Министерството за внатрешни работи врши контрола на над 2.000 лица кои имаат наредба за самоизолација и на 390 кои имаат решенија за здравствен надзор во Македонија.
Овие бројки денеска ги соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
По Сектори за внатрешни работи бројките се следни:
СВР Скопје: 1000 лица со наредба за самоизолација – 230 со решение за здравствен надзор
СВР Велес: 99 лица со наредба за самоизолација – 2 со решение за здравствен надзор
СВР Тетово: 185 лица со наредба за самоизолација -17 со решение за здравствен надзор
СВР Штип: 246 лица со наредба за самоизолација – 10 со решение за здравствен надзор
СВР Струмица: 172 лица со наредба за самоизолација – 11 со решение за здравствен надзор
СВР Битола: 140 лица со наредба за самоизолација – 32 со решение за здравствен надзор
СВР Куманово: 221 лица со наредба за самоизолација -6 со решение за здравствен надзор
СВР Охрид: 205 лица со наредба за самоизолација – 82 со решение за здравствен надзор
Чулев нагласи дека против сите лица кои ќе ги прекршат препораките од Владата и мерките кои им се одредени ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. МВР има веќе поднесено над 10 кривични пријави за лица кои не ги почитувале мерките на самоизолација кои им биле наредени.
Во однос на состојбата во кризните подрачка Дебар и Центар Жупа, МВР информира дека не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено продолжуваат активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за работа и во координација со локалната самоуправа, со кризниот штаб, со Центарот за управување со кризи и се во насока на контрола на целото подрачје, посебно на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници). Целта е доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.
На терен без проблеми и застои се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Непречено се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини.
МВР потсетува дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.