Англиските премиерлигаши го поставиле датумот 8 јуни за рестарт на сезоната и последните девет кола да ги доиграат до јули, објави „Би-Би-Си.“.
Според „проектот рестарт“ кој го започнале клубовите, од 18 мај сите ќе може да се вратат на редовни и нормални тренинзи, а потоа за три недели прктично да достигнат одредено добро ниво на физичка подготовка и веќе од почетокот на јуни да продолжат со мечевите во кои главната битка ќе се води за европските места, како и за опстанокот, зашто Ливерпул е на само две победи до верификување на титулата.
Премиерлигата е прекината на 13 март после пандемијата со коронавирус, а за петок е најавен нов состанок, на кој ќе треба да бидат познати сите детали, од протоколот за заштита кој ќе се воведе за да се доигра сезоната, преку стадионите на кои ќе се игра и начинот на кој ќе бидат завршени преостанатите 92 меча.
Во изминатиов период еден куп информации се појавија од тоа дека сезоната ќе се доигра само на Вембли, или пак на тренинг-центарот на ФА и на уште еден стадион во регион во кој има најмала стапка на заразеност од Ковид-19.
Сепак, последен збор има владата на Велика Британија за одредување на датумот во координација со здравствените власти, но Премиерлигата веќе доби поддршка од властите да се подготвува за рестарт на сезоната набрзо. Сепак, ќе има пет мерки кои секој клуб ќе мора да ги исполни, а меѓу нив е и засилено тестирање на Ковид-19.