1-ви мај е меѓународен празник кој се слави ширум светот. Во многу земји се поистоветува со денот на трудот кој произлезе од традициите на работничкото движење, иако славењето на први мај има длабоки корени во древните пагански празници посветени на природата.
Празникот на трудот кој се празнува на првиот ден од мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на работничките права, всушност е ден на кој се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго.
Во Македонија Први мај е државен празник, како и во повеќе земји во светот. Се до 2006 година Први мај се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено кај нас, овој ден се користи за излети во природа. Скоро секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто зелени прекрасни ливади покрај вода каде населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува денот на трудот.
Слично како и кај нас така и во други европски држави овој ден се прославува во природа покрај логорски оган на кој се спрема скара или некое друго јадење. Во некои земји во Северна и Централна Европа, во природа се излегува ноќта спроти Први мај (Валпургина ноќ) и се прославува плодноста, при што се пие и пее долго во ноќта покрај запалените огнови.
За разлика од ваквото празнување, кое има корени во паганското чествување на природата, во некои држави работничките синдикати организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права при што често пати има и судири со полицијата.
Кај нас тоа е само симболично, што е одраз на традициите и културата на славање на овој празник како и на нивото на зрелоста на синдикалната организација.