Следете не

Lifestyle

На денешен ден.. (12.03)

Објавено пред

на

1365.- Отворен бил Универзитетот во Виена, една од најстарите установи од овој вид во светот. Првиот универзитет во Европа е основан во Болоња, во 1119 година, вториот во Париз, Франција, во 1150 година, третиот во Оксфорд, Англија, во 1214 година, четвртиот во Кембриџ, Англија, во 1229 година, петтиот во Прага, Чешка, во 1348 година, шестиот во Краков, Полска, во 1364 година итн.

1507.- Загинал италијанскиот генерал Чезаре Борџи, вонбрачен син на папата Александро Шести кој со помош на француските трупи и поддршката од неговиот татко, по трите воени походи од 1499 до 1502 година, го скршил отпорот на феудалната династија на италијанската покраина Ромања. Во делото „Владетелот“ Николо Макијавели го величал, тврдејќи дека само владетел со таква безобѕирност можел да ја обедини Италија.

1832.- Роден е англискиот капетан Чарлс Канинг Бојкот. Во 1880 година додека управувал со дел од Ирска, бил предизвикан ненасилен отпор за одбивање соработка. Таквиот вид на ненасилен протест бил наречен според неговото презиме – бојкот.

1848.- Во Виена избиле големи студентски демонстрации против полицискиот режим на канцеларот Клеменс Метерних.

1861.- Роден е италијанскиот писател и политичар Габриел Данунцио, изразит стилист. Најдлабока трага во литературата оставил со збирките песни „Рајска поема“ и „Алкиона“. Во политиката бил исклучителен претставник на италијанскиот национализам, па дури и фашизам. Дела: романите – „Оган“ и „Сласт“, драмите – „Мртов град“, „Франческа да Римини“ и „Ѓоконда“.

1881.- Во Солун е роден турскиот државник Мустафа Кемал, познат како Кемал Ататурк, татко на модерна Турција. Под неговото водство во 1922 година исфрлен бил последниот султан Мухамед Шести, а во 1923 година Турција била прогласена за република. Тој бил еден од творците на Балканскиот сојуз во 1934 година.

1890.- Роден е рускиот балетан и кореограф Владимир Фомич Нижински, еден од најголемите балетани во историјата на балетот чија кариера траела само четири години, бидејќи во 1917 година заболел од неизлечлива душевна болест. Неговите креации никој не ги надминал, а скоковите во балетот „Сон за ружа“, поради невообичаената креативност и убавина останале како недостигнат идеал.

1912.- Американскиот капетан Алберт Бери го извел првиот скок со падобран од авион.

1913.- Канбера станала престолнина на Австралија.

1913. – Роден е Петар Богданов – Кочко, македонски композитор, оперски пејач (тенор) и организатор на музичкиот живот во Македонија. Учесник е во НОВ на Македонија. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. По војната, еден е од основачите на Операта на Македонскиот народен театар и на првото музичко училиште, а бил и прв претседател на Друштвото на музичарите на Македонија. Како пејач оствари низа значајни улоги.

1914.- Умрел американскиот инженер Џорџ Вестингхаус, пронаоѓач на воздушните сопирачки за локомотиви и трамваи. Во 1886 ја основал компанијата „Вестингхаус електрик корпорејшн“.

1922.- Роден е американскиот писател Жан Луј Керуак, познат како Џек Керуак. Дела: романите – „На пат“, „Д-р Сакс“, „Маги Касиди“, „Богот Сар“, „Сатира во Париз“, поетските книги – „Мексико Сити блуз“, „Химна – Боже моли се за мене“, „Расфрлени песни“, патописот – „Осамен патник“.

1925.- Во Пекинг умрел Сун Јат Сен, кинески револуционер и државник. Во 1905 година ја основал Кинеската револуционерна лига, а во 1912 година ја основал партијата Куоминтанг. Во 1917 година бил избран за претседател на Јужна Кина. По победата на Октомвриската социјалистичка револуција во Русија работел на обединувањето на земјата и ја објавил револуционерната програма на Куоминтанг, во која ја вклучил и Комунистичката партија на Кина. Роден бил на 12 ноември 1866 година.

