Култура
Џамбо со нов „уникатен“ музички проект „Macedonian All Stars“ заедно со маестро Мишел Трајковски
Новиот проект на маестро Џамбо Агушев се вика „Macedonian All Stars“.. заедно со еден од најпознатите Македонски хармоникаши Мишел Трајковски
За овој екстра спој како што другите го нарекуваат „страшилиште од проект“ беа задолжени следните уметници: Иван Кукиќ на бас гитара, Ратко Даутовски перкусии и Дејвид „Дејв“ на соло гитара.
Преслушајте и уживајте…
Култура
Денеска е Св.Архангел Михаил, на помош празникот на војводата на сите ангели!
Празникот на Aрхангел Михаил се нарекува уште и празник на војводата на сите ангели. Инаку според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 6 септември
Главниот празник на свети архангел Михаил се празнува на 8 ноември (јулијански календар). Се вика Собор на свети архангел Михаил. Денес, пак, црквата утврдила да се празнува споменот на неговите чуда што се случија во местото Хони, близу Ерапол во Фригија, каде што подоцна исто во спомен на неговите чуда беше подигната црква посветена на свети архангел Михаил.
Но во ноември пак меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на свети архангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.
Тогаш именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…
Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.
Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.
Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј.
Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.
Театар
Во Кичево после подолго време доаѓа еден од првите „стенд ап“ комичари – Марјан Георгиевски, картите се пуштени во продажба, ќе биде забавно!
Во сабота на 16.11 – 20:00ч во Центарот за култура – „Кочо Рацин“ од Кичево, доаѓа големата стенд ап турнеја на Марјан Георгиевски. Еден од првите стенд ап комичари во Македонија, конечно после цели петнаесет години прави ваков исчекор на задоволство на публиката.
Насловот на турнејата е „За македонските работи“
– „Имено, ова е текст кој се бави со еден народ, со една земја, со еден менталитет, навики и обичаи. За Македонците во минатотот, сегашноста и иднината. Оваа турнеја е за сите нас кои што останавме овде, но и за оние кои заминаа. Ветувам едно поинакво сценско доживување со новитети кои не се користат во стенд ап настапите кај нас.” – на кратко истакна Марјан.
Картите од по (300ден) се веќе во продажба во кичевските локали: „Квадрат Кафе“, „Институт“, „Чек Ин Кафе“ и „Клуб Република“.
Култура
Денес е „Митровден“, се вели дека од денес започнува зимата. Честита домашна слава и именден до сите кои слават!
Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на денешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.
Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.
Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.
Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.
Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.
Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“
Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.
По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.
Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.
На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.
За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.
Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на свети Димитриј го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).
Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов дeн“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој дeн, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него, поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).
Тропар
Свети великомаченик Димитриј – Митровден
Како голоем херој во бедите Те најде вселената, страдалнику победувајќи ги незнабошците. Па како што ја скрши Лиевата гордост а го поттикна на смел подвиг Нестора, така свети Димитрие, на Христа Бога моли се, да ни дарува голема милост.
-
Кичево2 дена
Пополнета рубрика 2024: „Зошто вредиТ да си од Кичево“ – некои натписи сигурно за прв пат ќе ги прочитате
-
Хороскоп19 часа
Хороскоп за четврток (21 ноември)
-
Хороскоп2 дена
Хороскоп за среда (20 ноември)
-
Временска прогноза22 часа
Нашиот регион пред циклон од врнежи од дожд и заладување
-
Кичево1 час
Во пресрет на новогодишните празници „Intellect Education“ од Кичево организира „Новогодишна магична работилница“ – каде со креативноста на вашите деца ќе создаваат производи
-
Култура12 часа
Денеска е Св.Архангел Михаил, на помош празникот на војводата на сите ангели!
-
Автомобили1 ден
Истражување: Возачите најзадоволни од овие автомобилски брендови
-
Автомобили1 ден
Како да го продолжите животниот век на вашиот акумулатор?