и невиност.
Архангел Михаил е единствениот ангел прикажан во војводска облека, со меч и копје. Причината се крие во неговата улога во борбата против паднатите ангели. Кога дел од ангелите, предводени од Деница, се одметнале од Бога, архангел Михаил застанал во одбрана на Божјата правда, ги собрал верните ангели и го победил предводникот на злото, симнувајќи го од небесата.
Во знак на верност кон Бога, архангел Михаил и сите ангели ја воспеале Света Троица со песната:
„Свет, Свет, Свет е Господ Саваот“.
Во спомен на овој небесен собир е востановен празникот Собор на свети архангел Михаил, со кој црквата им оддава чест на сите ангели.
Зошто празникот се слави токму во ноември?
Според старите сметања, годината започнувала во март, а ноември бил деветтиот месец. Деветката симболично ги претставува деветте ангелски чинови. Осмиот ден од месецот (8 ноември) пак се зема како симболичен знак за „осмиот ден“ – времето по Страшниот суд, кога Христос ќе дојде да им суди на живите и мртвите.
Култура
(ФОТО) Празничната убавина во чест на Христовиот војвода во славниот манастир на свети Георгиј во Рајчица
Денес во славниот манастир на свети Георгиј во Рајчица, каде што, во храмот на Победоносецот беше отслужена серадосна Божествена Евхаристија. На светата Литургија чиноначалствуваше почитуваниот митрополит г. Кирил, во сослужение со нашиот возљубен Старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, и со браќата свештенослужители: архимандрит Макариј, јеромонах Еразмо и јероѓаконите Порфириј и Силуан.
Повеќе ќе најдете на официјалниот натпис од Бигорскиот Манастир – ТУКА
-
Кичево1 ден(ФОТО) Вчера во Кичево во преполна сала и одличен амбиент се одржа првиот хуманитарен концерт на „Македонски Завет“ и „Патриотско Друштво“
-
Кичево13 часаПредмалку се случила тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат кај с. Трапчин Дол кичевско
-
Хороскоп2 денаХороскоп за недела (30 ноември)
-
Хороскоп24 часаМесечен Хороскоп (декември 2025)
-
Здравје и убавина1 денШто значи топла или превриена вода за човечкиот организам, еве неколку здравствени проблеми кои топлата вода може да ги реши
-
Здравје и убавина1 денПробајте врз утринското кафе да му додадете парче чоколадо
-
Кичево4 часаКК „Баскет Кичево“ започнува со тренинзи по термини во спортска сала, стани и ти дел од вистинска спортска приказна со искусни тренери
-
Македонија1 денКај „Романовце“ лишен од слобода криумчар, пронајдени седум илегални мигранти од Египет
