Култура
Утре е „Велики Петок“ – обичаи и верувања за најтешкиот ден во годината
Утре е Велики Петок — ден од Страдалната Седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос. Овој ден е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.
Велики петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жрва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.
Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.
Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Великпеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Одлуката за погубување на Христос на Велика Среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот). Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Великпеток.
Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков грев Римјаните морале да го казнат сторителот. Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал “Распни го! Распни го!”. Затоа откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот.
И денес, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”. Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обестиниле Исусовите зборови дека “и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог”.
Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син. Јосиф од Ариматеја отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат. Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото.
Култура
Утре е Св. Ѓорѓија, заштитник на сиромашните, лекар на немоќните – за многу години слава и именден!
Утре верниците со православна вероисповед го празнуваат посен свети Ѓорѓија. Освен како семејна слава и се чекаат гости денес и утре, овој голем ден се празнува и како именден и како слава на цели села и градови. „Како ослободител на плениците и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души“.
Овие стихови пред векови му беа посветени на празникот кој се одбележува денес за Свети великомаченик Георгиј Победоносец
Во жестоката борба меѓу доброто и злото, издржал надчовечки мачења и станал Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се. На иконата Св. Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. Приказот на свети Ѓорѓија како ја убива ламјата е заснован на попууларна легенда во христијанската митологија.
Според легендата Св. Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во 494. тој е прогласен за светец.
Во Македонија постојат многу цркви посветени на Св.Ѓорѓија, од кој најстара е онаа во преспанскиот регион, близу до живописното село Курбиново, во пазувите на планината Пелистер. Според времето на живописување, забележано на натписот на северната страна со грчка сигнатура, се претпоставува дека црквата била подигната во годината 1191.
Она што импресионира и восхитува во оваа црква е нејзиниот живопис, што заедно со оној од црквата Свети Пантелејмон крај Скопје, претставува едно врвно и оригинално остварување од периодот на Комненската уметност во Македонија.
Култура
Помолете се за здравје, на врата ни е „Пресвета Богородица Пречиста“, на помош слава домаќини, за многу години!
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос.
Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
Инаку да потсетиме, од вчера вечер во нашиот преубав кичевски Манастир Св.Богоридица Пречиста, во чест и по повод празникот Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста до рано утрово се реализира сеноќно Бдение кое започна од вчера 22:00ч, каде чиноначалствуваше нашиот духовен татко, Епископ Г. Партениј Антаниски.
За многу години домаќини!
Култура
Викарниот Епископ на ДКЕ – Партениј, отслужи Заупокоена Света Литургија во чест на блаженоупокоениот г. Тимотеј
Во духот на длабоката почит и љубов кон својот архипастир, викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Преосвештениот г. Партениј, отслужи Заупокоена Света Литургија во чест на блаженоупокоениот митрополит г. Тимотеј. Литургијата се одржа во храмот „Св. Климент Охридски“ на Плаошник, Охрид, соборувајќи бројни свештенослужители, монаштво и верен народ, кои се собраа да го испратат својот сакан архијереј со молитви за неговиот вечен покој.
Викарниот епископ г. Партениј, кој со години служејќи во рамките на Дебарско-кичевската епархија беше духовно и пастирски поврзан со митрополитот Тимотеј, го предводеше богослужението заедно со архимандрити, свештеници и ѓакони од епархијата. Чесните мошти на митрополитот Тимотеј беа изложени во центарот на храмот, каде што верниците изразија својата почит и благодарност за животот и делото на својот архипастир.
Дебарско-кичевската епархија, како дел од која се наоѓаат многу цркви и манастири, беше под духовната грижа на митрополитот Тимотеј, чиј архипастирски труд овозможи не само обновување, туку и силен духовен раст на монаштвото и свештенството. Викарниот епископ г. Партениј, како негов најблизок соработник, со посебна љубов и послушание ги следеше пастирските начела на својот архиереј, сведочејќи за единството и посветеноста во служењето на Црквата, а во текот на службата ја истакна големината на љубовта и пожртвуваноста на митрополитот Тимотеј, кој со своите благословени раце замонаши и ракоположи многу од сегашните монаси, јероѓакони, свештеници, јеромонаси и архимандрити.
Оваа заедничка грижа и духовно раководство во епархијата продолжуваат да бидат сведоштво за длабокото наследство што митрополитот Тимотеј го остави зад себе. Народот, свештенството и монаштвото на Дебарско-кичевската епархија се соединуваат во молитвата и надежта дека Бог ќе го прими својот верен слуга во вечната радост на Небесното Царство.
Светиот архијерејски синод на МПЦ–ОА одреди датумот за погребението на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе се одржат во четврток, на 28 ноември 2024 година, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот, под началство на Архиепископот г.г. Стефан и надлежните архијереи.
Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир, каде што ќе почиваат моштите на саканиот архиереј.
Царство небесно и вечен спомен на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј!
Галерија од настанот – ТУКА
-
Хороскоп1 ден
Хороскоп за петок (13 декември)
-
Временска прогноза1 ден
Викенд метео вести: Доаѓа нов ладен и влажен бран кој ни носи дожд, силен ветер и снег на места под 1000 н.м.в, што значи превој „Стража“ би можел повторно да биде под снег
-
Хороскоп1 час
Хороскоп за сабота (14 декември)
-
Магазин2 дена
Не секој iPhone е ист: Како да дознаете од каде доаѓа вашиот уред
-
Спорт11 часа
Македонија во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн за квалификации за СП 2026
-
Магазин1 ден
iOS 18.2: Вештачката интелигенција го прави iPhone попаметен
-
Технологија3 часа
(ВИДЕО) Што може најмоќната „Google AI“ – „Gemini 2.0“ ?
-
Магазин1 ден
Threads тестира напредни функции за пребарување