1930.- Водачот во борбата за независност на Индија Махатма Ганди започнал кампања за граѓанска непослушност против британската колонијална управа и нејзините намери да воспостави монопол во производството на сол.

1935.- Во Њујорк умрел Михаило Пупин, физичар со светски углед. Бил професор по физика и математика на Универзитетот „Колумбија“ во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжи со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За својата научна дејност посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење. Роден бил во селото Идвор, во Банат (Војводина), на 4 октомври 1858 година.

1935.- Персија го добила новото официјално име на земјата – Иран.

1938.- Германските трупи влегле во Австрија, а Адолф Хитлер два дена подоцна објавил дека Австрија станала дел од Третиот Рајх, на што западните сили реагирале со „скрстени раце“ настојувајќи на секој начин да избегнат војна со нацистите.

1940.- По поразот во „зимската војна“ започната со советската инвазија кон крајот на 1939 година, Финска потпишала мировен договор со кој се откажала од Карелијската долина и градот Виброк на исток од земјата.

1945.- Петнаесетгодишната Ана Франк била убиена во германскиот нацистички логор Берген-Белзен. Нејзиниот дневник станала симбол на страдањата на Евреите во Втората светска војна, во која Германците систематски и плански го истребуваа тој народ во Германија и во сите окупирани земји во Европа. Нејзиното семејство по доаѓањето на нацистите на власт во Германија во 1933 година пребегнало во Амстердам, каде од 1942 до 1944 година живеело во тајно скривалиште кое  Гестапо успеал да го открие. Од нејзиното семејство војната ја преживеал единствено нејзиниот татко. По Втората светска војна нејзиниот дневник бил пронајден, а во 1947 година бил објавен. Дневникот е пишуван во време на двете години поминати во скривалиштето.

1946.- Родена е американската актерка и пејачка Лајза Минели. Кариерата ја почнала пеејќи во ноќните клубови и во њујоршките театри во Бродвеј. Филмови: „Кабаре“, (Оскар), „Кажи дека ме сакаш“, „Среќната Леди“, „Тишина, се смееме“, „Њујорк, Њујорк“, „Артур“.

1947.- Претседателот на САД Хари Труман во Конгресот ја прокламирал доктрината за помош на земјите загрозени од комунизмот („Труманова доктрина“). Првите средства им биле дадени на Грција и на Турција.

1950.- Во Санта Моника, Калифорнија, САД, умрел Хајнрих Ман, германски писател (брат на Томас Ман), генијален критичар на своето време и на граѓанското општество. Негови познати дела се „Царство“, „Седум години“, „Силата на човекот“, „Човекот од слама“ и „Професорот Урнат“. Роден бил во 1871 година.

1968.- Островот Маурициус во Индискиот Океан, британска колонија од 1810 година, станал независна членка на Британскиот комонвелт. Истиот ден во 1992 година Маурициус бил прогласен за република, прекинувајќи ги така и симболичните врски со британската круна.

1971.- Премиерот Хафез ел Асад на референдум бил избран за претседател на Сирија.

1972.- Владите на Британија и на НР Кина решиле да разменат амбасадори, иако дипломатските односи меѓу двете земји биле воспоставени уште во 1950 година.

1978.- Левите партии за првпат во историјата на Франција добиле апсолутно мнозинство во првиот круг од парламентарните избори.

1984.- Во Велика Британија почна генерален штрајк на рударите.

1987.- Во Советскиот Сојуз била извршена првата успешна трансплантација на срце.

1992.- Во индискиот град Бомбај во серија експлозии кои ги подметнале исламски терористи загинале повеќе од 300 луѓе. Индија за овие експлозии го обвинила исламскиот сосед Пакистан, но Исламабад го отфрлил ова тврдење. По една година од масакрот, исламските терористи во Бомбај предизвикале нова серија на експлозии  во кои загинаа најмалку уште 200 луѓе.

1994.- Англиската англиканска црква ракоположила 32 жени за свештеници, прекинувајќи ја 460-годишата доминација на мажите.

1995.- Во Белград умрел Мија Алексиќ, еден од најомилените и најпознатите актери во некогашната СФРЈ. Роден бил во 1923 година.

