Кичево
Репортажа: Кичево, Китино Кале – Китин град

На 112 километри оддалеченост од Скопје и 61 километар од Охрид се наоѓа Кичево, град во Кичевската Котлина, од 625 до 650 метри над морето. Да ми верувате на зборот!
Прво нешто на што помислувам кога тргнувам кон овој македонски град, под југоисточните падини на планината Бистра, е појадокот. И уште додека влегувам во автомобилот ми замирисува кичевскиот бурек. Топол како душа, а згора малку крцкав. Кичево и кичевско се познати по најдобриот и највкусниот бурек на Балканот, а кичевчани се најпознатите пекари и фурнаџии во Белград.
Го збрмчувам колулево, а во ушиве ме навјасува некоја чудна тага што ми ја буди средбата со овој духомобзарен град, потсилена од милозвучниот глас на кичеецот Војо Стојановски, што ми ѕуни во ушите, та удира како камбаната во манастирот посветен на Мајката Божја во близина на Кичево.
Кичево е поврзано со пат и со Демир Хисар и Македонски Брод и понатаму со Прилеп и е последна станица во западниот дел на Република Македонија на железничката линија. Денес железничката станица изгледа тажно. Со објектот стопанисуваат Македонски Железници, компанија во државна сопственост, од каде најавија почеток на санацијата на објектот и враќање на стариот сјај.
– Ќе се санира кровот, ќе се заменат искршените стакла, целосно ќе се реновира санитарниот јазол и се што е оштетено во изминатиот период ќе биде вратено во првобитната состојба – рече раководителот на железничката станица Кичево, Фарија Јусуфи.
Вовчето „Ќирчо” паметник на минатите времиња
Но, не било од секогаш така. Првата пруга била изградена за време на Првата светска војна од Скопје преку Тетово, Гостивар и Кичево па до Охрид. Паметник за тоа време е вовчето „Ќирчо” кое денес стои во паркчето кај Железничката станица. Подоцна еден дел од таа пруга е надграден за потребите на современите возови, еден дел (Кичево – Охрид) е исклучен од употреба. Се чудам по која логика било направено тоа. Кичево е еден од првите градови во Македонија (по линијата Скопје – Солун) кој во 1878 бил поврзан со железница.
Повозрасните го паметат вовчето „Ќирчо” или „Чајничето”, како што го викале затоа што се движело по „теснолинејка”. Шините по кои одело вовчето биле потесни од стандардните. Ова вовче, со мотор на пареа, сообраќало од Скопје до Охрид од 1917 до 1967 година. Трасата по која некогаш се движел возот „Ќирчо” била различна од онаа по која денес врват возовите.
Кај селото Падалиште „Ќирчо” искачувал далеку поголема угорнина, по што имало голем свиок. Ја вртел „Ќирчо” целата планина бидејќи немало тунели. Пред свиокот патниците се симнувале од „Ќирчо” и пешки, за час, прекутрупа префрлале од другата страна кај што врвела пругата. Тука, во месната кооперација, се ладеле со студено пиво и сокови, разладени во тенеќени корита со мраз. Некои на ливадата јаделе, некои се одмарале. Така го чекале „Ќирчо”, за да продолжат со патувањето. Понекогаш работата стигнувала и до песна и оро.
Неазим Куртиши ни појасни дека трасата на „Ќирчо” од Гостивар до Кичево врвела преку станицата Ѕвезда, Зимница, Церово, Сретково, Долно Ѓеновија, Буково и Берково. Патувањето траело долго, до Охрид се патувало понекогаш и по 24 часа, а напати имало потреба патниците да потурнат на угорниците или да помогнат „Ќирчо” да се врати на шините.
За „Ќирчо” се врзани многу анегдоти. Дедо Јован ни ја раскажа случката со попот Стојко. Него, на времето, поради комуникативноста и ведриот дух, поради тоа што знаел да се пошегува го знаеле сите. Поп Стојко често се возел со возот, ама не сакал да плаќа. Еднаш така некој кондуктер, за да му возврати и за некои шегачења, го симнал на некоја станица после Гостивар. Но, на следната постојка се отворила вратата и влегол поп Стојко, насмеан до уши како благороден дух. Кондуктерот за малку ќе паднел во несвест. – Господ ме донесе пред вас -смеејќи се велел поп Стојко. Всушност, поминал некој војнички камион и го собрале кутриот свештеник, оставен во дивината. Така стигнал пред возот.
За вовчето „Ќирчо” се напишани и книги. Тој е дел на колективното сеќавање на луѓето од западна Македонија. Денес „Ќирчо” горделиво стои на Железничката станица во Кичево. Ја заслужи таа почест. За жал, многумина протрчуваат покрај него без и да го забележат.
