Култура
Денес е Духовден, празник на Светиот дух

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од 12-те големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци. Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“.Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.
Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.
По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.
Овој настан во Светото писмо поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ вака е опишан: „Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени и застанаа по еден над секого од нив. И се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. (…) Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други потсмевајќи се велеа: „Се напиле со слатко вино“. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци, и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: И ете во последните дни, рече Бог ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои ќе излејам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв и оган и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.” (Дела 2/1-21)
Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи им ги зборувал: „Јас ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Матеј 3/11) Ако во Стариот завет Светиот Дух бил испраќан врз одбрани личности, пророци, во Новиот завет тој според пророкот Јоил требало да биде излеан врз целиот народ. „И ете по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот…“ (Јоил, 2/28)
Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.
Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти со кој се моли за дожд и родна година.<
Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.
А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. А кога ќе дојдел овој празник, како што запишал М. Цепенков, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е. Спространов запишал дека на овој ден затоа што тогаш се затвора рајот мртвите ги мамеле со ореова гранка. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.
На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат. Тие меѓу себе се прашувале: „Ти се причести?“ – „Не се причестив!“ А не се причестувале зашто некој од роднините јадел пред да раздаде. Во тие случаи додека другите се гоштевале на софри, овие за кои немало раздадено седеле на страна „умилн’ти“.
Во минатото христијаните на овој ден ги кителе црквите и гробовите, но и куќите со цвеќе и зелени гранки. Со обновувањето на природата во овој период од годината тие симболично гледале и обновување на својата сила што било резултат на примањето на Светиот Дух.
Интересен обред со давање курбан на Светиот Дух е забележан во селото Лески, Неврокопско. Тамо, имено, се верувало дека полето го чува еден змев кој живеел во некоја пештера во планината. На празникот изведувале многу обичаи за да му угодат на Светиот Дух но и на змевот за да го чува полето од градобијни облаци. Помнам, рекол еден старец, дека една година и ние не излеговме и не неправивме курбан, ама таа година се ни исчука градот, и уште малку беше тоа ами кога се зададе од кај врвот една самовила, искрши и од корен откорна до што имаше дрво нишанлија во синорот… За нас денеска и од Велигден е потешко!
На врвот од планината се колел овен и крвта му истекувала во пештерата во која како што кажувале дека доаѓал змејот. Во таа пештера ги фрлале и роговите и другите остатоци ако јаделе таму. Ако времето било ветровито овенот го колеле на врвот, но потоа слегувале до некое место пониско и во завет го готвеле јадењето и го јаделе, но ајазмото (водосветот) и адетите ги правеле на врвот. Со чукање на железно клепало, народот се повикувал да оди кон врвот зашто црковната служба веќе била завршена. Селаните облечени во празнична носија тргнувале кон врвот. Таму жените ги ределе околу пештерата своите колаци (лебови). На една мала плоча во близина на пештерата ставале сад со вода и започнувал водосветот. По водосветот и прскањето со водата старите жени се фаќале на оро околу пештерата пеејќи ја следнава песна:
Јој ти милинки Свјати Дух,
Като грмнеш и треснеш,
Сичка са гора путриса:
И м’жку детја фаф мајќа,
И руду јагња пуд овца,
И љута змија в’гармада.
О слушај нашта мулитва,
Мирен д’ш прати пу нива,
Пу ниви и пу љуваде.
Чувај градини и лозја
От град, градушка и вјатр,
Та ша ти курбан дунисем,
И ша ти молба принесем
И ду година с’с здравја.
Орото со оваа песна се водело со такт: се тргнувало со десната нога напред и потоа се додавала и левата. Бабата ороводка се вртела кон исток, давала знак, и сите со молчење се отпуштале и молитвејќи три пати се прекрстувале. Во тој момент се молеле и се крстеле и мажите иако не играле на оро. По извршувањето на овој обред старите мажи и жени поседнувале и по раздавањето на колаците почнувале да пијат ракија, а младите и машки и женски почнувале оро под звуците на гајдата и дајрето.