1999.- Полска, Чешка и Унгарија, како први членки на поранешниот Варшавски пакт, влегле во НАТО.

1999.- Умрел американскиот виолинист од еврејско потекло Јехуда Мењухин, еден од најголемите виолинисти на 20. век. Почнал да свири на петгодишна возраст, а светската кариера ја направил како „чудо од дете“ со неговата интерпретација на „Виолински концерт“ на Феликс Менделсон со кој на седум години се претставил на концертот во Сан Франциско. Музичката критика овој настан го оценила како сензационален. Во 1963 година ја основал „Школата Јехуда Мењухин“ за музички надарените деца.

2000.- Папата Јован Павле Втори побарал прошка за вината на Римокатоличката црква поради постапките спрема Евреите, еретиците и жените.

2003.- Пред влезот на зградата на Владата на Србија бил убиен српскиот премиер Зоран Ѓинџиќ. На предлог на владата, вршителот на должноста претседател на Србија, Наташа Миќиќ прогласила вонредна состојба.

2011.- Еден од најактивните вулкани Маунт Карангенат, еруптирал и исфрлил лава и облак на гас, неколку часа по разорниот земјотрес во Јапонија. Вулканот, со височина од 1.784 метри, се наоѓа на Сиауу, остров-архипелаг на Сулавези.

2013.- На 90-годишна возраст во својот дом во Минхен умрел последниот учесник во неуспешниот атентат врз Адолф Хитлер, од јули 1944 година, Евалд-Хајнрих фон Клајст. Роден бил во 1922 година како потомок на стара аристократска лоза од Померанија (денеска во Полска). Како 22-годишен поручник на Вермахтот, тој се борел на Источниот фронт, а со него во текот на јануари 1944 година се поврзал полковникот Клаус фон Штауфенберг. Тој му го изложил планот за убиство на Фирерот, според кој младиот војник требало на Хитлер да му го претстави новиот модел на униформа. Под униформата требало да има појас со експлозиви, што Фон Клајст требало да го активира и да се убие себе си и диктаторот. Поручникот се согласил, но планот не се реализирал.

2014.- Во Скопје по подолго боледување почина писателот Србо Ивановски. Србо Ивановски е еден од најзначајните автори, претставници на втората генерација повоени македонски писатели. Зад себе оставил обемен и разновиден опус во кој, меѓу другите, влегуваат и следните книги: „Лирика„, „Желби и меѓи“, „Средби и разделби“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „Пена од планината“, „Близу до животот близу до смртта“, „Жена на прозорецот“, „Осамени“, „Мартин Нуната“, „Леонида трча окрвавен“, „Кога тетин Клименте шеташе над градот“… Србо Ивановски добитник бил на високи книжевни награди, меѓу кои: „Кочо Рацин“, „13 Ноември“, „Стале Попов“ и „Книжевен жезол“ за опус на Друштвото на писателите на Македонија. Српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја добило наградата „Бранко Миљковиќ“. Роден бил во 1928 година во Штип.

Lifestyle

Скокањето со јаже – едноставна навика што го продолжува животот

Објавено пред

на

Скокањето со јаже е омилена детска активност, но експертите препорачуваат да ја вратиме во секојдневниот живот поради нејзините бројни здравствени придобивки. Според познатиот олимписки тренер за спринт, Стјуарт Мекмилан, оваа едноставна вежба може да биде дури и поефикасна од џогирањето.

Зошто скокањето со јаже е толку корисно?

Мекмилан, кој има тренирано повеќе од 70 олимпијци, објаснува дека прескокнувањето е совршена комбинација на аеробни и плиометриски вежби – експлозивни скокови кои развиваат брзина, координација и сила.

Во подкастот The Huberman Lab, тој ги истакна главните придобивки:

  • Зајакнување на срцето и белите дробови

  • Подобрување на координацијата и мозочната функција

  • Јакнење на мускулите и сврзното ткиво

  • Намалено оптоварување на зглобовите во споредба со интензивните вежби

„Следниот пат кога ќе трчате, пробајте да менувате – трчајте 30 секунди, а потоа прескокнувајте со јаже. Ќе почувствувате разлика веднаш“, вели Мекмилан.

