Кичево Култура

Колекцијата на скулптури во Кнежино ги одушевува посетителите

Целокупниот опус на скулптури што во изминатите 15 години го создадоа скулптори од целиот свет го красат предворјето од Куќата на уметноста во селото Кнежино. Во оваа колекција на отворен простор се наоѓаат скулптури од четири континенти. Како што велат од покровителот на Кичевската колонија, АД „Тајмиште“, оваа збирка на скулптури и понатаму ќе се збогатува и дополнува.

– Откако е отворена Куќата на уметноста во селото Кнежино, во 2003 година, поголемиот дел скулптури, претежно од метал, што се создадени од вајарите учесници на изминатите 15 ликовни колонии, се поставени во предворјето на Куќата на уметноста, околу 50 скулптури со разни форми и големини го красат овој простор. Во оваа поставка има скулптури од Роџер Томсон од Нов Зеланд, Весела Стаменова и Павел Василев од Бугарија, Весна Осојнички и нејзиниот колега од Хрватска, Никола Ненадиќ, нашите мајстори на скулптурата Васил Василев, Слободан Милошески и Андреј Минески, потоа Михаил Туарегу од Романија, Власта Вујошевиќ од Црна Гора и многу други. Овие скулптури се работени во халата на нашата компанија – вели Горан Донески, уметничкиот директор на колонијата, која годинава го прослави 25-годишниот јубилеј.

Посетителите на Куќата на уметноста со одушевување зборуваат за поставката во предворјето на овој објект, лоциран во недопрената природа во близината на селото Кнежино и манастирот „Свети Ѓорѓија Победоносец“.

– Секогаш кога сум тука се воодушевувам од глетката, од големиот број скулптури создадени од мајсторите на просторната уметност. Иако живеам надвор од земјава, сепак често во мислите се навраќам на овој простор и ова богатство во предворјето на Куќата на уметноста, каде што на едно место се споени природната убавина и убавината создадена од човечка рака – вели Цветан Ѓуроски, родум од овој крај, кој повеќе од шест децении живее во Белград.

Дури и некогашните жители на овој регион, кои денес живеат во Западна Европа или во Австралија, задолжително го посетуваат овој објект и прават фотографии како спомен што ќе го понесат од родната земја.

 Инфо: Зоран Антоски