А можат да застанат, да го погледаат, да се качат во трите вагони, да се фотографираат. „Ќирчо” би можел да биде вистинска туристичка атракција, кога неговата приказна би била раскажана во туристичките мапи и водичи за Македонија.
Марко Крале идел во Кичаа
По бурекот во близина на „Ќиро” и потсетувањето на „старите добри времиња” на дрвените клупи во филмскиот амбиент во вагоните одам на Кичевскиот пазар. Посебно доживување, а има и од „пиле млеко” што се вели. Од зарзавати до квалитетни грнчарски производи на познатите мајстори од Вранештица. И евтин…
Луѓе од Скопје доаѓаат со години во Кичево на пазар. Многупати сум среќавал такви во возот. Кога имам можност, одбирам да одам со возот. Може да се разгледаат природните убавини на добар дел од Република Македонија оти пругата врви таму каде што патот не те води.
Во текот на средниот век градот бил споменуван како Кицавис, Китсавин и Китчавин (Кичавин), Кицавин и Кицавеос. Со името Крчово населбата била спомната и во ферман на султанот Селим трети од 1798. Била употребувана и формата Кичава. Народните легенди поинаку го објаснуваат денешното име на градот.
„До градот Кичаа имат една тумба, на тумбата згора има едно кале. За калето велат оти ет праено од ќерка му на крала Волкашина, Кита, така и на градот Кичаа името му е даено од Кита. Пред многу години бев јас во Кичаа и сум го шетал калето внатре, одејќи беше здраво и седеа луѓе внатре. Сега се учам од кичевчани оти го изурнале кичевчаните, не знам за ошто себап, ги расипале овде-онде ѕидојте.
Велат оти Марко Крале набрго идел во Кичаа при сестра си Кита на видум и праел јунасто: со коњо, со топузот и камен врлање, чунки имало близу до Кичаа два камна што се викаат Маркои камење што и фрлал; едниот бил деведесет ока, а другиот седумдесет и пет ока, и ден-денеска стојат на патот.” – запишал прочуениот прилепски терзија Марко Цепенков. Меѓутоа, според еден друг запис на Цепенко, ќерката на кралот Волкашин се викала Цвета, а калето-Цветино кале.
Во близина на денешното Кичево постоел град уште во античко време-Ускана. Оваа населба е првпат спомената во времето на владеењето на античкиот македонски владетел Персеј.
Кичевското кале, попознато како Китино кале, е возвишение во кичевската котлина кое е видливо од поголемиот дел од котлината. Истовремено тоа е центар на градот Кичево. Моментално е парк (во прилично незавидна состојба), со спомен костурница. Се распознаваат барем 5 или 6 кули. Должината на обѕидието е околу 440 метри на 1,5 хектари. Особено забележлива, по својата зачуваност и масивност, е западната кула. Другите, зажал, се во очајна состојба. Пред половина век, при уредувањето на просторот користена е механизација и еден дел од овој археолошки локалитет неповратно е збришан и уништен. Денес таа одвај се гледа, па не е чудно што некои и не знаат дека постоела. Случајно на тлото на Китино кале се пронајдени фино делкани мермерни столбови кои укажуваат на постоење на црква.
На врвот на тврдината постоел дворец во кој живеел управникот на тврдината и областа. Кај денешниот водовод постоела стара цистерна за вода, дождовница. Преданијата говорат и за подземен тунел кој бил користен за бегање во случај на пробивање на ѕидините. Тунелот излегувал кај месноста Чука. Под Калето има пештера која не е истражена.
Во патеписот на Англичанецот Едмунд Спенсер од 1850 се наведува дека Кичево е местото каде порано се наоѓал градот „Скиртијана”. Ама, тоа до други не е потврдено.
Во Кичево е родена слободна Македонија
По контакти со печалбарите по Кичевските села Пере Тошев заедно со Јосиф, ѓакон на манастирот Света Богородица-Пречиста, во 1878 година, ја формираат првата вооружена чета на чело со Дуко Тасев, а во чии редови бил и Јордан Пиперката. Тие ќе бидат предводници на познатата Брсјачка буна во 1880 година.
Исто така, на 2 Август 1903, започнува востание на чело со Арсо Војвода и Јордан Пиперката, а се држат ослободени територии до 9 Август кога востанието било крваво задушено.
Во 1907 година, веројатно со засилувањето на Христијаните, се обновува црквата Св. Петар и Павле на темелите на постарата црква. Стариот антички пат, кој сега е централна градска улица е калдрмисан. Калдрмата постои до денес.
На 15 декември 1941 година била формирана првата партиска организација во село Карбуница. Во октомври таа година 1941 Кузман Јосифоски – Питу го формира месниот комитет на Комунистичката партија.
За време на Втората светска војна Кичево бил првиот слободен град и слободна територија, заедно со Дебарца, во 1943 година. Во манастирот Света Богородица -Пречиста била формирана народна власт во која учествувале претставници од сите националности кои живееле во градот.
