Членовите на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, со низа активности го одбележуваат Светскиот ден на извидништвото, 22 февруари, а во склоп на ова одбележување и под мотото „Направи добро дело“, беше спроведена и крводарителната акција на која се одзваа голем број членови на одредот.
– Светскиот ден на извидништвото, 22 февруари го одбележуваме со повеќе активности. Така во соработка со одделот за трансфузиологија од нашата болница, спроведовме крводарителна акција на која се одзваа поголем број на наши членови, при што беа собрани 25 единици крв. Благодарение на сите хумани граѓани кои одвоија дел од своето време, за да направат добро дело, оваа акција беше успешно реализирана. Крводарителната акција нашиот извиднички одред ја спроведува веќе 4 години – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, кој прослави 65 години од своето формирање.
Покрај крводарителната акција, извидниците од кичевскиот одред ќе спроведат и прошетка и екоакција на планината Илиница, а ќе учествуваат и на ноќното искачување на Водно, на кое ќе земат учество членови на извиднички одреди од целата наша земја.
-Денот на извидништвото ќе биде одбележан и со задолжителна прошетка до врвот на планината Илиница, каде како и ланската година ќе спроведеме и еколошка акција за чистење на отпадот што е фрлен од страна на неодговорни граѓани, кои престојувале на оваа планина. Исто така наши членови ќе земат учество и на ноќното искачување до Горно Водно, а тргнувањето на овој марш ќе биде, во недела, од градскиот плоштад во Скопје. Со сите активности ќе потврдиме дека сме добро организиран и екипиран извиднички одред – додаде началникот Стојаноски.
Искачувањето на планината Илиница ќе се изведе овој викенд, ако тоа го дозволи временската ситуација, во спротивно истото ќе се реализира во еден од наредните викенди.
Денес празнуваме еден невообичаен настан во кој се опишува победата над најголемиот страв на човекот – смртта, со кој воедно се навестува победата на Христос над Адот. Имено, станува збор за воскресението на четиридневниот мртовец Лазар, наречен уште и пријател Христов.
За личноста на Свети Лазар дознаваме од денешното евангелско четиво, кое ни укажува дека тој бил од Витанија, брат на сестрите Марта и Марија. Лазар тешко се разболел и умрел. Исто така и канонот за овој празник го покажува Христа како навистина близок пријател на Лазара: Си просолзил над пријателот, Спасителе мој. „Како што другаруваше со Лазар, Христос сака да другарува и со целото човештво. Поради таа причина и дојде – да го разбуди човештвото од гревовниот сон, кој го разделува од Него. Лазар, пријателот наш, заспал; целото човештво заспало, но ќе отидам да го разбудам (Јован 11,11). Кога Христос, пак, дошол на гробот на Лазар, Го предупредиле дека Лазар е веќе четири дена во гробот и дека можеби веќе и неговото тело е во фаза на распаѓање. Но, Дарителот на животот на сите, како на привремено заспан човек му се обратил и рекол: Лазаре излези надвор!, и Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со бела крпа врз главата. Тоа ни кажува дека смртта на човекот е само привремена, затоа што Бог сака да биде со нас во вечноста“ (Епископ Партениј Бигорски).
На нашите простори за Лазаревото Воскресение постојат голем број на традиции и обичаи. Повеќето од нив се окарактеризирани како народни, затоа што се однесуваат главно на сегашниот живот на човекот и содржат најразлични текстови за разни благослови: за стапување во брак на девојките и момчињата, благослови за здравје и благосостојба на домаќинот на куќата, сето тоа проследено со разновидни песни и ора. Сепак, постојат и прекрасни традиции главно од теолошки карактер, како што е денешната традиција, која датира од многу поодамна и била многу застапена на нашиве простори, а тоа е традицијата на собирање на врбови гранчиња.
Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки или Лазаринчиња, во негов спомен.
Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.
Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата, од традиционално направените Лазаринки, со голема љубов и побожност.
Во истиот ден на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.
Врбовите гранчињата се расфрлале низ храмот и им се раздавале на верните од страна на свештеникот во спомен на празникот Цветници, односно Христовото славно влегување во Ерусалим, смирено седнат на осле, а со разнобојните цвеќиња богато ги украсувале иконите и вратите на храмот. Некои од Христијаните си ги украсувале и своите домови за благослов од Бога, за родна година.
Официјално видео:
Во продолжение проследете ја нашата официјална галерија преку објективот на Јован Ангелески
Возљубени наши пријатели, на наша чест, преку нашиот медиум ве информираме дека на ден 27.04.2024г. (сабота), по повод празникот на „Лазаревото Воскресение“ (Лазарева Сабота) во нашиот град Кичево ќе се одржи свечена поворка за објава на Лазаревото Воскресение, а воедно и подготовка за претстојните празници на Влегувањето Христово во Ерусалим (Цветници) и најголемиот христијански празник на Воскресението Христово (Пасха).
Свечената Литија ќе започне од градскиот плоштад, во 11:00ч. и ќе се движи преку Булеварот „Ослободување“, до храмот на светите апостоли „Петар и Павле“, проследена од псалти, музичари на традиционални музички инструменти и верниот народ.
Ве покануваме сите кои сакаат да земат учество да се вклучат да ја возобновиме оваа древна традиција на радост заради Воскресението Лазарево и нетрпеливо очекување на Христовото Воскресение свечено носејќи врбови гранчиња испратени со традиционални пенија, т.н. каланди.
Датум: 27.04.2024г.
Почеток: 11:00ч на градскиот плоштад во Кичево.
Ве очекуваме низ дружба и песна да го прославиме овој серадосен настан!
Еве како си поминавме пред 1 година, кликнете ТУКА