Влеговме во светата и блажена Велика Четириесетница, во ова духовно патување што ни е дадено како лек за нашата душа, како можност за обновување, како враќање кон светлината Божествена. Бигорската Обител денеска е озарена од мистичната атмосфера на Чистиот Понеделник, денот кога зачекоруваме на патот на очистувањето, на покајанието, на преобразувањето во Христовата милост.
Во ова прво пустинско деноноќие, кога срцето веќе ја вкусува сладоста на подвижничкиот подвиг, во Манастирот тивко се разлева звукот на долгочасовните богослужби, кои како поток на благодатта течат во душите на оние што пристапуваат кон постот со ревност и со љубов. Гласовите на браќата се издигнуваат во псалмопеења, во пророчки читања, во светоотечки посланија; сè сведочи за светата тајна на покајанието, кое не е ништо друго, туку враќање во домот на Отецот небесен.
„Дојдете луѓе, дарот на постот денес да го примиме, како од Бога дарувано време за покајание, и во него Спасителот да Го смилостивиме“.
Особено трогателен е Великиот Покаен Канон на Свети Андреј Критски – таа молитвена исповед, што го наведува срцето на самопрегледување, на покајнички плач, на длабока внатрешна потресеност. Нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, ги читаше неговите чудесно вдахновени стихови со посебно умиление, со глас полн со сериозност и љубов, со глас што го повикува секој присутен да се соочи со својата душа, да се сретне со себе самиот, да ги согледа сопствените слабости, но и да положи надеж во бездната на милосрдието Божјо.
„Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува и ќе се смутиш. Разбуди се, за да се смилува Христос Бог, Кој е насекаде и сè исполнува“.
Во овој ден на исихија и молитва, во квечерината што го покрива светот, од светите сводови на Манастирот се издигнаа и првите песнопенија на Великото Повечерие.
„Со нас е Бог! Разберете, народи, и покорете се, зашто со нас е Бог!“
Чистиот Понеделник е дар. Тој е почеток на патувањето кон Пасхата, кон Воскресението. Не како некоја надворешна дисциплина, не како обична жртва, туку како откровение за тоа кои сме, каде сме и каде треба да одиме. Затоа, овој пост да не биде само воздржување од храна, туку отворање на срцето за дејствително покајание, за прошка, за добрина, за љубов.
„Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа, а вистински пост е: бегање од злото, воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите, на озборувањето, на лагата, на прекршување на дадено ветување. Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен“.
„На покајанието отвори ми двери, Жизнодавче, зашто утренува духот мој кон светиот храм Твој, храмот носејќи го телесен сиот осквернавен; но, како сожалив очисти ме, според благоутробната Ти милост!“ – повикува душата. А Бог, со неискажлива милост, ни ги отвора тие двери. Нè чека. Нè повикува. Да не Го оставаме да чека, истакна Бигорскиот Манастир, повеќе фотографии прегледајте на официјалниот линк ТУКА