Култура
Утре е „Велики Петок“ – обичаи и верувања за најтешкиот ден во годината
Утре е Велики Петок — ден од Страдалната Седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос. Овој ден е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.
Велики петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жрва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.
Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.
Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Великпеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Одлуката за погубување на Христос на Велика Среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот). Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Великпеток.
Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков грев Римјаните морале да го казнат сторителот. Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал “Распни го! Распни го!”. Затоа откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот.
И денес, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”. Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обестиниле Исусовите зборови дека “и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог”.
Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син. Јосиф од Ариматеја отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат. Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото.
Култура
Православните Христијани ја дочекуваат Стара Нова година – „Василица“, вечерва се палат традиционални огнови, а утре се крши пита со паричка, на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.
Православните Христијани, чии цркви го користат Јулијанскиот календар вечерва ја пречекаа Православната нова година, која почнува практично од денес, додека утре е Василица. Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и пита со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Краток прилог од колегите од Телевизија „Стар“ и појаснување зошто се крши паричката на овој ден од, Протојереј Добрица Јанев:
Култура
Празникот на љубовта и единството „БОЖИЌ“ – Христос се роди! Навистина се роди, за многу години да ѐ!
Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништлива жед на човекот кон доброто. „Христос се роди!“ – „Навистина се роди!“
Со овие зборови православните верници денес си го честитаат празникот Божиќ, раѓањето на синот божји, Исус Христос.
Ова се денови кога се најпотребни мир и спокојство меѓу луѓето. Единство кај македонскиот народ и меѓу Македонците што живеат надвор од државава. Христос да биде единствената смисла на нашиот живот, да го љубиме секого како самите себе, да го почитуваме човечкото достоинство и правото на живот, на слобода и на име.
Божиќ или Божик е денот на христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Црквите кои го користат Грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември. Црквите кои го користат Јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари. Со вечерата на денот пред Божиќ (Бадник) завршуваат предбожиќните пости.
Во повеќето земји во светот со значителен дел на христијанско население, вклучувајќи ја и Република Македонија, Божиќ е празник и неработен ден.
*Спонзорирано видео:
Култура
Дeнот на очекување на радосната вест, денеска е „БАДНИК“, да се помолиме за здравје, среќа, љубов, мир и благосостојба!
Денес е Бадник, додека истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето”.
Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.
Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Поели дедо Боже да вечераме.” На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.
На Бадник, во повеќе краишта на Македонија се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци. Во некои краишта овој обичај се изведува на Василица.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ, како што запишал К. Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник”. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските, за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело да се раќаат се женски од живата стока на домаќинот т.е. јагниња, телиња, коњи и сл.” Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер”, а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно”. Во Дебарско, според записите на В. Икономов, исто така, внимавале “да остане едно парче недогорена гламна коешто секоја вечер од Божик до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино – за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток.
Во Струга децата одејќи по коледа носеле дрвени чеканчиња со кои тропале по влезните врати и пееле:
– Сива, сива голабица,
каде си се осивила?
– Таму горе на бел Дунав.
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златрна чаша, иконата,
да служиме млада Бога,
млада Бога Божикова,
Божик ми е на небеса,
слава му е на земјата.
Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.
Интересни обичаи поврзани со овој празник сè уште се изведуваат во Западна Македонија, поточно во с. Битуше. Денот пред Бадник се вика Кршенделија и тогаш при ставање на софрата се става и каленик (чинија) со ореви.
Секој зема по неколку и ги крши при што се верува дека ако тие се здрави, односно со бели и големи јатки и годината ќе биде плодна, односно семејството ќе има напредок. На Бадник, рано наутро, децата оделе во гората да соберат бодници (бадници). Тоа се дабови гранки коишто потоа стоеле покрај домашната икона односно покрај иконата на светецот заштитник. Вечерта кога ќе седнеле на вечера сите се фаќале за бадниците, при што едно бадниково гранче фрлале во разгорениот оган. Верувајќи дека оваа ноќ може да биде опасна поради негативните демони, луѓето ги затворале портите верувајќи дека со тоа им го зџатвораат и простапот на нечистите сили. Тоа трело до пеењето на првите петли кога сите станувале и се подготвувале за одење „в црква”.
-
Хороскоп2 дена
Празничен Хороскоп за вторник (14 јануари)
-
Кичево1 ден
(ФОТО) Пациенти се жалат дека кругот на кичевската Болница е под снег и мраз, тешко се стигнува до медицинските врати, надлежните последно исчистиле пред два дена!
-
Кичево2 дена
(ГАЛЕРИЈА) Ова се традиционалните кичевски огнови кои ни ги испративте да ги додадеме во големиот „Василичарски“ албум, за многу години!
-
Кичево2 дена
„Порта.мк“ албум од традиционални „Василичарски огнови“ 2025 од Кичево и кичевско, испратете фотографија од вашиот василичарски огон, вечна традиција, за многу години!
-
Хороскоп17 часа
Хороскоп за среда (15 јануари)
-
Временска прогноза16 часа
Доаѓаат минусни температури и преку ден, ќе имаме силен мраз и замрзнати површини
-
Магазин22 часа
(ВИДЕО) Среќна ви Нова Година со чиста душа, спокојна, и со радост и со славје и догодина со здравје, каланда на дечињата од кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“
-
Култура2 дена
Православните Христијани ја дочекуваат Стара Нова година – „Василица“, вечерва се палат традиционални огнови, а утре се крши пита со паричка, на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.