Куриозитет е што на балистичките водачи им била простена соработката со италијанските и германските фашисти и дури им било доверено чување на границата кон тогашна фашистичка Бугарија, во околината на Бигор Доленци. Лојалноста на овие единици била многу кратка. За помалку од еден месец од правец на Гостивар почнува масовен германски напад кон слободната територија која е бранета на планината Буковиќ од малубројната силно мотивирана чета на чело со Мирко Милески која во таа прилика е збришана.
Тука, во Кичево, беше родена слободна Македонија, земја на рамноправни и слободољубиви луѓе! Затоа токму тука е Националната установа Музеј „Западна Македонија во НОВ”. Од посебно значење е што во текот на Втората светска војна во денешната зграда на музејот престојувал Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија.
Постојаната поставка во музејот ни ја прикажува борбата на македонскиот народ за слобода во XIX и XX век. Поголем дел од Музејот им е отстапен на фреските и мозаиците. Покрај историскиот дел формирана е и етнолошка збирка, која се состои од носии од Кичевијата од XIX век, предмети од покуќнина, народни ткаенини.
Дојдете во Кичево и посетете го и археолошкиот локалитет Џума Џамија или Султан Бајазит Џамија. Локалитетот претставува објект од средниот век. При изградба на шадрванот во дворот на џамијата биле откриени фрагменти од керамички садови, покривни ќерамиди и друг градежен материјал, што наведува на претпоставка дека во неговата непосредна близина се наоѓал средновековен објект.
Автор: Гоце Ристовски
Фото од наш извор.
Кичево
Управните служби во Кичево и останатите добиваат ново работно време

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека започнувајќи од денеска (18.02.) Отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР ќе работат согласно нова работна сатница.
Така, Одделение за управни работи Скопје и Отсек за управни работи Тетово, од понеделник до петок ќе имаат двосменско работење, односно работно време од 07.30 часот до 19.30 часот.
Исто така, и Отсеците за управни работи – Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип, од понеделник до петок ќе имаат работното време со почеток од 08.00 часот па до 18.00 часот, а истото работна време ќе важи и за: ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани.
Во останатите пак подрачни единици – ОУР Охрид за Дебар; ОУР Битола за Крушево, за Демир Хисар, за Ресен и за Македонски Брод; ОУР Штип за Пробиштип, за Свети Николе, за Виница, за Делчево и за Берово; ОУР Велес за Неготино; ОУР Куманово за Кратово и за Крива Паланка; ОУР Струмица за Гевгелија, за Радовиш и за Валандово, работното време ќе трае од 08.00 часот до 16.00 часот.
Кичево
ОВР Кичево изврши контрола на житниот пазар, пронајде нерегуларни продукти на јавна површина

На 15.02.2025 на подрачјето на Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево извршија контроли на лица кои вршат продажба на производи на јавна површина. Притоа, на две тезги на житниот пазар, затекнати се М.Д.(60) од Скопје и А.Џ.(66) од Кичево, кои за продажба изложиле повеќе парализатори и метални палки на преклоп и други предмети.
Врз основа на членот 80 од Законот за оружје, предметите се одземени, а против двете лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, за медиумите и јавноста известува портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Кичево
(ФОТО) Момчињата од „ФК Кичево“ денес одиграа два контролни меча со одличната екипа на „ФК Гостивар“ на гостински терен

Во рамки на денешниот ден нашата екипа од „ФК Кичево“ генерација 2011 и 2014 година одиграа два контролни меча со соодветна екипа на „ФК Гостивар“. Преку нашиот медиум, управата и тренерите упатуваат голема благодарност до домаќинот екипата на „ФК Гостивар“ и нивниот координатор г-дин Менсур Јакупи за одличниот прием и можноста да нашите момчиња стекнат нови пријателства и искуства.
Галерија од денешните натпревари, „ФК Кичево“ ген. 2011:
Престижната генерација 2014:
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за сабота (22 февруари)
-
Македонија1 ден
Кај Демир Капија – Смоквица до крај на месец мај ќе има измена на сообраќај, односно целосно затворање на „Тунел Т2“
-
Временска прогноза7 часа
Студот ќе попушти, ќе имаме магла и услови за слаби врнежи од дожд и од снег следната седмица!
-
Хороскоп1 час
Хороскоп за недела (23 февруари)
-
Македонија9 часа
Во водите на охридско езеро минувачи забележале неексплодирана бомба
-
Мобилни уреди7 часа
Крај на една ера, „Apple“ ја прекина една од најпрепознатливите функции на „iPhone“ по 18 години
-
Автомобили1 ден
Dacia подготвува електричен автомобил поевтин од новото Twingo
-
Магазин1 ден
Како да ја зачувате батеријата на телефонот: Четири клучни совети