Позитивно влијание врз држењето на телото

Д-р Ендрју Хуберман, водител на подкастот, ја сподели својата лична искуство: „Се чувствував фантастично! Моите колкови беа опуштени, држењето ми беше совршено, дури ми се чинеше дека сум повисок за еден инч.“

Научни докази за здравствените придобивки

Истражувањата, вклучително и студија од 2010 година, покажуваат дека динамичните вежби како скокањето со јаже го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и го подобруваат квалитетот на животот во подоцнежните години. Дополнително, оваа активност создава помало оптоварување на зглобовите во споредба со други интензивни тренинзи, што ја намалува можноста за повреди.

Само 10 минути дневно се доволни

Мекмилан препорачува скокањето со јаже дури и како побезбедна алтернатива за спринт, бидејќи помага во зачувување на брзината и експлозивноста што природно ја губиме со возраста. Според него, само 10 минути дневно се доволни за да ги активирате мускулите одговорни за брзи реакции и стабилност.

Извор: Index

Прочитај повеќе...

Lifestyle

Како да заштедите на сметките за вода: 7 едноставни совети од експерти

Објавено пред

на

Водата е есенцијален ресурс, но прекумерната потрошувачка може да доведе до високи сметки. Од перење алишта и туширање до готвење и наводнување на градината, секојдневно трошиме големи количини вода. Со воведување мали промени во навиките, можно е значително да се намалат трошоците, а експертите споделуваат неколку едноставни, но ефективни решенија.

1. Проверете дали има протекување

Протекувањата од славини, цевки или апарати како машината за перење и машината за миење садови можат да доведат до огромна загуба на вода. Редовно проверувајте ги овие извори и навремено поправете ги сите дефекти. Дури и мало капење може да резултира со неочекувано високи сметки.

2. Користете поефикасни туш глави

Модерните туш глави со регулатор на проток или аератори можат да ја намалат потрошувачката на вода без да го намалат притисокот. Овие тушеви мешаат воздух со водата, создавајќи чувство на поголем млаз, но со значително помала потрошувачка.

3. Намалете го времето под туш

Долгите туширања значително ја зголемуваат потрошувачката на вода. Намалувањето на времето за туширање дури и за неколку минути може да направи голема разлика во текот на месецот.

4. Користете тоалет со двојно плакнење

Современите тоалети овозможуваат избор на посилно или послабо плакнење, што помага да се заштеди значителна количина вода. Користете ја помалата количина вода кога е можно.

5. Собирајте дождовница

Дождовницата може да се искористи за наводнување на растенијата, миење автомобили или дури и за чистење на надворешните површини. Ова е едноставен начин да се намали потрошувачката на вода од водоводната мрежа.

6. Вклучувајте ги машините само кога се полни

Перењето алишта и садови кога машините се полупразни значи непотребно трошење на вода. Почекајте да ги наполните пред да ги вклучите за да го намалите бројот на циклуси.

7. Избегнувајте непотребно трошење вода

Не преполнувајте кади, не оставате водата да тече додека миете заби или садови и внимавајте на количината вода што ја користите за секојдневни задачи. Малите промени можат значително да се одразат на вашата сметка.

Со овие едноставни совети, можете да го намалите непотребното трошење вода и да направите значителни заштеди на вашите месечни сметки.

Извор: Vecerni
Прочитај повеќе...

Lifestyle

Како поместувањето на часовникот може да го подобри вашето здравје и расположение

Објавено пред

на

Секоја година, кога ги поместуваме часовниците за еден час напред, се покренува истата дебата – дали оваа промена носи корист или само предизвикува замор и конфузија?

Иако многумина се жалат на недостаток на сон и потешки утра, ретко се зборува за позитивните аспекти на ова прилагодување. Летното сметање на времето носи бројни придобивки за здравјето, продуктивноста и расположението.

Повеќе дневна светлина значи подобар квалитет на живот

Подолгите денови овозможуваат повеќе време во природна светлина, што има позитивен ефект врз телото. Сончевата светлина го стимулира производството на серотонин – хормон кој го подобрува расположението и го намалува стресот. Помалку време под вештачко осветлување придонесува и за подобро здравје на очите.

