Нови 127 случаи позитивни на коронавирусот вчера беа регистрирани од направени 904 тестирања. Во претходното деноноќие беа регистрирани и осум починати, а оздравени 83 пациенти.
Од осумте починати, пет пациенти се од Скопје, еден од Тетово, еден од Струга и еден пациент од Кичево. Меѓу починатите се и две лица на возраст од 34 и 45 години. Тие починале во ГОБ „8 Септември“. Во истата болница починале уште три лица на 78 и 87 години, а кај 62 годишен пациент, вирусот е потврден постмортем. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти на возраст 70 и 93 години. Во Клиничката болница Тетово почина пациент на 78 години.
Од новорегистрираните 127 случаи на Ковид-19 во Скопје се 57, Куманово-4, Штип-13, Тетово-6, Струга-10, Охрид-7, Кавадарци-1, Гостивар-8, Пробиштип-2, Демир Хисар-1, Кратово-2, Свети Николе-12, Кичево-4.
Институтот за јавно здравје регистрира и 83 оздравени лица и тоа од Скопје-35, Штип-8, Тетово-33, Велес-1, Гостивар-5, Пехчево-1.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9153, бројката на оздравени пациенти е 4810, на починати е 422, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3921. Во моментов дистрибуцијата по градови е следна: во Скопје вкупно заразени 4271, активни 1885, потоа Куманово вкупно 908, активни 240; Дебар 173, активни 111; Штип 582, активни 277; Прилеп 311, активни 62; Тетово 944, активни 297; Струга 361, активни 179; Охрид 238, активни 123; Гостивар 294, активни 193; Свети Николе 197, активни 182 и други.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 94 пациенти. На кислородна поддршка се 44 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 16 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, шест деца позитивни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 94 пациенти. На респираторна машина се тројца пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 35, а во болницата во Штип се хоспитализирани 52-ца пациента. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 128 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Од активните случаи во скопските општини најмногу има во Чаир – 280, Гази Баба – 195, Аеродром – 167, во Центар и Карпош по 153, Бутел – 132, Кисела Вода – 124, Ѓорче Петров – 113, Сарај – 108, Студеничани – 105, Шуто Оризари – 97, Арачиново – 30, Илинден и Петровец по 20, Чучер Сандево – 12, Сопиште – 18, Зелениково-12, Странец – 7, Нераспределен-139.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера побара од надлежните институции – МВР и инспекторатите да спроведат истраги и да ги санкционираат забавите во повеќе градови за кои се објавени фотографии на социјалните мрежи, а кои се во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.
– Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, рече вчера Филипче.
Тој посочи дека ние сме една од ретките земји која целиот овој изминат период има протоколи за функционирање на компании, бизниси, угостителски објекти, хотели, плажи, базени.
– Тие протоколи се темелат на јасни епидемиолошки принципи. Задолжителното носење маски, одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто ние ќе излеземе од оваа здравствена криза. Доколку се придржуваме до превентивните мерки бројот на заболени ќе се намалува, рече Филипче.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за МИА вчера изјави дека по петочната контрола на Клубот „Аватар“ во Струмица, денеска ќе биде поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.
Инаку, освен во Струмица инспекторите чешлале и други објекти во неколку други градови во државата.
Во текот на претходното деноноќие по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 296 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.
Во Крушево, во пресрет на празникот Илинден чекаат Комисијата за заразни болести да каже како ќе се прославува и како ќе се одвива манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.
Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, кој е и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, големиот Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослават достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата. Само се знае дека програмата на манифестацијата ќе биде скратена, но за сè друго, треба да даде препораки Комисијата за заразни болести.