Македонската фудбалска репрезентација ја победи Летонија вчера со 1:0 во претпоследниот натпревар од групната фаза на Лигата на нации и дефинитивно го потврди првото место во групата и пласманот во поквалитетна Б лига.
Избраниците на Благоја Милевски не постигнаа водечки гол од неколку полуприлики во првото полувреме, но во продолжението притисокот кон противничкиот гол донесе резултат и тоа во 57. минута, кога во противничкиот шеснаесетник одлично се снајде Никола Серафимов.
Нашиот дефанзивец донесе водство, по наш корнер, а потоа и асистенција од Зајков и го постави конечниот резултат, бидејќи до крајот немаше промени и Македонија стигна до нова победа во својата група.
Македонија со 13 бодови е убедливо прва и во следното издание на Лигата на нации ќе игра во поквалитетната Б лига.
– „Им честитам на фудбалерите за трпението и решителноста, стигнавме до тешка, но сепак заслужена победа. Ја остваривме најважната цел, а тоа е пласман во Б дивизијата”.
„Знаев дека ова ќе биде поразличен натпревар од тој во Рига, но стигнавме до победата, иако можеби требаше да постигнеме уште некој гол, за порано да ја потврдиме. Тешко е напаѓачите да дојдат до израз кога играте против екипа со толку густа одбрана“, за јавноста истакна Милевски после натпреварот.
Натпреварите од групната фаза ги завршуваме со меч против Фарски Острови во недела од 15:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“, поканети се сите љубители на фудбалот да дадеме заедничка поддршка за нашите рисови!