Подобрен деноноќен ритам и полесно будење

Иако во првите неколку дена будењето може да биде потешко, со текот на времето, деноноќниот ритам станува подобро усогласен со природната светлина. Утрото станува посветло порано, што овозможува поприродно будење со изгрејсонцето, наместо со аларм во темнина. Ова ја намалува утринската поспаност и ја подобрува концентрацијата во текот на денот.

Помал ризик од сезонска депресија

Сезонското афективно растројство (SAD) е поврзано со недостаток на сончева светлина, а поместувањето на часовниците овозможува подолга изложеност на дневна светлина, што може да помогне во борбата против сезонската депресија. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои поминуваат повеќе време на сонце имаат постабилно расположение и повеќе енергија.

Повеќе физичка активност

Подолгите денови го поттикнуваат активниот начин на живот. Дополнителниот час на светлина често се користи за вечерни прошетки, возење велосипед или други активности на отворено. Ова позитивно влијае на физичкото здравје и целокупната кондиција.

Подобрена продуктивност и мотивација

Посветлите денови имаат позитивно влијание врз работната ефикасност. Повеќе сончева светлина во текот на денот го намалува заморот, го подобрува фокусот и го зголемува чувството на задоволство од работата. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои работат во простории со многу природна светлина имаат повисоки нивоа на енергија и помала потреба од попладневни дремки или вишок кафе.

Подобро регулирање на спиењето

Иако менувањето на часовникот може привремено да го наруши ритамот на спиење, телото со тек на време се прилагодува и тоа може да доведе до подобар ноќен одмор. Изложеноста на природна светлина во текот на денот придонесува за подобра регулација на сонот и подобро општо здравје.

Извор: Dnevnik

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Македонија2 часа

Сообраќајно инфо: Намалена видливост поради магла на превој „Стража“

Патна информација до сите кои патуваат преку планинскиот превој „Стража“, особено да внимаваат затоа што има намалена видливост поради појава...

Хороскоп4 часа

Хороскоп за среда (2 април)

ОВЕН Секогаш може подобро и вие тоа најдобро го знаете, па поработете на организацијата и плановите во наредниот период. Ништо...

Временска прогноза4 часа

Попоски: Влегуваме во период на температури во минус, студ и снег, невообичаено за месец април – ова се информациите

Почнувајќи од 5 април (сабота) па во текот на следната седмица, ни следува многу ладен период, и тоа поради спуштањето...

Спорт7 часа

Андов го истакна списокот со фудбалерки за дуелите со Летонија и Косово во рамки на Лигата на нации за пласман на СП 2027

Женската А репрезентација на Македонија на почетокот на април ќе одигра два натпревари против Летонија и Косово во рамките на...

Македонија11 часа

МВР: Кривична пријава против 10 полициски службеници од Единицата за брзо распоредување за злоупотреба на службена положба и овластување

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење...

Македонија13 часа

Поскапуваат дизелот и бензинот, ова е новата цена од вечерва

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени...

Македонија13 часа

МВР санкционира 2.508 сообраќајни прекршоци на територија на цела држава во текот на продолжениот викенд

Во текот на изминатите денови, односно во петокот и деновите од празничниот викенд (28/29/30/31.03) во рамки на редовните сообраќајни контроли...

Македонија13 часа

(ФОТО+ВИДЕО) Во Манастирот Рајчица одекна новиот „Благовесник“

Во прославениот и прекрасен духовен дом на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица одекна моќниот благоѕунлив звук на новата камбана–благовесник,...

Магазин15 часа

BlackBerry повторно на пазарот: Дали легендарниот бренд се враќа со 5G смартфон?

Легендарниот телефонски бренд BlackBerry, познат по своите физички QWERTY тастатури, би можел да се врати на пазарот со нов модел....

Автомобили15 часа

BYD ја надмина Tesla: Полнач што е четири пати побрз од Supercharger?

Новата технологија на кинескиот производител BYD овозможува електричните автомобили да добијат автономија од 400 километри за само пет минути полнење!...

НАЈЧИТАНИ