Со задоволство можеме да информираме дека нашата идеја и желба да го порибиме Осломејското езеро денес ја реализиравме. За да ја реализираме оваа идеја на доброволна база собравме околу 120 илјади денари, за кои пари набавивме 350 килограми крап со тежина од 1,5 до 3 килограми по парче и 50 килограми возрасен толстолобик. Рибата за првото порибување ја набавивме од рибникот и мрестилиште„ Акватика“ од Неготино. Со овој потег очекуваме да се зголеми количеството на риба во ова езеро, кое во блиска иднина ќе биде посакувана дестинација за голем број риболовци, како од градот така и од соседните градови. Во текот на пролетта ќе го изведеме и второто порибување на езерото со крапска риба, по што Осломејското езеро ќе може да организира и натпревари во спортски риболов и да биде привлечно за сите љубители на убават природа-рече Љупчо Крстески, еден од иницијаторите за оваа идеја.
Сите беа презадоволни што на овој начин е збогатен рибниот фонд на езерото, кое со својата големина и длабочина од над 50 метри е се уште неоткриена убавина во земјава.
-Нашите планови да го порибиме Осломејското езеро денески ги реализиравме откако со свои средства обезбедивме над 400 килограми крап и толстолобик. Не само што ќе продолжиме да го порибуваме езерото и во наредните сезони, наша паралелна цел е да го искултивираме крај езерскиот појас, да обезбедиме што подобар пристап и пат до езерото, што секако ќе помогне за негова и поширока и афирмација. Сакаме да потврдиме дека без никаква помош од заедницата создадовме претпоставки ова езеро да биде нов епицентар за спортски риболов и туризам а се наоѓа на само 4 километри од градот Кичево. Сме прошетале по многу езера низ земјава кои се веќе афирмирани, но повеќето од нив се и помали и со нестабилен водостој, затоа ова езеро убедени сме дека има убава иднина- истакнаа Александар Коруноски и Мире Ночески, дел од тимот кој го иницираше ова порибување.
Инаку ова езеро настанато во депресиите од рудникот за јаглен Осломеј, а со вада се храни од три подземни извори, што му овозмоува да има константен вододтој и кристално чиста вода.
Текст и Фото: Зоран Антоски