Новина е тоа што годинава првпат ќе пливаме на новата, пократка патека, на 25 км, во непосредна близина на брегот, ќе видиме како ќе изгледа сето тоа – вели најдобриот македонски маратонец Евгениј Поп Ацев, победникот од 2015-та и второпласиран лани, пред денешниот 32. Охридски пливачки маратон, чиј почеток е закажан за 12 часот, од Свети Наум на новата патека, која ќе го задржи старото име „Климе Савин“.
На годинашниот Охридски маратон, покрај Поп Ацев, Македонија ќе ја претставува и Александар Илиевски. Пријавени се вкупно 30 пливачи (петтемина најдобри од лани), од кои 20 во машка и 10 во женска конкуренција, од 10 земји. На женската трка повторно ќе настапат двете првопласирани од лани, Италијанките Барбара Поцобон и Алис Франко.
Наградниот фонд на маратонот, кој ќе стане дел од светската и европската елита, а не како досега во ФИНА гранпри-трките за маратони над 30 км, ќе изнесува 15.000 долари.
Најмногу победи во Охрид има забележано Бугаринот Петар Стојчев (11), кој ќе биде стартер на денешната трка. По една победа на маратонот имаат забележано и Македонците Евгениј Поп Ацев во 2015-та и Томи Стефановски во 2016-та.