Тој таканаречен врв, вели авторот на овој напис, претставува еден конус. На самиот врв на тој конус има пештера свртена малку кон запад. Таа повеќе личи на дупка отколку на пештера. Во таа пештера биле нафрлани роговите и крвта на курбаните. Општиот курбан бил еден овен, но некои си принесувале и свои курбани што можеле да бидат овци или јагниња. Кога курбаните биле сварени епитропот со чукање во железното клепало, кое за тоа го носел на врвот, ги повикувал присутните на молитва и ручек. При тоа клепање сите се собрале околу пештерата. Свештеникот кревал леб и присутните поседнале на трпезата за ручек. Неколкумина првенци со свештеникот и учителот седнале на посебна трпеза на које биле почестени и гостите. Се точело мелничко вино донесено во мевови. Кога се завршило јадењето свештеникот благословил по што остатоците се собрале и се фрлиле во пештерата. По ручекот продолжила веселбата со ора и музика додека не дошло време за враќање. Ноќта се вратиле со селото, каде што изиграле уште едно оро иако било темница. Потоа сите меѓусебно си благословувале за празникот и неговото дочекување идната година и се разотишле по своите домови. Така се празнуваше старовремскиот празник во селото Лески, вели запишувачот на овој обичај А. Иванов, учител во село Караќој. Очигледно се работи за стари обичаи и верувања, за претхристијански митолошки претстави, помешани со понови слоеви на народната култура.
Кај нас до денес е задржан обичајот на овој ден на гробовите да се носат дулиња (бардачиња). Во некои краишта тие се оставаат на гробовите и во текот на годината кога се оди на гробот се дополнуваат со вода, а во други места се раздаваат најчесто на поблиски роднини и пријатели, се носат дома и од нив се пие вода за душа од умрените и за споменување на нивните имиња. Има и други верувања поврзани со овој ден. Така на пр. се верува дека ако човек умрел од Цветници (Лазара) до Духовден одел право во рајот. Во некои краишта (Гевгелиско) брзале до Духовден да го дожнијат јачменот зашто потоа дувале силни ветрови и го уривале родот.
Култура
(ФОТО) Во кичевското ЦОУ „Христо Узунов“ реализирана работилница со дечиња под наслов „Позитивна комуникација“

Овој месец стручната служба во ЦОУ „Христо Узунов“ во кичевското с.Другово со учениците од VII одделение заедно со вработените во установата, психологот Јасмина Дејаноска и дефектологот Цвете Наќеска ја реализираа работилницата под наслов „Позитивна комуникација“ – Самоосознавање и спознавање на другите, a во рамки на проектот: Зачувување на нашето Ментално здравје.
– Психолошката поддршка е многу важна во секој период од нашиот живот, доколку наидеме на некакви проблеми. Затоа превенцијата е еден од клучните моменти да спречиме одредено расплинување на одредена проблематика.
Проектот Ментално здравје преку реализација на работилниците ни нуди можност на учениците да им укажеме како да се справуваат на училиште и општо во секојдневниот живот со различните ситуации, за јавноста истакнаа од училиштето.
Култура
Денес е „Младенци“, честит именден и честит брак на тие што стапиле и се нови брачни парови

Празникот на пролетта – 22 март, поради големата трагедија во Кочани, тој во нашата држава е во денови на жалост, додека младите брачни парови години наназад го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. На овој ден, Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте вojници од Севастија кои мaaчeничkи зaгинaлa за христовата вера.
Именден тогаш празнуваат: Младен, Младенка…
Христијански обичај е во првата година од својот брак на 22 март младите да слават Младенци. На тој ден, во црква се носат свеќите од венчавката за да се дoгopaт.
Навечер обично доаѓаат најблиските за да честитаат. Во некои краишта на денешен ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче.
Житијата за Светите четириесет мaчeници како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте вojници од Севастија мaчeничkи зaгинaлe не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се пokлонат пред римските идoли и да им принесат жpтви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонcтвoтo, а кога тоа го одбиле биле затвopени, мaчeни и изведени пред cyд. Биле ocyдени цела ноќ да стојат во вода што cмpзнyва. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале стpaдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што cмрзнyвала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на вojниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измpзнaтите вojници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги зaпaлилe.
