НАСА ги претстави најновите сознанија од мисијата Јунона, чија задача е одблиску да ја анализира планетата Јупитер.

Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр“, покажува дека на огромната гасна планета постојат атмосферските ветрови кои продираат длабоко во внатрешноста и траат неспоредливо подолго од ветровите и бурите на Земјата. Јунона сними џиновски циклони на двата пола на Јупитер, кои се толку големи што ги покриваат половите на планетата и предизвикуваат атмосферски појави што не се стреќават на друго место во Сончевиот Систем. Се случува џиновски циклон да биде опкружен од 5-6 помали бури со дијаметри од 5.600 до 7.000 километри кои ротираат околу него.

Истражувањето на сондата е фокусирано на внатрешноста на Јупитер, неговото јадро и евентуално – неговото потекло.

Главниот истражувач во проектот Јунона и професор на Југоисточниот истражувачки институт во Сан Антонио, Скот Болтон вели дека „Јунона завршила само една третина од својот пат кон главната цел, и веќе гледаме сосем нов Јупитер“.

– Галилео Галилеј ги забележа карактеристичните шари на Јупитер пред повеќе од 400 години. Досега ние имавме само површни сознанија за нив, и не бевме во можност да ги поврземе со атмосферските појави. Следејќи ги мерењата на Јунона на гравитацијата на Јупитер, сега знаеме колку тие шари се длабоки, и од што се составени. Ова е како од дводимензионална фотографија да добиете тродимензионален приказ, и тоа во висока резолуција, објаснува истражувачот Јохаи Каспи од израелскиот Вајцман институт за  наука, кој исто така е вклучен во мисијата.