Како и сите козметички производи, и млекото за сончање има рок на траење. Колку долго смеете да го чувате и дали е безбедно да се потпрете на ланската залиха?
Време на летни одмори. Покрај цената на аранжманот, треба да се размисли и за дополнителните трошоци: нов костим за капење или истиот од лани? Тука се и маска за коса, спреј за заштита на косата, гел за после сончање, играчки за на плажа… и неговото височество: млеко со највисок фактор на заштита од сонце.
Имате останато залиха од лани, но дали е мудро да ја искористите? Па, тоа зависи.
Повеќето козметички производи имаат обележано датум на користење некаде на пакувањето. Ова е првото нешто што треба да се провери. Ако нема рок на траење, сигурно ќе има слика што покажува колку долго по отворањето производот е безбеден за употреба.
Теоретски, млекото за сончање е безбедно за користење две до три години, но само под услов пакувањето да не е изложено на сонце и високи температури. Но, освен ако не сте го чувале во термоотпорна ќеса и под сенка додека сте биле на плажа или покрај базен, веројатноста дека производот ќе се „расипе“ до следното лето е голема.
На кратко, до следното лето, формулата што всушност ви ја штити кожата од сонцето се распаднала и производот веќе не нуди никаква заштита.
Кога ќе го земете ова предвид, не штедете на вашето здравје.
Купете ново млеко за сончање со висок заштитен фактор, ќе изгледате супер и во ланскиот костим за капење.