Честит именден и за многу години да е, честит брак и на тие што стапиле и се нови брачни парови!
Култура
Чистиот Понеделник – почеток на „Четириесетдневната пролет“ на покајанието

Влеговме во светата и блажена Велика Четириесетница, во ова духовно патување што ни е дадено како лек за нашата душа, како можност за обновување, како враќање кон светлината Божествена. Бигорската Обител денеска е озарена од мистичната атмосфера на Чистиот Понеделник, денот кога зачекоруваме на патот на очистувањето, на покајанието, на преобразувањето во Христовата милост.
Во ова прво пустинско деноноќие, кога срцето веќе ја вкусува сладоста на подвижничкиот подвиг, во Манастирот тивко се разлева звукот на долгочасовните богослужби, кои како поток на благодатта течат во душите на оние што пристапуваат кон постот со ревност и со љубов. Гласовите на браќата се издигнуваат во псалмопеења, во пророчки читања, во светоотечки посланија; сè сведочи за светата тајна на покајанието, кое не е ништо друго, туку враќање во домот на Отецот небесен.
„Дојдете луѓе, дарот на постот денес да го примиме, како од Бога дарувано време за покајание, и во него Спасителот да Го смилостивиме“.
Особено трогателен е Великиот Покаен Канон на Свети Андреј Критски – таа молитвена исповед, што го наведува срцето на самопрегледување, на покајнички плач, на длабока внатрешна потресеност. Нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, ги читаше неговите чудесно вдахновени стихови со посебно умиление, со глас полн со сериозност и љубов, со глас што го повикува секој присутен да се соочи со својата душа, да се сретне со себе самиот, да ги согледа сопствените слабости, но и да положи надеж во бездната на милосрдието Божјо.
„Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува и ќе се смутиш. Разбуди се, за да се смилува Христос Бог, Кој е насекаде и сè исполнува“.
Во овој ден на исихија и молитва, во квечерината што го покрива светот, од светите сводови на Манастирот се издигнаа и првите песнопенија на Великото Повечерие.
„Со нас е Бог! Разберете, народи, и покорете се, зашто со нас е Бог!“
Чистиот Понеделник е дар. Тој е почеток на патувањето кон Пасхата, кон Воскресението. Не како некоја надворешна дисциплина, не како обична жртва, туку како откровение за тоа кои сме, каде сме и каде треба да одиме. Затоа, овој пост да не биде само воздржување од храна, туку отворање на срцето за дејствително покајание, за прошка, за добрина, за љубов.
„Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа, а вистински пост е: бегање од злото, воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите, на озборувањето, на лагата, на прекршување на дадено ветување. Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен“.
„На покајанието отвори ми двери, Жизнодавче, зашто утренува духот мој кон светиот храм Твој, храмот носејќи го телесен сиот осквернавен; но, како сожалив очисти ме, според благоутробната Ти милост!“ – повикува душата. А Бог, со неискажлива милост, ни ги отвора тие двери. Нè чека. Нè повикува. Да не Го оставаме да чека, истакна Бигорскиот Манастир, повеќе фотографии прегледајте на официјалниот линк ТУКА
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за понеделник (31 март)
-
Спорт6 часа
ФФМ упати експресно соопштение во врска со нечовечкото однесување на навивачите на ФК Шкендија
-
Спорт1 ден
ФФМ веднаш упати соопштение во врска со прогласот на ФК Пелистер за судењето на мечот против Вардар
-
Временска прогноза14 часа
Повторно доаѓа нова тура на обилни врнежи од дожд и невреме над Македонија
-
Хороскоп1 час
Месечен Хороскоп (април)
-
Lifestyle2 дена
Како да заштедите на сметките за вода: 7 едноставни совети од експерти
-
Автомобили2 дена
Калифорнија има повеќе полначи за електрични возила отколку бензински пумпи, но брзото полнење останува предизвик
-
Магазин2 дена
Кремасто рижото со печурки – совршен избор за ручек