Македонија
Бог се јави! За многу години Водици

Денеска е Богојавление (Водици).
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Грците овој празник го нарекуваат Богојавленија множината укажува дека во себе ги собира сите богојавленија од почетокот на светот и векот; а за време на крштевањето на Исус Христос Бог јасно и конечно се пројави како Света Троица, Отец, Син и Дух Свети. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.
Богојавление – Водици, 19/6.I.
Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…
Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Значи, празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)
Овој настан се нарекува Боголавление (Епифанија – јавување). Во почетокот на празнувањето на Богојавление, во овој празник биле слеани повеќе спомени, меѓу кои и Раѓањето Христово. „Во четвртиот век празниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на Сонцето, а христијаните го празнуваат Сонцето на правдата.“
Крштевање значи потопување. И гусарите кога планирале да потопат некој брод велеле ќе го крстиме. И крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“
Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денес на денот Богојавление се извршува осветување на водите „Така по осветувањето водата престанува да биде вода на падот и станува вода на обновување, бидејќи се соединува со несоздадената благодат Божја“.
Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот, точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава.“ И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа.“
Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се направи откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19/6. јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20./7 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пеана (светена) вода. Истиов обичај го забележала и Вера Кличкова и смета дека поради овие обичаи првиот ден се вика Машки, а вториот Женски Водици. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат компании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос значи тој го има кумството. Во песната од Западна Македонија „Или тотнет ил се земја тресет“ објавена во зборниците на Јастребов и Икономов во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:
Свети Петар клучи од рајове,
Светʼ Илија – силни секавици,
Свети Јован – кумство, побратимство,
Неделица – празник да празнуват.
Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по старост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството се откупувале со наддавање.
Еден ден пред празникот, на 18 /5. I. е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост односно пост на вода, односно затоа што тогаш се крштева (осветува) водата. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што ѝ припаѓа на таа компанија. Свештеникот ги проверува крстовите дали се добро врзани. За добро врзани се сметаат тие на кои босилекот е од предната страна, врзан со црвен конец. Притоа треба да има толку гранчиња босилек колку што семејства има компанијата. Ако крстот не е добро врзан свештеникот го преврзува така како што треба. Откако ќе ги провери сите крстови ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал:
Кај што помина чесен крст,
да е чесно бериќетно,
кај што капнало капка вода,
сребро и злато да капит,
да се родит бериќетот.
На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се фрла во езерото, во Скопје во Вардар, а по селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир. Крстот го фрлал попот откако ќе отпеел молитва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е непарен (лио), тројца, петмина или седуммина. Тој што ќе го извадел крстот од водата добивал подароци. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на добитокот. Попладнето по коледица одат мажите, но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.
Тропар
Свето Богојавление
Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на света Троица: гласот на Оца сведочеше за Тебе и те нарече Свој сакан син; и Духот, во вид на гулаб, ја потврди вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.
Македонија
Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, приведоа 13 албански државјани кои немале дозвола за работа

На 14.04.2025 година во 13 часот, во близина на хотелски комплекс на улицата „Наум Охридски“ во Охрид, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, приведоа 13 албански државјани кои претходно биле затекнати при изведување градежни активности, без да поседуваат соодветна дозвола за работа.
Од преземените мерки, констатирано е дека тие, на 14.04.2025 година, оствариле легален влез во државата но, не поседувале соодветни одобренија и дозвола за привремен престој по основ на работа, согласно член 80 од Законот за странци.
Тие немале ни сертификати кои биле обврзани да ги поседуваат согласно со предвидените норми за имплементацијата на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
По целосно документирање на настанот, Регионалниот центар „Запад“, ќе поднесе соодветна пријава, за јавноста информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски
Македонија
По 5 месеци денес промена на цената од авто-плинот на бензинските станици

„ТНГ“ за автомобили „плин“ од денес се продава со намалена цена за 2 денари, односно 44 ден/лит.
Имено како што знаеме ова гориво не е под Регулаторна комисија за енергетика, така што истата зависи од малопродажните објекти (бензински станици).
На повеќето малопродажни објекти денес авто-гасот се продава по цена од 44,00 ден/лит, додека во пракса на некои од бензинските станици промената се реализира на полноќ.
Инаку, претходно промена на ова погонско гориво бележиме во месец ноември 2024, каде цената се покачи и истата чинеше 46,00 ден/лит
Македонија
Во Кичево во текот на вчерашниот ден најмногу изречени казни за возачи кои возеле побрзо

На 13.04.2025, при контроли во патниот сообраќај извршени на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници затекнале 42 возачи на моторни возила кои, во и надвор од населено место, управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (Охрид-10, Струга-11, Кичево-12, Дебар-09). Против нив, согласно одредбите од Законот за безбедност во патниот сообраќај, поднесени се прекршочни платни налози.
Во наредниот период, контролите во патниот сообраќај ќе бидат интензивирани со цел, подигнување на сообраќајната безбедност и јакнење на сообраќајната култура кај возачите на моторни возила како учесници во сообраќајот, за Порта.мк и медумите известува портпаралот на СВР Охрид, Стефан Димоски
-
Македонија2 дена
Во Кичево во текот на вчерашниот ден најмногу изречени казни за возачи кои возеле побрзо
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за вторник (15 април)
-
Временска прогноза2 дена
Според најновото метео ажурирање следува доста нестабилно време, ова се информациите
-
Македонија17 часа
Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, приведоа 13 албански државјани кои немале дозвола за работа
-
Македонија2 дена
Лишени од слобода седум возачи на територија на СВР Тетово поради пребрзо возење, регистрирана брзина и од 193 км/час
-
Македонија18 часа
По 5 месеци денес промена на цената од авто-плинот на бензинските станици
-
Технологија1 ден
Поради царината на Америка ултра популарната конзола ја менува цената
-
Спорт1 ден
Младата женска репрезентација на Македонија во фудбал до 16 години ја победи Бугарија во пенал рулетот, избраничките на Милеска со тоа остварија прва победа!