Утринските навики се важни за подобро расположение и мотивација. Тие исто така може да имаат различни здравствени придобивки и може да обезбедат подобро здравје на срцето.
Кардиологот Ли Џоу за „Парад“ вели дека сака да го започне денот со појадок кој вклучува овошје и јаткасти плодови, две намирници кои се добри за здравјето на срцето. После тоа, тој прави нешто што многу луѓе често го занемаруваат: пие чаша вода.
Пиењето вода наутро е од суштинско значење за здравјето на срцето. Се препорачуваат осум чаши дневно бидејќи редовната хидратација го намалува ризикот од дијабетес и срцеви заболувања и поддржува регулација на крвниот притисок.
Додадете кратка прошетка после појадокот
Откако ќе испиете една чаша вода, можете да додадете уште една навика која е здрава за срцето – кратка прошетка. Кардиологот Даниел Херман препорачува секојдневно вежбање веднаш по појадокот.
„Навиката за здраво срце може да биде едноставна како брзо одење од 20 минути“. Тоа е мала инвестиција во здравјето на срцето која дава големи резултати на долг рок“, истакнува тој.
Д-р Херман објаснува дека кратката прошетка после појадокот веднаш го подобрува варењето, го регулира шеќерот во крвта и го намалува стресот, додека долгорочно го зајакнува срцето, ја контролира тежината и мускулниот тонус. Ако работите од дома, Херман советува свесно да планирате утрински прошетки за да ја зголемите вашата дневна активност.
Утринските навики кои треба да ги избегнувате
Многу луѓе имаат навика да го прескокнуваат појадокот, или поради зафатеност или поради воспоставени навики, но тоа може да има негативно влијание врз здравјето.
Д-р Дипак Талеја истакнува дека не треба да го прескокнувате појадокот, бидејќи тој е клучен за здравјето на срцето.
„Здравиот појадок, богат со влакна, витамини и цели зрна, го намалува холестеролот, воспалението и ризикот од срцев удар“, вели тој. Истражувањата покажаа дека прескокнувањето на појадокот го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести за 27 проценти. Тоа е исто така поврзано со зголемен крвен притисок, дебелина и дијабетес.
Извор: N1Info